Достапни линкови

Опозицијата како изговор за лошите резултати на власта


Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Власта постојано ја користи опопозицијата како изговор за нерешавањето на проблемите, велат експертите и додаваат дека опозицијата не е на власт за да биде одговорна.

За дел од експертската јавност, изјавата на премиерот Никола Груевски дека СДСМ прави сè за Македонија да добие негативни оценки, а со тоа и да не добие датум за преговори во јуни е смешна и лицемерна. Утврдување на виновник за сопствени грешки и неисполнување на обврски е клучен елемент на политичката пропаганда, вели универзитетскиот професор Здравко Савески.
Во една држава владее владата, а не опозицијата. Не може континуирано да се користи оваа пропагандна мерка како што тоа го прави оваа влада. Секогаш се наоѓаат виновници, а владата секогаш наоѓа начин да се оправда.
Здравко Савески, универзитетски професор.

„Во една држава владее владата, а не опозицијата. Не може континуирано да се користи оваа пропагандна мерка како што тоа го прави оваа влада. Секогаш се наоѓаат виновници, а владата секогаш наоѓа начин да се оправда“, вели Савески.

Не може да ја обвинувате опозицијата за нешто што е работа на власта, вели универзитетскиот професор Алајдин Демири. Но токму тоа е начинот на којшто владее актуелното политичко раководство, вели Демири.

„Денес е безмалку срамно кога опозицијата е на колена, кога опозицијата не може да се формира, кога опозицијата се бори да опстане, тој дрско и безобѕирно да ја осуди опозицијата дека за сè и сешто е виновна“, вели Демири.
Денес е безмалку срамно кога опозицијата е на колена, кога опозицијата не може да се формира, кога опозицијата се бори да опстане, тој дрско и безобѕирно да ја осуди опозицијата дека за сè и сешто е виновна.
Алајдин Демири, универзитетски професор.

Мора да се сфати дека одговорен за решавање на политичките прашања и состојбите во една демократска земја е Владата. Не може секогаш некој друг да ни биде виновен за неисполнетите домашни задачи, порачува Савески.

„Тоа е еден од изговорите кои постојано пропагандно ги користи оваа власт и тоа граѓаните конечно треба да го сфатат.“

За Демири, пак, однесувањето на власта може да се протолкува само како барање алиби за ветото кое земјава ќе го добие на самитот во јуни.

„Со овој проблем Груевски дефинитивно сака повторно да купи време знаејќи однапред дека резултатот ќе биде негативен и сега веќе во емоционални води навлегува, користи слаби адути и слаб алиби за својот сопствен пораз“, вели Демири.

Инаку вчера премиерот Никола Груевски изјави дека во оваа партија им е многу поважно што и како ќе се случува околу конгресот и Бранко Црвенковски, отколку Република Македонија. Од СДСМ одговорија дека власта јавно глуми конструктивност, а од друга страна моли бога и бара начини по секоја цена да не се формира Комисијата за истражување на настаните од 24 декември. Во меѓувреме и шефот на македонската дипломатија Никола Попоски изјави дека и Македонија и Европската унија се свесни дека на јунскиот Самит на Европскиот совет нашата земја повторно ќе биде блокирана од страна на Грција во добивањето датум за почеток на пристапните преговори за членство.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG