Достапни линкови

За јавниот простор, политиката и граѓаните


Елена Б. Ставревска, докторанд на политички науки и истражувач во областа на мировни студии.
Елена Б. Ставревска, докторанд на политички науки и истражувач во областа на мировни студии.

Јавниот простор е пред сè антрополошка категорија и во денешно време не подразбира единствено физички, т.е. географски простори, туку и виртуелни, пишува Елена Б. Ставревска, докторанд на политички науки, во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

Сè почесто се случува да слушнам забелешка како општеството во Македонија е политизирано и како политиката е навлезена во секоја пора од секојдневниот живот. Но напротив, она кон што нашето општество се стреми во последните неколку години е негова деполитизација. Ова оди рака под рака со онеспособувањето на јавниот простор што се случува со забрзано темпо.
Јавниот простор е пред сè антрополошка категорија и во денешно време не подразбира единствено физички, т.е. географски простори, туку и виртуелни.

Да појаснам. Самиот збор политика потекнува од грчкиот збор полис, или град, првенствено однесувајќи се на градовите-држави во античка Грција, кои не претставувале само територијални, туку пред сѐ политички заедници. Според Аристотел, кој го нагласува разграничувањето помеѓу јавниот и приватниот живот, каде првото е највисокиот облик на заедница, политика е она што се случува во јавниот живот и јавниот простор, во интеракцијата и врската помеѓу граѓаните. Ова е неизбежно поврзано со неговата опсервација дека човекот е политичко животно.

Во овој контекст, јавниот простор е пред сè антрополошка категорија и во денешно време не подразбира единствено физички, т.е. географски простори, туку и виртуелни. Тоа е она што Хабермас го нарекува јавна сфера што е општествен простор каде граѓаните се здружуваат да дискутираат на теми што се од јавен интерес, да ги вклучат властите во тој процес на дискусија за правилата на управување, но и да се организираат против произволни и угнетувачки форми на моќ. Во гореспоменатите грчки градови-држави, таков простор бил агората, често нарекувана лулка на демократијата. Во денешните демократски општества, концептот на агората се наоѓа не само во парламентите, туку и на плоштадите, парковите, било кој поширок физички простор, како и во медиумите и во интернет просторот.

Контролата на јавните физички простори е дел од управувањето со општеството. Често под превезот на јавна безбедност се онеспособуваат ваквите простори да служат како место за здружување на поголема група граѓани. Од таа гледна точка, и поставувањето на голем број статуи на најголемиот плоштад во Скопје може да се сфати како обид за контролирање на просторот. Демографијата на луѓето кои се собираат на и околу плоштадот по поставувањето на статуите е неспорно различна од онаа поврзана со стариот изглед на плоштадот Македонија. Од друга страна, со ова се контролира и протестот како демократско право.
Етикетирањето и механичкото отфрлање на ставови на неистомисленици е правило, а не исклучок, често основано на претпоставка за интелектот и десктруктивноста на „другата страна“ дефинирана по правилото „или си со нас, или си против нас“.

Истовремено, во Македонија се случува онеспособување дури и на медиумскиот простор. Речиси сите медиуми, и пишани и електронски, во очите на јавноста се перципирани како гласници на една или друга партија. Со тоа, во зависност од убедувањето на граѓанинот, одредени медиуми се делегитимизираат. Така завршуваме во ситуација на паралелни општества, во кои секој се информира преку медиумите блиски до неговите политички гледишта, занемарувајќи ги другите. Ова и не би било толку изненадувачки и не би имало толку негативни последици по политичкиот живот во земјата, доколку постојат неколку медиуми кои овозможуваат јавна дискусија, не само меѓу граѓаните, туку и меѓу партиските лидери. Во тој поглед, веќе 8-годишното отсуство на ТВ дебата помеѓу премиерот и лидерот на опозицијата, традиција во многу демократски земји, штетно влијае на зачувувањето на вака конципираниот јавен простор.

Најпосле, интернет просторот, а особено социјалните мрежи, кои се дел од виртуелниот јавен простор, со оглед на нивната масивна распространетост и употреба, единствено ја отсликуваат горе опишаната состојба во македонското општество. Мнозинството на граѓани се чини речиси по инерција се придвижуваат по трасираните ленти на паралелните општества. Етикетирањето и механичкото отфрлање на ставови на неистомисленици е правило, а не исклучок, често основано на претпоставка за интелектот и десктруктивноста на „другата страна“ дефинирана по правилото „или си со нас, или си против нас“.

Слободата на мислата не се компензира со слобода на изразувањето, но второто допринесува кон овозможување на првото, а за тоа е неопходен јавен простор. Постоењето на јавен простор е нужно за политичкиот живот на едно општество, што всушност е суштината на разликата помеѓу категориите граѓанин и жител. Оттука, како граѓани на Република Македонија, ваквиот простор не само што требаме, туку и мораме да го одржиме и свесно да се спротивставиме на деполитизацијата на општеството.
XS
SM
MD
LG