Достапни линкови

Зголемена вработеност со напумпана администрација


Архивска фотографија: Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски во посета на администрацијата.
Архивска фотографија: Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски во посета на администрацијата.

Власта се пофали со 100 илјади нови вработувања во последните 6-7 години. Нема да се изненадам ако 70-тина илјади од нив се во јавниот сектор, вели долгогодишниот политичар Петар Гошев.

Бројот на вработени во Македонија конечно ја надмина бројката на вработени во 1993 година. Според податоците на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, во 1993 година во Македонија имало 503 осигуреници, а на крајот на 2012 година, Фондот имал 507 илјади пензиски осигуреници, односно имало толку луѓе во редовен работен однос.
Стапката на невработеност којашто беше и сè уште е најакутниот проблем, се намали под психолошката граница од 30 проценти. Последните податоци од јуни оваа година покажуваат дека невработеноста е 28,8 проценти.
Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески пред неколку дена, на тркалезна маса за создавање нови работни места и поттикнување развој на автомобилскиот и агро секторот во Македонија, се пофали дека во изминативе 6-7 години, со привелекување на странски инвестиции и поттикнување на домашниот приватен сектор, беа отворени над 100 илјади работни места.
Илустрација.
Илустрација.

„Стапката на невработеност којашто беше и сè уште е најакутниот проблем, се намали под психолошката граница од 30 проценти. Последните податоци од јуни оваа година покажуваат дека невработеноста е 28,8 проценти“, рече Ставрески.
Ако се направи споредба, 2006 со 2012-2013 година, не е неверојатно дека ќе излезе дека најмалку 70-тина илјади луѓе ги имаат вработено во државната администрација.
Петар Гошев, долгогодишен политичар.

Статистиката ги потврдува овие тврдења на Ставрески. Според Државниот завод за статистика, во 2006 година имало 570 илјади вработени, додека во 2013 година има повеќе од 678 илјади вработени. Во оваа бројка се вброени и оние регуларно вработени, плус тие што работат „на црно“. Слични податоци дава и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Фондот во 2006 година имал скоро 395 илјади осигуреници, додека на крајот на 2012 година имало 507 илјади луѓе што плаќаат пензиско осигурување, односно се во редовен работен однос.

Ако владината економска политика е толку успешна и во Македонија е толку добро, зошто тогаш луѓето забрзано се иселуваат од земјава, прашува долгогодишниот политичар Петар Гошев. Тој вели дека овие нови вработувања се должат на „пумпање“ на јавниот сектор и нагласува дека владата ја крие бројката на луѓе што примаат државна плата.

„Се зголемил бројот на осигурениците во Македонија затоа што ја настегале администрацијата и го оптовариле стопанството и ги оптовариле тековните трошоци, неразвојните трошоци на буџетот до вселената. Ако се направи споредба, 2006 со 2012-2013 година, не е неверојатно дека ќе излезе дека најмалку 70-тина илјади луѓе ги имаат вработено во државната администрација, во јавниот сектор“, вели Гошев.

Тој посочува дека и покрај зголемувањето на бројот на работни места, и покрај каквиот-таков раст на БДП, животниот стандард на граѓаните се намалува и потсетува дека Македонија е земја со најголеми класни разлики во Европа.

„Тој раст можеби е концентриран во 3-5 отсто од домаќинствата во Македонија и ако тој раст е концентриран таму, тогаш 95-97 отсто од луѓето, нормално е дека ќе живеат многу посиромашно и ништо и вие не сте направиле“, вели Гошев.

Претставници на Меѓународната финансиска корпорација, која е дел од Светската банка, неодамна порачаа дека Македонија до 2020 година треба да отвора по 39 илјади нови работни места годишно за да ја достигне Европската унија што, според нив, е три пати повеќе од она што се создавало во последните неколку години.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG