Достапни линкови

Репозиционирање на американските сили во Азија


Американската државна секретарка Хилари Клинтон изјави дека Соединетите Држави ги репозиционираат своите воени сили во азиско-пацифичкиот регион за да одговорат на повеќе безбедносни предизвици. Таа исто така најави дека Вашингтон ќе покрене соодветна акција во Обединетите нации доколку Северна Кореја лансира ракета со долг дострел.

Во Говорот пред морнаричките кадети во Анаполис, американската државна секретарка Хилари Клинтон наведе некои од потезите на американското прераспоредување во Азија.
Американскиот носач на авиони Нимиц.
Американскиот носач на авиони Нимиц.

Денешната Кина не е Советскиот Сојуз. Не сме на работ на нова Студена војна во Азија. Само погледнете на проширената трговија меѓу нашите економии, врските меѓу нашите два народа, консултациите меѓу нашите влади. За помалку од 35 години ние успеавме од две земји кои воопшто не разговараа да станеме целосно меѓузависни.
Хилари Клинтон, државна секретарка на САД.
„Испраќаме маринци во Австралија на заеднички тренинг. Таму минатата недела веќе пристигна првиот ротирачки контингент. Распоредуваме бродови во Сингапур. Ги модернизираме нашите договори со сојузниците за базите во североисточна Азија. Исто така напорно работиме да го намалиме ризикот од недоразбирања меѓу американската и кинеската војска.“

Клинтон притоа демантира дека Соединетите Држави сакаат да го запрат прогресот на Кина како растечка сила и со тоа да го доведат Пекинг во позиција која ќе служи за зачувување на моќта и привилегиите на Соединетите Држави. Таа оцени дека не претстои нова Студена војна во Азија и притоа ги потенцира растечките не само економски односи, меѓу Вашингтон и Пекинг.

„Денешната Кина не е Советскиот Сојуз. Не сме на работ на нова Студена војна во Азија. Само погледнете на проширената трговија меѓу нашите економии, врските меѓу нашите два народа, консултациите меѓу нашите влади. За помалку од 35 години ние успеавме од две земји кои воопшто не разговараа да станеме целосно меѓузависни.“

Клинтон призна дека многу американци се соочуваат со тешки економски времиња, но според неа, едноставно во светот нема замена за Соединетите Држави. Таа отфри секаква идеја дека опаѓа моќта на Соединетите Држави, наведувајќи дека силната армија, водечките универзитети и иновативните компании се уште ја прават исклучителна во целиот свет.

Американската државна секретарка Хилари Клинтон исто така најави дека Вашингтон ќе покрене соодветна акција во Советот за безбедност на Обединетите нации ако Северна Кореја ја лансира ракетата со долг дострел.

Како што е познато, Северна Кореја најави дека како дел од прославите на роденденот на својот основач Ким Ил Сунг ќе лансира ракета која ќе носи сателит во Вселената.

Западот се сомнева во тоа и смета дека станува збор за уште едно кршење на меѓународните обврски од страна на Пјонгјанг.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG