Достапни линкови

Македонските пантомимичари осудени на родендени и трговски центри


Трајче Ѓорѓиев, пантомимичар.
Трајче Ѓорѓиев, пантомимичар.

И по шест успешни изданија на ПАНФИЗ – Интернационалниот фестивал на пантомима и физички театар, кај нас сè уште не се најде актер кој би се нафатил да потпише еден ваков проект и на тој начин да ја анимира публиката. Згора на тоа, во Македонија досега никогаш не е направена мимо-драма, а познавачите велат дека луѓе од еснафот – пантомимичари има, но дека тие се осудени да настапуваат само на родендени и во трговските центри.

Македонија е веројатно единствената земја од светот на која цели шест години успешно ѝ се случува интернационален фестивал на пантомима и физички театар, а во која безмалку и да нема такви проекти. Звучи чудно, но сепак вистинито.
Посакував секоја следна година дека ќе се пројават наши актери, поединци, коишто завршуваат пантомима во Софија, дека ќе се здружат и сакавме да направиме еднаш свечено отворање на овој фестивал со македонска претстава меѓутоа тоа уште не се случува.
Снежана Коневска Руси, актерка.

Се разбира, од ракавот некој како контрааргумент веројатно би го извадил „Човекот“ на Трајче Ѓорѓиев (претстава што беше наградена на Меѓународниот фестивал на монодрама, пантомима и кабаре „Златни Рис“ во Бања Лука, Република Српска, и со која треба да патува во Аргентина), та дури можат да се набројат уште неколкумина наши актери кои се образувале кај професорот Александар Илиев на софискиот НАТФИЗ, арно ама тука и завршува набројувањето.

Од таму, нималку не чуди кога Снежана Коневска Руси, како еден од зачетниците на „Панфиз“, ќе рече дека „сè уште сонува ова интернационално случување да биде отворено со наш – македонски проект“.
Колку се тие средства јас навистина не би знаел, меѓутоа не верувам дека се поголеми од еден мал споменик, „шмизла“ или нешто слично.
Трајче Ѓорѓиев, пантомимичар.

„Посакував секоја следна година дека ќе се пројават наши актери, поединци, коишто завршуваат пантомима во Софија, дека ќе се здружат и сакавме да направиме еднаш свечено отворање на овој фестивал со македонска претстава меѓутоа тоа уште не се случува“, вели таа.

Ѓорѓиев, пак, вели дека пантомимичари во Македонија има, но дека публиката не ги познава оти се осудени да работат по родендени и да ги забавуваат намерниците во големите трговски центри.

„Четврта или петта година јас аплицирам за фестивалски проект којшто ќе биде од областа на физичкиот театар и пантомимата. Досега никој не ме побарал, ниту ме прашал за што се работи. Едноставно го одбиваат без какво било образложение. Значи постои иницијатива. Честопати разговарам и со директори на театри во земјава да направиме обид да ја донесеме на сцена првата мимо-драма во Македонија. Кај нас не постои мимо-драма. Нема направено никој. Едноставно, како сите да се плашат од напорот, од трудот, од ангажманот во еден таков проект. Почнувајќи од управители до актери, коишто најверојатно од незнаење, неупатеност, неинформираност или недообразованост реагираат како што реагираат“, вели Ѓорѓиев.

Актерот дополнува дека сè уште не губи надеж, дека можеби еден ден ќе ги собере колегите пантомимичари и од инает ќе се обидат да сторат нешто за себе и за публиката, но не може да се изначуди на фактот дека и покрај програмата што пред неколку години ја изготвил сè уште не можат да се најдат средства да се отвори класа на Факултетот за драмски уметности.

„Сè беше подготвено да се отвори катедра, дури на Факултетот за драмски уметности беа преамбициозни па побараа програма за четири години. Јас го направив и тоа, но одговорот беше дека нашата Македонија сега нема пари за една таква класа. Колку се тие средства јас навистина не би знаел, меѓутоа не верувам дека се поголеми од еден мал споменик, „шмизла“ или нешто слично“, вели Ѓорѓиев.

Инаку, според кажувањата, некакви првични обиди за пантомима кај нас во 1970-те пројавил охриѓанецот Никола Аслимовски, а Ѓорѓиев е првиот актер и режисер кој со „Човекот“ практично поставил таков проект на сцена и кој наспроти организациските работи околу „Панфиз“ сè уште активно делува во овој домен, а во редот на образуваните пантомимичари влегуваат и глумците Дарко Велиќ, Војо Цветановски и Кирил Трајковски – Максим.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG