Достапни линкови

Змијанац - Загрижува злоупотребата на детскиот труд


Драги Змијанац, Директор на Првата детска амбасада Меѓаши.
Драги Змијанац, Директор на Првата детска амбасада Меѓаши.

Проблем е и злоупотреба на децата и нивниот труд. Во Македонија има 18 илјади деца кои се исклучени од образованието, две илјади деца кои се секојдневно питачат, продаваат нешто или собираат пластика, вели Драги Змијанац од Првата детска амбасада Меѓаши во разговор за Радио Слободна Европа.

Господине Змијанац според вашите сознанија во Македонија бројот на случаи на педофилија и родосквернавење е зголемен. Која е причината?

Причината за зголемување на дојавите или случаите кои ги гледаме во јавноста е охрабрувањето на децата жртви да говорат за насилството, да не молчат, а воедно и овозможувачка околина на јавноста да има поголема емпатија, разбирање за оваа табу тема која порано ги мачела децата, или семејна тајна каде што морале децата да молчат затоа што во најголем број од случаите педофилите или сексуалните злосторници им се познати на децата и од страв што ќе се случи понатаму со најблиските, како ќе биде детето прифатено, морало да молчи. Ние јавно говориме за овој проблем. Она што нè загрижува е што покрај педофилијата и сексуалната злоупотреба во последно време имаме и зголемен број случаи на родосквернавење, а уште пострашно е што се јавуваат и деца, малолетници како силувачи на помали дечиња од нив и појавата на оваа патологија веројатно доаѓа до такви размери да мора да се направат активности за поголема превенција и за поголемо санкционирање на педофилите и бараме некои превентивни активности како нашата мерка што ја предложивме - хемиска кастрација или медикаментна терапија.

Како најчест вид на насилство се јавува семејното насилство?

Да, семејното насилство е исто така во пораст. Значи, и покрај нашите напори, родителите кои ги тепаат своите деца се обидуваат да го сокријат тоа. Тепањето не е педагошка мерка, не само во училиштата, туку во семејството, но сè уште психичкото, физичкото насилство е присутно. Бројката од 275 милиони деца жртви на семејно насилство е навистина алармантна. Во Македонија, на нашиот СОС телефон годишно околу 5 проценти од децата вртат за пријава на семејно насилство, но исто така е проблем и злоупотреба на децата и нивниот труд. Во Македонија многу често говориме дека има 18 илјади деца кои се исклучени од образованието, две илјади деца кои се секојдневно на крстосниците со испружени рачиња или, пак, продаваат разни прехранбени производи, дребулии или, пак, собираат пластика и дека се исклучени од образованието, дека сиромаштија, неписменоста, удира најмногу удира на овие ранливи групи деца и дека државата мора да се мобилизира или локалната самоуправа, да ги вклучат децата во образование, да им обезбедат топол оброк на овие дечиња, основни школски помагала, облека, обувки и барем едно вработување или кров над главата за да може родителите да бидат навистина мотивирани да ги пуштат децата на училиште.

Како треба да се делува и какви стратегии да се преземат во иднина?

Па, има многу стратегии има и сега најнова стратегија за борба против сиромаштија. Она што сметам дека треба да се стори е да се исклучи можноста децата до шестата година да бидат жртва на злоупотреба на своите родители, односно да бидат исклучени од воспитно-образовниот процес кој е задолжителен. Сметаме дека со активности од типот на бенефиции за ранливи групи семејства, да се пуштат децата во предучилишно згрижување, воспитание и образование во многу ќе помогне. Посебно од третата година, еден топол оброк, згрижување од осум часа за деца од семејствата од социјален ризик или од дисфункционални семејства многу може да се помогне овие деца да се вклучат во образовниот систем, а да се исклучат од улицата.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG