Достапни линкови

Обама ѝ се закани на Северна Кореја


Американскиот претседател Барак Обама на состанокот во Белата Куќа со генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун
Американскиот претседател Барак Обама на состанокот во Белата Куќа со генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун

Американскиот претседател Барак Обама изјави дека Вашингтон ќе се обиде со дипломатски средства да ги намали тензиите со Северна Кореја но, во исто време ќе ги преземе сите неопходни чекори за да ги заштити Соединетите држави и сојузниците. Во меѓувреме, јужнокорејското министерство за одбрана соопшти дека се сомнева оти Северна Кореја е способна да лансира балистичка ракета со нуклеарна боева глава.

Американскиот претседател Барак Обама по состанокот во Белата Куќа со генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун побара од Северна Кореја да ја прекине воинствената реторика.

„Двајцата се согласивме дека сега е време Северна Кореја да го прекине воинствениот пристап и да се обиде да ги намали тензиите. Никој не сака да види конфликт на Корејскиот Полустров.“

Бан Ки Мун ја повтори оваа порака на Барак Обама, повикувајќи ги Кина и другите земји кои имаат влијание врз Пјонгјанг да преземат поактива улога.
Двајцата се согласивме дека сега е време Северна Кореја да го прекине воинствениот пристап и да се обиде да ги намали тензиите. Никој не сака да види конфликт на Корејскиот Полустров.
Барак Обама, претседател на САД.

„Ги повикувам властите на Северна Кореја да се воздржат од натамошни провокативни мерки и реторика. Тоа не му помага на никој и јас навистина многу го ценам цврстиот и принципиелен одговор на претседателот Обама.“

До средбата меѓу двајцата лидери дојде откако американската воена разузнавачка агенција заклучи дека Северна Кореја веројатно постигнала напредок во нуклеарната технологија и може да монтира нуклеарни боеви глави на балистичките ракети со среден дострел.

Во извештајот се оценува дека сепак таквото оружје не би било многу функционално.

Ваквиот заклучок на американските разузнавачи денеска беше на извесен начин демантиран од јужнокорејското министерство за одбрана кое изрази сомневање дека Северна Кореја е способна за такво нешто.

„Северна Кореја изведе три атомски проби, но се уште не може да направи мала и лесна боева глава која би можело да биде намонтирана на ракета“, се прецизира во соопштението.

Во меѓувреме, Пјонгјанг уште еднаш се закани дека ги има на готовс сите, како што наведе, „моќни офанзивни средства“.

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун ги интензивира заканите за напади врз Јужна Кореја и Соединетите држави откако Советот за безбедност на Обединетите нации воведе нови економски санкции против Пјонгјанг, поради изведената нуклерана проба во февруари годинава.

Воинственоста на Ким Џонг Ун, според директорот на американската национална безбедност Џејмс Клапер, е обид да добие меѓународна помош и подобра позиција во идните преговори.

„Што се однесува до целите на новиот лидер мислам дека негова примарна цел е да ја консолидира и афирмира својата моќ и да им покаже на Соединетите држави и на светот, но и на својот народ дека има целосна контрола во Северна Кореја“, изјави Клапер во обраќањето во Комитетот за безбедност на американскиот Конгрес.

Сепак, тој, како и директорот на ЦИА Џон Бренан се согласува дека е тешко со сигурност да се проценат постапките на новиот севернокорејски лидер.

Американскиот министер за одбрана Џак Хејгел деновиве изјави дека не верува оти Северна Кореја и Иран имаат технички капацитет со нуклеарно оружје да ја нападат американската територија.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG