Достапни линкови

„Астерфест 2013“ со богата и слоевита филмска програма


Словенечкиот режисер Карпо Година.
Словенечкиот режисер Карпо Година.

Шеесетина дела на филмски автори од целиот свет ќе бидат прикажани на деветтото издание на Меѓународниот фестивал на краток филм „Астерфест“ што од 1 до 5 јуни, во организација на Тивериополската филмска алијанса, ќе се одржи во Струмица. Лауреати на манифестацијата што овојпат ќе се одвива под мотото „Зад деветтото платно“ се словенечкиот режисер Карпо Година и германскиот синеаст Ларс Хенрик Гас.

Струмица првите пет дена од јуни ќе ги живее како на филм. На градот и воопшто на културата во Република Македонија во тој период ќе им се случи деветтото издание на Меѓународниот фестивал на краток филм „Астерфест“, манифестацијата која и овојпат најавува богата и слоевита програма. Во нејзини рамки, во три официјални натпреварувачки и две ревијални програми, ќе бидат прикажани над 60-тина остварувања на автори од целиот свет, а случувањето годинава ќе се одвива под мотото „Зад деветтото платно“.
Тоа е една метафорична алузија на деветте филмски капии, деветте ридови со царски кули и деветте златни, сребрени и бронзени потковици под чии што координати се одвиваат сите овие девет изминати години и на некој начин предвестување на јубилејот затоа што тоа е голема обврска пред граѓаните и пред меѓународната филмска и културна јавност да го промовираме фестивалот во тие рамки во кои што се движеше.
Горан Тренчовски, иницијатор и основач на „Астерфест“.

„Тоа е една метафорична алузија на деветте филмски капии, деветте ридови со царски кули и деветте златни, сребрени и бронзени потковици под чии што координати се одвиваат сите овие девет изминати години и на некој начин предвестување на јубилејот затоа што тоа е голема обврска пред граѓаните и пред меѓународната филмска и културна јавност да го промовираме фестивалот во тие рамки во кои што се движеше“, вели Горан Тренчовски, иницијатор и основач на „Астерфест“.

Годинешни добитници на наградата за животно дело „Астер“се словенечкиот режисер Карпо Година и германскиот синеаст Ларс Хенрик Гас.

Роден во Скопје во 1943, Карпо Година важи за сестран филмски уметник и творец. Режисер е на целовечерните „Сплавот на медузата“, „Црвениот буги“ и „Вештачки рај“ и на голем број документарни и кратки играни филмови, меѓу кои: „Сонце“, „Пикник в недела“, „За љубовните вештини“, „Здрави луѓе за разонода“... Претставник е на „црниот бран“ во некогашната југословенска кинематографија и добитник е на над 40-на награди за своите остварувања од кои посебно за издвојување е Прешерновата награда за животно дело во полето на уметноста и културата што ја доби во 2006 година. Тој од 2011 е професор на Универзитетот во Љубљана.

Од друга страна, Ларс Хенрик Гас кому почесното признание му се доделува за вонсериски достигнувања на полето на светскиот краток филм, е долгогодишен прв човек на престижниот фестивал за краток филм во Оберхаузен. Тој наедно е филмски експерт и автор на голем број публикации за филмската уметност. Гас втора деценија успешно го менаџира фестивалот каде што своите кариери ги почнале многу денес веќе етаблирани режисери.

Инаку, во рамките на „Ѕвездени документи“, селекцијата на креативни документарци зад која стои Евгенија Теодосиевска, ќе бидат прикажани седум стории кои се врзани со човековите елементарни сентименти како потребата од блискост, осаменоста, несигурноста, стравот, сомнежот...Зад нив стојат исто толку вистински посветени филмски творци како Жемилир, Гвардиол, Манца Филак, Корина Гисен, Бартош Крухлик, Ане Клеисен, Хуан Феликс Фернандез и нашата Елизабета Коневска.

Сунчица Уневска со „Глобална фикција“ најавува вистински есеи за животот и за смртта, за љубовта и за играта. Меѓу овие кратки играни филмови се француската фантазија „Синиот воз“, научнофантастичниот „Втор ветер“, белгиската потрага по вечниот живот „Смртта на сенката“, луцидниот „Вили“ (направен според драмски текст на Вуди Ален, кој, пак, е инспириран од „Седмиот печат“ на Ингмар Бергман), „Кралот Џон“ на британците Џони Хурн и Џон Ласт, црногорскиот „Сè тоа“ и конечно македонскиот претставник „Шумарот“ на Изер Алиу.

Зад одбирот во програмата „Анимоушн“ стои Марјан Пецев - Захов кој забележува дека се обидел да направи естетски пресек на актуелното од светскиот анимиран филм, а овде меѓу делата на автори како Леа Видакович од Белгија, Чаба Бартош од Унгарија, Естонецот Уло Пиков и други е и Жарко Иванов со неговиот „Кружно патување на сенката“.

Покрај овие остварувања љубителите на филмот ќе имаат можност во рамките на селекцијата „Мувиленд“ (критичарот Влатко Галевски) да видат уште девет кратки филма од Словачка, ревијалната програма „Мери-Дионс“ содржи неколку македонски филма од млади автори, а во филмскиот блок „Посвети“ ќе биде прикажан филмот „За љубовните вештини“, антологиско дело на Карпо Година, како и шест ексклузивни филма од Оберхаузенскиот фестивал.

Згора на тоа во оф-програмата на „Астерфест“ предвидени се проекциите на пакет-едноминутните филмови од Амстердамскиот фестивал, во рамките на манифестацијата е планирано да се одржи тркалезната маса на која ќе се дебатира на тема „Перспективите на краткометражниот филм“ и, разбирливо, портрет и мастерклас на годинашниот лауреат големиот Карпо Година.

Кон ова само уште информацијата дека проекциите и фестивалските настани е планирано да се одвиваат во Домот на АРМ во Струмица и во конаците на манастирот во Вељуса.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG