Достапни линкови

Од неефикасно судството стана и непрофесионално и селективно


Ако некогаш зборуваа за бавно и неефикасно судство, Европската комисија и меѓународните претставници денес зборуваат за непрофесионално работење на судиите, за сè уште присутната корупција, за селективна правда и за политички притисоци врз судството.

Кога пред четири години кочанчанецот Бранко Анѓелов прв пат стапнал во судските ходници не ни помислувал дека ќе се изгуби во судските лавиринти. Како косопственик на мешовита фирма со мнозински бугарски капитал требало на сопственик на една конфекција да му ја испорача однапред платената шивачка машина. Бидејќи машината ја немал на лагер, по еден месец двајца посредници му земале друга машина како гаранција, а наскоро потоа уште пет. Но проблемите почнуваат тогаш кога Анѓелов добива граѓанска тужба за да го врати долгот и кривична пријава за измама.
На сите места се пожалив, прашав како е тоа можно. Не добив одговор, секој си ја префрла топката на друга страна и не сака да ме упати да го решаваат проблемот, туку велат дека други се надлежни за тој проблем.
Бранко Анѓелов, жител на Кочани.

Анѓелов возвратил со тужба за да докаже дека не само што не е должен, туку е и оштетен. Иако Основниот суд прво го ослободил, штипска апелација ја укинала пресудата и во повторениот процес добива пресуда за пет месеци затворска казна. И во граѓанскиот спор изгубил, а и во двете постапки бил задолжен да ги врати парите за машината, односно една машина да ја плати два пати вели Анѓелов.

Она што е спорно е што и во предметот кога Анѓелов е тужен, и во оној кога тој ја тужи фирмата, одлучува истиот судија.
Ние имаме избор на членови на Судскиот совет за кои прашање е дали одговараат на критериумот „истакнат правник“. Дали може некој со неколку години стаж да биде истакнат правник кој меѓу другото ќе ја оценува работата и на судии на Врховниот суд.
Маргарита Цаца Николовска, поранешна судијка во Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур.

Уставен суд на Македонија.
Уставен суд на Македонија.
„Истиот судија го водеше и процесот кога тие ме тужеа, значи и кога јас тужам и кога тие ме тужеа мене“, вели тој.

Анѓелов вели дека реагирал до Судскиот совет, но оттаму одговорноста ја префрлаат на друго место. Му кажале дека тој требало да побара изземање на судијата од случајот, а бидејќи тоа не го сторил навремено, ништо не може да се стори, иако токму Судскиот совет е надлежен да реагира за вакви случаи. После сè што му се случило, Ангелов вели дека потполно ја изгубил довербата во македонскиот правосуден систем.

„Вербата е комплет изгубена веќе одамна, зашто јас пробав на сите начини кога се жалев на второстепена комисија и не добив одговор. Морав да дојдам до Врховниот суд. На сите места се пожалив, прашав како е тоа можно. Не добив одговор, секој си ја префрла топката на друга страна и не сака да ме упати да го решаваат проблемот, туку велат дека други се надлежни за тој проблем. Немам мислење дека тоа ќе се реши во најскоро време и во моја корист“, вели Анѓелов.
Притиснат од роковите, некогаш стравично кратките рокови коишто му ги наметнува законот, судијата донесува одлука за која дефинитивно немал доволно можности можеби ни да констатира фактичка состојба.
Драган Малиновски, адвокат.

За низата критики кои во континуитет ги добива судската власт, најмалку сака да зборува оваа фела. Безуспешни беа нашите обиди отворено да поразговараме за состојбите во судството со кој било актуелен судија. Повеќето од судиите кои ги контактиравме се правдаа дека не се личности кои би сакале да се експонираат во медиумите, некои од нив не сакаа да зборуваат зашто се сомневале дека нивното субјективно мислење ќе ја направи анализата неточна, а дел од нив отворено признаа дека од претседателот на Судот немаат овластување да зборуваат за медиумите.
Имаме случаи кога за одделни предмети има индикации дека се монтирани, имаме случаи на селективна правда, имаме селективен пристап кон кривичните дела.
Осман Кадриу, универзитетски професор.

Маргарита Цаца Николовска.
Маргарита Цаца Николовска.
Неофицијално, повеќето од нив велат дека проблемот за лошата перцепција на јавноста за судскиот систем и начинот на кој тој функционира, не се должи само на улогата на министерот за правда или пак мешањето на извршната власт врз судската. Укажуваат на повеќе слабости во овој сектор на кои треба да се работи за да се подобри неговата ефикасност. На пример законските решенија се добри, но проблем останува нивното спроведување во пракса, велат најповиканите.
Пред судовите сите граѓани се во еднаква положба и не може да бидат привилегирани ниту министри ниту други носители на функции.
Блерим Беџети, министер за правда.

