Достапни линкови

Скопје и Охрид – Домаќини на шестиот Француски филмски фестивал


Прес-конференција по повод одржувањето на шестото по ред издание на Фестивалот на француски филм. Јордан Плевнеш, почесен претседател на фестивалот, Елизабета Канческа Милевска, министерка за култура и Лоренс Оер, амбасадорка на Франција во Македонија.
Прес-конференција по повод одржувањето на шестото по ред издание на Фестивалот на француски филм. Јордан Плевнеш, почесен претседател на фестивалот, Елизабета Канческа Милевска, министерка за култура и Лоренс Оер, амбасадорка на Франција во Македонија.

Со проекцијата на филмот „Камиј повторува“ на режисерката Ноеми Лвовски, утревечер во 20 часот во „Синеплекс“, започнува шестото издание на Францускиот филмски фестивал во Република Македонија. До недела, 30 јуни, во Скопје и во Охрид, ќе бидат прикажани 10 долгометражни и три краткометражни филмови од новата француска кинематографија, една од најсилните на Стариот континент.

Комедијата „Камиј повторува“ на режисерката и актерка Ноеми Лвовски, „Алсес на велосипед“ на Филип Ле Ге, трилерот „Во куќата“ на Франсоа Озон и драмата „Младешка љубов“ на Миа Хасен-Лов се само некои од 13-те филмовите што ќе бидат прикажани на шестото издание на Францускиот филмски фестивал, што од 26 до 30 јуни, за прв пат, ќе се одржи во Скопје и традиционално во Охрид.
ногу млади луѓе, наши идни филмски работници се образуваат и се здобиваат со непроценливи искуства токму од француската кинематографија, од најзначајните имиња на францускиот филм кои веќе ја посетија Република Македонија, но и од секојдневните дискусии и средби во рамките на фестивалот кој редовно го посетуваат многу синеасти од Балканот и пошироко.
Елизабета Канческа – Милевска, министерка за култура.

Предвидено е во четирите дена публиката да проследи 10 долгометражни и три краткометражни филмови од новата и модерна француска продукција, а официјалната селекција за оваа пригода ја направи г-дин Жан Мишел Фродон, поранешен главен уредник на „Каје ди Синема“. Тој кој ќе биде и еден од многуте гости на ова значајно културно случување на кое се очекуваат и сценаристката Флоранс Сејвос, Гијом Деланд – директор на Домот на визуелна уметност во Каен, режисерката Сандрин Поже и други.

Овој фестивал, чиј организатор е Францускиот институт во Скопје со подршка на Министерството за култура, градот Охрид и Регионот на Долна Нормандија, претставува престижна заедничка манифестација која што е значајна за македонската кинематографија бидејќи дава можност да се зацврстат темелите на идната плодна соработка меѓу францускиот и македонскиот филм.
Ќе се обидеме со режисерите, гостите на фестивалот, како и селекторот, кој е познат филмски критичар во Франција, да стапат во контакт со македонските филмски работници - режисери и продуценти и сите кои се заинтересирани.
Лоренс Оер – амбасадорка на Франција во Македонија.

„Во изминатите шест години Фестивалот на француски филм стана миленик на македонската публика, етаблирана манифестација во која со нескриена возбуда уживаат и најпробирливите познавачи на филмската уметност. Со големо задоволство ќе забележам дека многу млади луѓе, наши идни филмски работници се образуваат и се здобиваат со непроценливи искуства токму од француската кинематографија, од најзначајните имиња на францускиот филм кои веќе ја посетија Република Македонија, но и од секојдневните дискусии и средби во рамките на фестивалот кој редовно го посетуваат многу синеасти од Балканот и пошироко“, вели Елизабета Канческа – Милевска, министерка за култура.

Говорејќи во овој контекст, г-ѓа Лоренс Оер – амбасадорка на Франција во Република Македонија, забележува дека целта на манифестацијата не е само да прикаже филмови, туку покрај проекциите да воспостави и соработка за продукција и за филмска едукација.

„Ќе се обидеме со режисерите, гостите на фестивалот, како и селекторот, кој е познат филмски критичар во Франција, да стапат во контакт со македонските филмски работници - режисери и продуценти и сите кои се заинтересирани“, истакна Оер.

Таа притоа како една од примарните функции на манифестацијата ја издвои поддршката за млади творци од Македонија од францускиот Фонд за поддршка на светската кинематографија кој постои две години.

Инаку, во пресрет на отворањето, на Универзитетот ЕСРА предавање на тема „Подршка на светскиот филм“ ќе одржи Натали Стреиф од Францускиот институт во Париз, а в петок, во Центарот за култура „Глигор Прличев“ во Охрид, во посебен термин ќе биде прикажана програмата „Фокус на аудиовизуелното творештво на регионот Долна Нормандија“.

Конечно, завесата на шестиот Фестивал на француски филм ќе биде спуштена во недела со прикажувањето на одличниот „Последната изборна кампања“ на режисерот Бернар Стора, кому ќе му биде доделена почесна награда.

За ова остварување, Јордан Плевнеш, почесниот претседател на Фестивалот, ќе рече дека „на најжесток и во исто време на најнежен начин се разјаснува феноменот на политичката мистерија во времето во кое што живееме на глобален план, значи не само во Европа туку и во светот, а тоа можеше да го направи само францускиот филм“.

„Слично на онаа реченица на Трифо за Хичкок, тоа го прават денеска модерните француски синеасти. Трифо напиша за Хичкок дека тој ги сликаше убиствата како да се бакнежи, а бакнежите како да се убиства“, вели Плевнеш.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG