Достапни линкови

Автономни јавни простори во Македонија: последното засолниште на демократијата?


Елена Б. Ставревска, докторанд на политички науки и истражувач во областа на мировни студии.
Елена Б. Ставревска, докторанд на политички науки и истражувач во областа на мировни студии.

Постоењето и многубројноста на автономните јавни простори се неопходни да создавање на општествено ткиво што би претставувало основниот двигател на органско демократско општество, пишува во младинската ол лајн колумна на Радио Слободна Европа, Елена Б. Ставревска, докторанд на политички науки и истражувач во областа на мировни студии.

Во изминатите две ипол години бевме сведоци на протести во рамките на ненасилното глобално движење Occupy речиси во сите делови на светот. Групите што се дел од ова движење имаат различен фокус: додека Occupy Wall Street во Њујорк ја таргетира социјалната и економска нееднаквост, Occupy Buffer Zone во Никозија протестираше против поделеноста на островот и понудените решенија за спорот. Без оглед на нивните различни цели, она што овие групи имаат заедничко е креирањето на автономни јавни простори, во кои постојат хоризонтални, нехиерархиски односи и процеси на одлучување слични на оние во колевката на демократијата, агората во грчките градови-држави.
Старата скопска чаршија и тамошниот еснаф, на пример, и покрај некои од проблемите со кои беа соочени во периодот по осамостојувањето на државата, сѐ уште постојат и функционираат како, односно во релативно автономен јавен простор.

Под автономни јавни простори се подразбираат граѓански јавни простори, физички и виртуелни, во кои луѓето функционираат и живеат, а кои не се партиски и/или етнички поделени. Со други зборови, во контекст на сфаќањето на политиката како нешто што се случува во јавниот простор или јавниот живот и е резултат на интеракцијата помеѓу граѓаните, ова се простори чие постоење е своевиден отпор на деполитизацијата на општеството. Во Македонија постојат неколку можности за создавање или одржување на веќе постоечките автономни јавни простори, без разлика дали се тоа физички или виртуелни простори. Да разгледаме три од тие можности.

Првата ја наоѓаме во облик на старите чаршии што постојат во многу градови во земјата. Како центри околу кои настанале првите градски населби, пазарите отсекогаш биле простор за собирање на луѓе и размена не само на стока, туку и на идеи и размислувања. Оттаму, старите чаршии низ историјата имале слична функција. Старата скопска чаршија и тамошниот еснаф, на пример, и покрај некои од проблемите со кои беа соочени во периодот по осамостојувањето на државата, сѐ уште постојат и функционираат како, односно во релативно автономен јавен простор.

Од една страна, чаршијата успеала да го задржи мултикултурниот карактер не само во поглед на луѓето кои таму стопанисуваат, туку и луѓето кои ја посетуваат. Со тоа чаршијата пружа отпор на постоењето на етнички простори. Од друга страна, со оглед на тоа дека повторното заживување на локалите во чаршијата се случуваше истовремено со забрзаното загушување на останатите јавни простори во центарот на градот преку поставување на многубројни статуи, зголемената посетеност на чашијата може да се сфати и како вид на отпор кон ваквото просторно управување. Истовремено, преку социјализацијата што се случува меѓу чаршискиот еснаф, иако можеби далеку од митот што повеќето граѓани го имаат за чаршијата, поставена е основа за одржување и развивање на овој автономен јавен простор.

Втората можност за креирање на автономни јавни простори се сретнува во рамките на младинските здружувања. Постојат многу невладини организации кои барем декларативно работат во областа на креирање заеднички, натпартиски, наднационални платформи, но голем дел од активностите се иницирани неоргански и во зависност од расположливите донаторски средства. Меѓутоа, постојат и граѓански иницијативи кои се суштински органски во својот зачеток и во функционирањето. Таков е примерот со неодамна отворениот Автономен културно социјален центар (АКСЦ) во Скопје, што цели да обезбеди
Постојат многу невладини организации кои барем декларативно работат во областа на креирање заеднички, натпартиски, наднационални платформи.
„простор за уметничко, општествено-ангажирано критичко промислување и делување“. Одлучувањето во рамките на Центарот е хоризонтално и нехиерархиско. Истовремено, АКСЦ е инклузивен простор за луѓе со различни политички и идеолошки ставови, без оглед на нивниот статус и потекло, обединувајќи ги луѓето првенствено преку нивните заеднички интереси. Ваквите иницијативи, слично како и чаршијата, можат да послужат како темели за развивање на автономен јавен граѓански простор.

Третата и моментално видливо отсутна е можноста интелектуалците, првенствено академиците и уметниците, да ја преземат улогата на главни носители на одреден автономен граѓански простор за размена на идеи. Според многумина, ваквите простори се неопходни за нивна слобода во изразувањето и творењето, необременети од партиски влијанија. За жал, она што се случува е јавна партизација на интелектуалците во државата, нивно делување по линија на помал отпор и промовирање на нетолеранција кон неистомислениците, што го чини создавањето на некаков заеднички простор за дискусија од страна на овој слој на општеството невозможен.
Третата и моментално видливо отсутна е можноста интелектуалците, првенствено академиците и уметниците, да ја преземат улогата на главни носители на одреден автономен граѓански простор за размена на идеи.

Германскиот филозоф Хабермас зборува за јавната сфера како општествен простор во кој граѓаните, првенствено интелектуалците, дискутираат теми од интерес на јавноста со властите, со цел не само да бидат консултирани, туку и да се створи можност за организирање против можна злоупотреба на позицијата на моќ. Во услови на непостоење на ваква граѓанска јавна сфера, или јавен простор, според Хабермас постојат три „институционални критериуми“ како предуслов за нејзино креирање. Тие се: (1) занемарување на статусот, каде не се претпоставува еднаков статус на сите, туку статусот како категорија целосно се занемарува, (2) домен на заеднички интерес или заедничка грижа на сите вклучени во таа јавна сфера и (3) инклузивност на сите кои сакаат да учествуваат и отпор кон можноста таквата сфера да се претвори во клика. Според овие карактеристики, првите две горедискутирани ги имаат карактеристиките на јавна сфера или граѓански јавен простор.
.

Постоењето и многубројноста на автономните јавни простори се неопходни да создавање на општествено ткиво што би претставувало основниот двигател на органско демократско општество. Без нив, можеби би требало да се размисли какво општествено уредување граѓаните на Македонија всушност посакуваат.
XS
SM
MD
LG