Од друга страна, пак, посочуваат дека досегашните очекувања дека меѓународниот фактор ќе ги реши проблемите треба да станат минато, а судиите треба да станат свесни дека само тие треба да ги решаваат посветено и професионално.

„Веројатно главните проблеми се во постапувањето од страна на судиите кои се избрани да вршат независна и непристрасна функција. Во крајна линија, сите овие наоди и сè ова што е утврдено како фактичка состојба е во оној дел што значи обавување на судската функција од една страна и од друга страна, тие луѓе коишто се одговорни за нивниот избор“, вели Маргарита Цаца Николовска, поранешна судијка во Стразбур.
Тој проблем почнува со самиот избор на судиите кој во голема мера е проследен со две слабости - некомпетентност, недоволно искуство и луѓе кои се директно произлезени од власта и кои се под директно влијание на луѓето кои ги избрале.
Мерсим Положани, поранешен заменик министер за правда.

Промоција на публикацијата „Збирка на пресуди на Европскиот суд за човекови права, по членот 10 - слобода на изразување“.
Промоција на публикацијата „Збирка на пресуди на Европскиот суд за човекови права, по членот 10 - слобода на изразување“.
Една од забелешките на кои укажува Европската комисија во годинашниот извештај за напредок се однесува на работата на Судскиот совет. Судијката Николовска вели дека е спорен изборот на членовите на овој орган, а загрижувачка е забелешката на Комисијата дека Советот континуирано ги крши законите.

„Ние имаме избор на членови на Судскиот совет за кои прашање е дали одговараат на критериумот „истакнат правник“. Дали може некој со неколку години стаж да биде истакнат правник кој меѓу другото ќе ја оценува работата и на судии на Врховниот суд“, вели Цаца Николовска.
Сега сè е со пари, ако позајмиш од некого да му дадеш па да биде работата успешна, инаку не.
Анкетиран граѓанин.

Дел од судиите, пак, велат дека присуството на министерот за правда не е пресудно за работата на овој орган. Фактот што другите членови ги гласаат токму судиите, а секоја одлука се носи со дво-третинско мнозинство е знак дека реалната моќ за одлучување ја имаат сепак самите судии.

Од свој агол за проблемите во судството зборуваат и адвокатите. Драган Малиновски вели дека реформите во процесните закони и организацијата на судовите делумно го надминале проблемот со брзината и ефикасноста на судските спорови, но оти тоа пак го доведува во прашање квалитетот на судските одлуки.

„Значи, притиснат од роковите, некогаш стравично кратките рокови коишто му ги наметнува законот, судијата донесува одлука за која дефинитивно немал доволно можности можеби ни да констатира фактичка состојба и соодветно да го примени закониот“, вели Малиновски.

Ако порано постојано се зборуваше за бавно и неефикасно судство, за потребата од измени во законските решенија и модернизација на судовите, денес се сè погласни критиките за политички притисоци на извршната власт врз судската, а европските дипломати сè повеќе го користат терминот „селективна правда“ кога сакаат да ги потенцираат слабостите на македонското судство. Денес сè повеќе се зборува за политички монтирани случаи, за честата употреба на мерката притвор, за судски одлуки донесени под притисок на власта.

„Проблемите се јавуваат во практичното функционирање и тоа не на целото судство, за кое е карактеристична бавноста проследена со извесна несигурност, но пред сè мислам на кривичното судство кое е под директно или индиректно влијание на политиката“, вели Мерсим Положани, поранешен заменик министер за правда и актуелен нотар.

Она што од сите забелешки во извештајот на Европската комисија треба најмногу да не загрижи се неквалитетните судски одлуки, посочува универзитетскиот професор Осман Кадриу. Иако нашата регулатива е хармонизирана со европското законодавство, проблем останува практичната примена на законите, укажува Кадриу. А, на тоа, пак, се надоврзуваат низа други слабости.

„Имаме случаи кога за одделни предмети има индикации дека се монтирани, имаме случаи на селективна правда, имаме селективен пристап кон кривичните дела, посебно тешките кривични дела кои се актуелни во нашата држава, како што е корупција, перење пари, трговија со луѓе, дрога“, вели Кадриу.

Оние кои се наоѓаат од другата страна на системот, како на пример министерот за правда Блерим Беџети тврдат дека во судството нема место за политиката. Беџети уверува дека ефикасноста на судовите е зголемена, а дека неговата улога улогата во судскиот совет е минимизирана, со самиот факт дека е без право на глас.

„Имаме доста голема ефикасност, и внимателно се работи преку предлагање на закони таа ефикасност дури и да се зголеми, да има што пократки и поекономични спорови и граѓаните, и не само граѓаните, туку и правните лица, да бидат што позадоволни од кратките постапки. Пред судовите сите граѓани се во еднаква положба и не може да бидат привилегирани ниту министри ниту други носители на функции, бидејќи се суди според законот и не може да има селективен пристап“ изјави неодамна Беџети.

За критиките од Брисел за политички влијанија врз судството и за селективна правда, Беџети вели дека станува збор многу повеќе за перцепција поттикната од внатрешни фактори.

Експертите, пак, велат дека судската независност е голем проблем во земјава. Сите укажувања и сознанија зборуваат за притисоци врз судиите, вели Кадриу, според кој постојат повеќе причини кои придонесуваат до тоа судиите да не бидат имуни на надворешните притисоци.

„Причините се различни, се разбира. Лични интереси, групни интереси, партиски интереси и други влијанија, сега од другите власти се присутни и мотивација е кога тие се јавуваат и вршат одредено влијание“, вели Кадриу.

Судијата Николовска, пак, смета дека целокупната состојба во државата е таква и истата се прелева и врз судската власт.

„Самите судии зборуваат за притисок, било од политички субјекти, било од повисоките степени во самото судство, било од новинари и во една таква состојба тие прават селективна правда, чувствуваат директен или индиректен политички притисок па носат пресуди кои се необично решени, како што се вели во извештајот“, вели Цаца Николовска.

Адвокатите, пак, велат дека една од главните причини за актуелните состојби во судството е веќе споменатиот Судски совет, односно слабостите во неговото функционирање.

„Тука судскиот совет не ја одработува својата улога која ја има согласно законот, бидејќи тој, според Законот за Судски совет, е должен да обезбеди гаранција на независноста на судската власт“, вели Малиновски.

„Тој проблем почнува со самиот избор на судиите кој во голема мера е проследен со две слабости - некомпетентност, недоволно искуство и луѓе кои се директно произлезени од власта и кои се под директно влијание на луѓето кои ги избрале“, вели Положани.

Покрај дебатите за тоа каков е кредибилитетот на судиите во Судскиот совет, орган кој меѓу другите има надлежност да ги избира и разрешува судиите, реакции во јавноста предизвикуваше и изборот на судии во Уставниот суд. За опозицијата, пак, се секогаш спорни кандидатите кои власта ги предлага, а кои се избираат со мнозинство гласови во собранието, посочувајќи дека најчесто се работи за партиски послушници или идеолошки подобни судии.

Но и покрај измените во судскиот деловник, електронската достава и снимањето на судските рочишта во граѓанските судови, како и низата мерки кои беа преземени во насока на модернизација на судовите, сè уште не се смени лошата слика за судскиот систем во земјата. Сепак, за граѓаните најголемата слабост на судскиот систем е корупцијата. Дел од нив сепак се надеваат на подобри денови во судството.

„Корумпираност има многу.“

„Сега сè е со пари, ако позајмиш од некого да му дадеш па да биде работата успешна, инаку не.“

„Вака по облеката ќе те погледнат па ќе ти се обратат“, велат анкетираните граѓани.

Нашите соговорници велат дека состојбите во судството нема да се променат преку вечер. За судијката Николовска, најважно е постоењето на волја во сите сегменти во државата за да имаме независно и непристрасно судство.

„Ако постои политичка волја, тогаш дел од притисоците секако ќе биде оттргнат. Од друга страна е продолжената, ефективна, континуирана едукација и на крај ако сакате оценка на секој судија поединечно“, вели Цаца Николовска.

Зголемувањето на довербата на граѓаните во судските инстанци ќе се постигне само тогаш кога политиката ќе ги тргне своите раце од судството, вели Положани.

„Политиката не смее да влијае на судството, на обвинителот. Судијата не смее да се плаши дека ќе има проблем со неговата функција“, вели Положани.

Адвокатот Малиновски, пак, вели дека за промена на сегашната слика за судството потребно е да се изборат и самите судии, независно дали тоа ќе го направат преку своите здруженија или на друг начин.

„Сега се поставува прашање што судиите преку своите Асоцијации, ако сакате и преку Здружението на судии и слично, прават за на некој начин да се изборат за својот статус и за амбиентот во кој работат“, вели Малиновски.

Професор Кадриу, пак, вели дека судиите мора да се изборат за својата независност, да не потпаѓаат под влијание и да имаат храброст да одлучуваат по свое убедување.

„Не би требало да има такви влијанија и притисоци, посебно партиски и политички, значи влијанија од власта. Од друга страна, ако судијата не може самостојно да одлучи и ако е под притисок, тогаш тој не треба да биде судија, тогаш тој фактички не суди според право, правда и правичност, туку суди за да се остваруваат некакви други приватни интереси на штета на државните интереси“, вели Кадриу.

Во меѓувреме, правната битка продолжува да ја води и кочанскиот бизнисмен Ангелов. Неколкупати досега се разочарал од македонските судови, па затоа размислува својата правда да ја побара надвор од земјата, во Европскиот суд за човекови права.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG