Достапни линкови

Златото и доларот или изборите ги топат девизните резерви


Народната банка објави дека во првиот квартал од годинава девизните резерви се намалени за 51,8 милиони евра. Опозицијата обвинува дека не е сосема јасно како се случило ова намалување.

Падот на девизните резерви во првиот квартал од годинава се должи на движењето на цената на златото и на доларот и не станува збор за никакво трошење на девизните резерви, појаснува професор Сашо Арсов кој е вклучен во процесот на управување со девизните резерви во Народната банка.
Претходните години ние имавме извесно зголемување кое се должеше на порастот на цената на златото, сега тоа практично се поврати назад.
Сашо Арсов, универзитетски професор вклучен во процесот на управување со девизните резерви во Народната банка.

„Претходните години ние имавме извесно зголемување кое се должеше на порастот на цената на златото, сега тоа практично се поврати назад, некаде од јануари досега. Очекувањата се дека таа цена ќе се стабилизира, па дури и може малку да се покачи до крајот на годината, така што тоа не е ништо страшно“, вели Арсов.

Народната банка објави податок дека во првиот квартал од годинава девизните резерви се намалени за 51,8 милиони евра. Опозицијата обвинува дека не е сосема јасно како се случило ова намалување. Доколку тоа се случило со цел да се покрие буџетската дупка, тоа е показател дека за време на избори Владата троши повеќе отколку што може да собере, вели Маријанчо Николов од СДСМ. Доколку станува збор намалување на девизните резерви поради движење на цените на златото и на доларот тогаш станува збор за лоша проценка, обвинува опозицијата.
Па ако 50 милиони долари се изгубат поради падот на цената на златото или доларот, тогаш Народната банка треба да си ја преиспита политиката на пресретнување на евентуалните ризици од такво движење на берзата на цените на металите или од движењето на курсот на доларот.
Марјанчо Николов, СДСМ.

„Па ако 50 милиони долари се изгубат поради падот на цената на златото или доларот, тогаш Народната банка треба да си ја преиспита политиката на пресретнување на евентуалните ризици од такво движење на берзата на цените на металите или од движењето на курсот на доларот“, вели Николов.

Економистот Висар Адеми не го оспорува фактот дека флуктуацијата на цената на златото и на девизите влијаат на намалениот портфолио на девизни резерви, но не може да се верува дека не станува збор и за трошење на девизните резерви во време на избори.

„Мислам дека и се должи многу на поголемо трошење во предизборието и тоа е да кажеме голем фактор во намалувањето на девизните резерви“, вели Адеми.

Професор Арсов успокојува во последниве години девизните резерви се стабилни и на благо растечко ниво така што не постои опасност од нивно топење во скоро време.

„Оние фактори на голем увоз на пример, што би било проблем, ги немаме. Напротив, имаме извесно намалување на тој трговски дефицит, пред сè поради неколку странски инвестиции, како Џонсон контролс, Џонсон Мети кои се значајни извозници, така што во тој поглед немаме некоја реална опасност дека би имало топење на девизните резерви во скоро време“, вели Арсов.

Сепак Адеми потсетува и дека честите избори во Македонија во услови на недостиг од странски инвестиции како реален двигател на економијата го прави ваквиот тренд опасен.

„Тоа е опасно затоа што приватниот сектор не ја презема таа улога што би требало да ја има, креирање на работни места и поголем извоз од Македонија“, посочува Адеми.
XS
SM
MD
LG