Достапни линкови

Сергеј Андреевски со „Кучиња“ во САД


Македонскиот сликар Сергеј Андреевски со делата од својот најнов циклус „Кучиња“.
Македонскиот сликар Сергеј Андреевски со делата од својот најнов циклус „Кучиња“.

Македонскиот сликар Сергеј Андреевски по прв пат ќе ги изложи делата од својот најнов циклус „Кучиња“ на заедничката постановска со своите колеги Герлинде Пистнер од Германија и Американецот Дик Робертс, што од 21 февруари и во наредните месец дена се одржува во Саутпорт, град на брегот на Атлантикот во сојузната држава Њујорк. Станува збор за проект на тројцата интернационални уметници реализиран во ноември минатата година со наслов „Еден мал круг од светот“.

„Андреевски чекори наназад, ја преиспитува зелената боја на сликата со две четириножни суштества налик на кучиња, испревртени горе-долу. Одеднаш, тој скокнува кон сликата и со жестоки удари на четката остава дебели слоеви боја, чекорејќи напред-назад. Само неколку минути потоа, сликата е целосно сменета. Се појавува лице, а кучето од горниот дел на платото е трансформирано во круна налик на онаа од Статуата на слободата!‟
Се работи за еден вид танцување со сликата. Ја допираш – некогаш нежно, некогаш многу силно. Некогаш ќе ставам само точка, а потем ќе ја свртам сликата од обратна страна.
Сергеј Андреевски, сликар.

Ова, меѓу другото, во подолгиот текст посветен на творештвото и уметниците од проектот „Еден мал круг од Светот“, ќе го забележи Џастин Лејси, дописник на весникот „Старњуз“. А, македонскиот уметник, во пресрет на отворањето на изложбата во Саутпорт, вели дека Лејси неколку дена бил на ноемвриската работилница и дека се трудел да биде „невидлив“, но со големо внимание го следел процесот на настанување на делата и енергијата што како вруток бликала на сите страни.

„Се работи за еден вид танцување со сликата. Ја допираш – некогаш нежно, некогаш многу силно. Некогаш ќе ставам само точка, а потем ќе ја свртам сликата од обратна страна. Јас не забележав дека тој ме следи додека работам.“
Сите оние рационални моменти ги забораваш. Тој дел на мозокот го исклучуваш. И едноставно и се препушташ на играта. Боите доаѓаат во твоите раце, се истиснуваат и оставаат траги на платното или хартијата, сеедно.
Сергеј Андреевски, сликар.

Говорејќи за творечкиот процес, за сликањето Андреевски потенцира дека се работи за еден вид транс и дека тој токму затоа милува да создава придружен од музиката на своите омилени автори.

„Сите оние рационални моменти ги забораваш. Тој дел на мозокот го исклучуваш. И едноставно и се препушташ на играта. Боите доаѓаат во твоите раце, се истиснуваат и оставаат траги на платното или хартијата, сеедно. “

На оваа изложба сликарот по прв пат ќе претстави 20 дела од својот нов циклус насловен „Кучиња“. Тој истакнува дека и порано овие животни како придружни елементи биле присутни во неговото творештво, но дека сега почувствувал потреба да потпише еден цел циклус за кој, пак, бил инспириран од сопствената тага по двете кучиња кои долго го пречекувале во домот во Слоештица и кои биле отруени непосредно пред неговото ноемвриско патување во САД.
Кога отидов таму некако спонтано ми дојдоа кучињата. Јас тоа не го планирав. Никогаш во моето творештво не ги правам фазите однапред, туку едноставно спонтано ми доаѓаат.
Сергеј Андреевски, сликар.

„Кога отидов таму некако спонтано ми дојдоа кучињата. Јас тоа не го планирав. Никогаш во моето творештво не ги правам фазите однапред, туку едноставно спонтано ми доаѓаат. Инаку, моето творештво, воопшто сликарството е како џез. Се експериментира многу. Е, овојпат изгледа длобоко потсвеста ми проработи и така почнав. После таа игра оди до бесконечност и сигурен сум дека во наредниве неколку години тоа ќе биде мојата следна преокупација во сликарството.“

Инаку, „Еден мал круг од Светот“ не е првиот заеднички проект на Андреевски, Дик Робертс и Герлинде Пистнер. Со „македономанот“ од САД како што тој го нарекува, нашиот уметник има многу изложби зад себе, а со германската уметница заеднички се претставија пред деценија и половина во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид. Оваа нивна нова соработка не била тематски условена и она што нив како творци ги врзува во овој случај е што во новата галерија во Саутпорт се претставуваат со дела од своите нови циклуси.

„Гелинде прв пат направи портрети, а Дик влезе во некои сосем нови игри на своите апстрактни слики. Сето тоа го испровоцира новинарот да го напише текстот што беше публикуван во „Старњуз“, а таму се најде и еден дизајнер кој што направи и видео за самиот процес и целосното создавање на нашите дела.“
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG