Достапни линкови

МНТ ги отвора портите со три премиери на „Вечната куќа“


Прес-конференција по повод премиерата на претставата „Вечна куќа“ во режија на Дејан Пројковски.
Прес-конференција по повод премиерата на претставата „Вечна куќа“ во режија на Дејан Пројковски.

По примерот на респектабилните европски и светски театри, симболично врзувајќи се за големиот верски празник „Св. Климент Охридски Чудотворец“, на 7, 8 и 9 декември, во Македонскиот народен театар ќе се случат трите премиерни изведби на „Вечната куќа“ на авторот Јордан Плевнеш и режисерот Дејан Пројковски. Со тоа ќе бидат отворени портите и ќе започне сезоната 2013 – 2014 во новиот храм на уметноста крај Вардар.

Сè околу долгоочекуваната праизведба на „Вечната куќа“ во Македонскиот народен театар се врти околу отсонувањето на еден голем сон. Најнапред ансамблот и сите тамошни дејци конечно ќе се збогуваат со стариот и ќе добијат техничко-сценски супериорен објект во кој ќе ги имаат сите предуслови со полни гради да го работат и живеат театарот. Својот сон ќе го отсонува и Јордан Плевнеш, кој како победник на распишаниот конкурс, по дури цели три децении, дочека свој текст наново да види како се издига како претстава на сцената на оваа наша национална институција.
Сега Македонија нема да биде само центар на универзалната идеја за хуманизмот, туку ќе биде простор каде што може да се сондира секоја куќа во светот.
Јордан Плевнеш, драматург.

„За мене беше чеховски сон да напишам пиеса за три женски лика и тој чеховски сон го најдов во цртеж во една архива во Лисабон каде беше нацртана куќа на брегот на Вардар изградена во 1492. Но, за да биде тотален театар не може да биде книга, туку треба да биде куќа. И тогаш сфатив дека во таа пиеса куќата е главниот простор и се раскажа, се случи таа приказна во мојот живот за таа девојка што заминала од куќата покрај реката Вардар, што ги носела 100-те клуча и тука се откри тој чеховски клуч на сопственоста. Значи сега Македонија нема да биде само центар на универзалната идеја за хуманизмот, туку ќе биде простор каде што може да се сондира секоја куќа во светот. Кога ќе застанете во една куќа, сондата ќе биде што се случувало тука каде што седите 3.000 години пред вас. Тоа е идејата на претставата“, вели во пресрет на премиерната изведба авторот Плевнеш.
Самата претстава наликува на едно патување на човекот во сопственото срце.
Дејан Пројковски, режисер.

Режисерот Пројковски истакнува дека „Вечната куќа“ зборува за луѓето сега и овде, но и за оние кои претходно живееле на еден одреден простор. Според него, претставата ги собира во себе сите актери кои играле и во античките театри и во театрите низ годините до денес, сите историски духови раскажувајќи ја приказната дека Вечната куќа е една и единствена.
Сега ни се отвора можност да ги реализираме сите оние желби и соништа кои не сме можеле да ги отсонуваме и направиме.
Дејан Лилиќ, директор на МНТ.

„Всушност самата претстава наликува на едно патување на човекот во сопственото срце. Патувањето на Стела Бенвениста, главниот лик во претставата, колку што е физичко, од Ерусалим до Скопје, толку е и духовно. Таа доаѓајќи овде со тие 100 клучеви и отворајќи ги одаите го отвора своето срце и тука започнува да патува и да ги бара одговорите на сите прашања. Да ја отвори темата за Бог, темата за семејството, темата за човечкиот живот“, вели Пројковски.

Во претставата учествуваат околу 80 актери, меѓу кои Искра Ветерова, Тони Михајловски, Ѓорѓи Јолевски, Владо Јовановски, Јордан Симонов, Драгана Костадиновска, Висар Вишка, Васил Шишков (го толкува ликот на сопствениот татко Ристо Шишков) и други, голем број на студенти од Факултетот за драмски уметности и од Универзитетот ЕСРА. Сценограф е Валентин Светозарев, костимограф е Благоја Мицевски, а музиката е на Горан Трајковски. За сценските движења се погрижиле кореографите Сашо Илиев од Бугарија (мајстор за традиционални и ритуални танци) и нам добро познатиот Сташа Зуровац од Хрватска, а за дизајнот на светлото бил ангажиран неговиот сонародник Денис Шешлиќ, еден од најдобрите во овој домен во светски рамки.

„Од 7 декември ќе видите едно ново лице на македонскиот театар. И на Македонскиот народен театар и на она што овој талентиран народ може да го покаже со техничките можности. Сега ни се отвора можност да ги реализираме сите оние желби и соништа кои не сме можеле да ги отсонуваме и направиме“, ќе рече Дејан Лилиќ, директор на МНТ.

Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, од своја страна, на прес-конференцијата со која беа најавени премиерите на „Вечната куќа“, ќе забележи дека се потрудиле максимално да вложат голем труд, енергија и посветеност новиот објект на МНТ да се реализира, да биде ставен во функција на целата уметничка фела која ќе го користи со цел презентација на уметничките и културните вредности кои ги поседува државата.

„Редовно доаѓам на пробите и навистина ми е драго што можам да ја видам таа силна уметничка енергија која ја поседуваат актерите. Посебно ме радува тоа што успеавме да обезбедиме најсовремена аудио и визуелна опрема која што е врвот во технологијата, нешто што многу ретко го поседуваат театрите во светот. Сето тоа ќе биде за нивно успешно функционирање, создавање претстави, копродукции со други држави, покани на други театри да доаѓаат овде и сите заеднички да создаваат дела кои ќе ја отсликуваат нашата уметност, нашата моќ во уметноста и моќта во културата која ја поседуваме“, изјави министерката.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG