Достапни линкови

Се зголемува бројот на азиланти во Македонија


Архивска фотографија: Мигранти од Авганистан во Лојане.
Архивска фотографија: Мигранти од Авганистан во Лојане.

Во првата половина од минатата година, 650 луѓе побарале азил во македонските институции, додека, пак, вкупната бројка за цела 2012 година изнесува 630.

Сириjци, Авганистанци, Пакистанци, Алжирци, Мароканци и Сомалијци се баратели на азил во Македонија. Истражувањето на невладината „Аналитико“ покажува дека во изминативе три години драматично се зголемува бројот на мигранти коишто бараат азил во земјава. Според податоците од анализата, во првата половина од минатата година, 650 луѓе побарале азил во македонските институции, додека, пак, вкупната бројка за цела 2012 година изнесува 630. Првиот поголем раст на бројката на баратели на азил е во 2011 година и изнесува 811 од кои 474 баратели се со авганистанско потекло.
Кога се фатени од полицијата, во тој момент поднесуваат барање за азил и на тој начин избегнуваат, наместо да бидат сместени во прифатниот центар за странци којшто е од затворен тип, во прифатниот центар за баратели на азил каде што релативно лесно може да го напуштат и тоа се случува доста често.
Магдалена Лембовска, aвторка на истражувањето.

Авторката на истражувањето, Магдалена Лембовска, вели дека е детектиран висок ризик на злоупотреба на правото за барање на азил.
Архивска фотографија: Мигрант од Сомалија во Лојане.
Архивска фотографија: Мигрант од Сомалија во Лојане.

„Кога се фатени од полицијата, во тој момент поднесуваат барање за азил и на тој начин избегнуваат, наместо да бидат сместени во прифатниот центар за странци којшто е од затворен тип, во прифатниот центар за баратели на азил каде што релативно лесно може да го напуштат и тоа се случува доста често, да го напуштат овој центар уште пред да биде донесена одлука во врска со нивното барање и да се упатат во непознат правец“, вели Лембовска.

Таа додава дека ставката на одобрени барања за азил е многу ниска.
Од Грција, преку Македонија, Србија и продолжува кон Будимпешта како главен коридор и понатаму Виена, Австрија, односно продолжува кон север.
Трпе Стојановски, директор на МАРРИ регионалниот центар.

„Од една страна тоа може да се гледа дека мигрантите или барателите на азил немаат доверба дека би добиле азил во оваа држава и затоа го напуштаат центарот и се обидуваат таа апликација да ја поднесат на друго место“, вели Лембовска.

Додека Македонија како дел од Западен Балкан претставува извор на илегална миграција, таа сега стана и транзитна рута за мигрантите кои сакаат да стигнат до земјите членки на ЕУ, се заклучува во анализата.

Земјава е дел од таканаречената „Балканска рута“, која стартува од турско – грчката граница од каде што на мигрантите им се отвораат три опции за движење. Првата е по воздушен пат со влез во шенген зоната, потоа по воден пат со фериброд до Италија и третата е по копнен пат преку Бугарија или Македонија низ земјите од Западен Балкан до ЕУ. Откако мигрантите ќе ја поминат грчко - македонската граница, некои продолжуваат кон Србија, но многу од нив извесно време поминуваат во селата кои се наоѓаат во близина на српската граница како Лојане и Ваксинце. Според локалните пресметки, во анализата е наведено дека во овој регион има околу 300 мигранти.

Полицискиот советник од секторот за гранични работи и миграции Никола Мирчевски вели дека главниот правец на движење на мигрантите е влез од Грција или Бугарија кон Србија.

„Во најголем број станува збор за случаи на илегален влез помеѓу гранични премини, односно она што ние го викаме зелена граница. Значи ова е најчесто употребуваниот начин, во групи, поединечно, во големи групи итн. Постојат и канали коишто ги пренесуваат мигрантите и со употреба на патнички возила, такси возила, дури во одредени случаи и јавен превоз и транзитираат кон север“, вели Мирчевски.

Според истражувачите на оваа проблематика, миграцискиот бран во земјите од Западниот Балкан бележи пораст по војната во Авганистан и Арапската пролет. Според Министерството за внатрешни работи, бројот на илегални преминувања на македонската граница во 2012 година изнесува 225, додека само во првиот квартал од 2013 македонската граница нелегално ја поминале 193 луѓе.

Со оглед на случувањата во Сирија се очекуваат и поголеми напливи на бегалци од Сирија на територијата на земјите од Западен Балкан, е наведено во истражувањето. Според податоците на МВР во првата половина од минатата година 150 Сиријци побарале азил.

Директорот на МАРРИ регионалниот центар, Трпе Стојановски, вели дека една четвртина од нерегуларната миграција која што е присутна во регионот минува од Грција низ Македонија.

„Од Грција, преку Македонија, Србија и продолжува кон Будимпешта како главен коридор и понатаму Виена, Австрија, односно продолжува кон север“, вели Стојановски.

Првиот случај на криумчарење на мигранти од Авганистан во земјава е откриен во 2009-та година, а мигрантите биле пронајдени во камион кој го управувал македонски возач.

Според податоците од МВР, како што се зголемувал бројот на илегални мигранти, така се зголемувал и бројот на прокриумчарени мигранти, особено во 2012 година рипнал од 173 на 415. Во анализата е наведено дека најмногу загрижува фактот за малиот број на откриени криминални групи, додека криумчарењето на мигранти станува се поорганизирано и е поврзано со транс-национални организирани криминални групи.

Невладината Аналитико препорачува да се зголемат капацитетите за откривање и истрага на организираните криминални групи кои се занимаваат со илегална миграција. Во анализата е наведено дека со оглед на тоа што грчката граница е идентификувана како влезна, а српската како излезна точка за мигрантите, потребен е засилен надзор долж овие високо ризични гранични линии и да се обезбеди опрема за граничната полиција.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG