Достапни линкови

Времето заладува, но есента ги гори џебовите


Покрај редовните месечни сметки и трошоци, подготовките за новата учебна година, зимницата и огревот дополнително го оптоваруваaт семејниот буџет, со што септември станува и најскап месец во годината.

Подготовките за новата учебна година, зимницата и огревот дополнително ќе го истенчи џебот на граѓаните. Покрај редовните месечни сметки и трошоци, овие давачки дополнително го оптоваруваaт семејниот буџет, со што септември станува и најскап месец во годината. Статистичките податоци говорат дека за едно четиричлено семејство да може да го протурка најскапиот месец во годината приближно му требаат околу 60 илјади денари.
Под 500 евра бога ми не поминува, за школо, за пиперки за зимница да направиш, сметки да платиш и рачунај требаат 500 евра.
Анкетиран граѓанин.

За дел од граѓаните приоритет им е зимницата, но и таа поскромна, затоа што, како што велат, не можат да си ги дозволат скапите производи во зима па вака барем со храна ќе бидат обезбедени.

„Под 500 евра бога ми не поминува, за школо, за пиперки за зимница да направиш, сметки да платиш и рачунај требаат 500 евра.“
Сега од денеска за утре се купува, кој пола кило, кој кило, ама мора да се работи, што се насеало, што се насадило, треба да се потроши.
Мирјана Огненовска, продавачка на Скопскиот зелен пазар.

„Јас не можам да се пожалам, но сметам дека и јас крај со крај не закрпувам, веќе не планирам ништо, дојдов да живеам од ден за ден.“

„Се знае, септември е месец во кој се троши малку повеќе, за школи, па од одмор се враќаме треба малку да се прибереме“, велат анкетираните граѓани.

Пазарџиите, пак, велат дека луѓето сè помалку купуваат, но се надеваат дека после 15 септември продажбата ќе се подобри. Мирјана Огненовска која веќе 20 години продава на Скопскиот зелен пазар вели дека порано муштериите купувале со вреќи, а сега само по половина килограм, од денеска за утре.

„Сега од денеска за утре се купува, кој пола кило, кој кило, ама мора да се работи, што се насеало, што се насадило, треба да се потроши“, вели таа.

Луѓето чии што деца годинава за прв пат ќе седнат во училишните клупи, велат дека за основни подготовки за во училиште им се потребни најмалку 1.500 денари без во нив да биде вклучена и нова облека.

„Чинат, јас денеска купував ранец, боички, пенкалца, несесери, само денеска ми отидоа 1.500 денари, а не се само тие 1.500 денари, ете кај нас останала некоја традиција детето да е облечено во ново, нови патики итн.“, вели еден скопјанец.

Според податоците на Државниот завод за статистика, граѓаните месечно трошат 10 илјади денари на храна и безалкохолни пијалоци, од кои само за месо, млеко и млечни производи им се потребни околу 4 илјади денари.
Минатогодишните поскапувања на зејтинот, лебот и месото ги испости граѓаните. Анализите на Сојузот на синдикати покажуваат дека вредноста на минималната потрошувачка кошничка, која според нив изнесува 500 евра, во споредба со декември 2012 година се зголемени за 500 денари, а живеачката поскапела за речиси 1.200 денари.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG