Достапни линкови

Црниот Орфеј на Ѓорѓи Митревски конечно и во Скопје


Три фотографии во голем формат од серијата „Есенска песна“ и седум мали од циклусот „Црниот Орфеј“ ќе бидат претставени на изложбата на Ѓорѓи Митревски, што од 14 до 21 февруари ќе се одржи во Автономниот културно социјален центар во Скопје. Станува збор за поставка чија тема е сексуалноста и која домашната публика ќе ја види по презентациите во Њујорк, Париз и во Сараево.

Делата на македонскиот уметник Ѓорѓи Митревски конечно стигнаа дома. По постановките во Њујорк, Париз и во Сараево, селектирани фотографии од неговите два последни циклуси насловени како „Црниот Орфеј“ и „Есенска песна“, до 21 февруари, ќе бидат изложени во Автономниот културно социјален центар во Скопје. Следејќи го сопственото авторско кредо, уметникот во нив се бави со сексуалноста низ времето.
Јас на почетокот бев инспириран од фактот дека во неолитското време, кога човештвото било младо, сексуалноста имала сосема друг контекст.
Ѓорѓи Митревски, уметник.

Ѓорѓи Митревски.
Ѓорѓи Митревски.
„Црниот Орфеј е, во принцип, инспириран од еден голем „шифт“ или поместување на сексуалноста и на женското тело во сето тоа. Јас на почетокот бев инспириран од фактот дека во неолитското време, кога човештвото било младо, сексуалноста имала сосема друг контекст. На човештвото воопшто не му било познато дека плодноста или оплодувањето е поврзано со сексуалниот чин. Се мислело дека жената се оплодува од северниот ветар, од морето и т.н“, вели тој.

На почетокот јас направив една серија фотографии, серија актови кои што имаа кореографија која би требало да ја долови симболиката на женското тело во античките ритуали, едни типични пози онака како што ние ги замислуваме, според она што ни е познато од литературата за мистичните култови.
Ѓорѓи Митревски, уметник.
Митревски дополнува дека морало да биде силно сознанието во античко време, како што знаеме од тогашните митови, кога впрочем и настанало тоа поврзување и кога женското тело има една силна, симболична и голема улога. Тој ова сознание го поврзува со денешново време во кое не само што се девалвирани сексуалноста и женското тело, туку и самиот ритуал.

„Затоа на почетокот јас направив една серија фотографии, серија актови кои што имаа кореографија која би требало да ја долови симболиката на женското тело во античките ритуали, едни типични пози онака како што ние ги замислуваме, според она што ни е познато од литературата за мистичните култови. Подоцна преку една колажна техника јас ги поместив овие типични антички позиции во еден современ концепт од типот на „диско“, подиум за танцување, Пигал“, вели уметникот.

Во „Есенска песна“, пак, Митревски ја продолжува сторијата од циклусот „Црниот Орфеј“, со тоа што овојпат женскиот акт го поместува во атмосферата на париските атељеа од 20-от век.
Ние во почетокот на модернизмот наоѓаме дури една незаинтересираност за симболиката на женското тело и на сексуалниот чин.
Ѓорѓи Митревски, уметник.

„Ние во почетокот на модернизмот наоѓаме дури една незаинтересираност за симболиката на женското тело и на сексуалниот чин. Имаме еден воздушест амбиент на сликарското атеље каде што женското тело ни се претставува како објект преку својата структуралност, преку својата текстура, значи ослободено од секаква симболика и во едно чисто постоење“, вели Митревски.

Од таму, тој вели дека се решил ваквата инспирација да ја преточи низ фотографија и со симулирање на оние стандардни, аналогни фотографски техники за да притоа постигне ликовен ефект од дадениот материјал.

Говорејќи, пак, за актуелниот момент во сопственото творештво уметникот истакнува дека во работи на продолжување на идејата зачната токму со „Есенска песна“ при што, од технички аспект, решил да прави цртеж од фотографски материјал преку оној шум на дигиталната фотографија, сакајќи, всушност така да оствари благо поместување кон еден специфичен графички израз.

Ѓорѓи Митревски на македонската културна јавност и е познат и како дизајнер на обвивките на дискографските остварувана на повеќе артисти и бендови од Македонија, Франција, Турција и од Либан (Јордан Костов, ЉУБОЈНА, ФЕМИЛИ РЕУНИОН, Јола Калифе, АНСАМБЛ МОДЕРНА, Пиколомини, КЕМИКАЛ ВУДУ), а извесен период помина и на програмата на култното музичко радио Канал 103, каде реализира 40 концертни настапи во исто толку емисии каде гости му беа музичари и групи не само од локалната сцена, туку и од Бугарија, Србија, Италија, Шпанија и други земји. Компилацијата со овие снимки беше публикувана во 2009 година и претставува вреден документ за промовирањето на интересни имиња од светот на експерименталната и современата музика.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG