Достапни линкови

Вести

Курдскиот лидер повика на примирје со Турција

Курскиот лидер Абдула Очалан
Курскиот лидер Абдула Очалан
Курдскиот лидер Абдула Оџалан, кој отслужува доживотна казна затвор повика на примирје со Турција со кое би требало да се стави крај на речиси тридеценискиот конфликт. Неговата порака беше прочитана на масовниот собир во градот Дијабекир,по повод курдската нова година Норуз.
Во соопштението, Оџалан ги повика курдските бунтовници да се повлечат од Турција и порача дека се отвара врата за демократски процес во земјата.

види ги сите денешни вести

Иран и Русија изведуваат поморски вежби додека САД го засилуваат военото присуство во Арапско Море

Илустрација - Арапско Море/06.02.2026
Илустрација - Арапско Море/06.02.2026

Иран и Русија во четврток започнаа заеднички поморски вежби во јужните води на Иран, додека САД продолжуваат да го прошируваат своето воено присуство во Арапско Море.

Вежбите се одвиваат првенствено во Ормуски Теснец, Омански Залив и северниот дел на Индиски Океан.

Познати како „Поморски безбедносен појас“, вежбите се одржуваат од 2019 година и обично ја вклучуваат и Кина, иако Пекинг, како што изгледа, не учествува во актуелните вежби.

Контраадмиралот на иранската морнарица, Хасан Максудлу, им изјави на новинарите дека една од целите на вежбите е „да се спречи каква било еднострана акција во регионот“, што изгледаше како имплицитна референца на засилувањето на присуството на американската војска.

Иранско-руски вежби

Иранската и руската морнарица изведоа вежби на воздушно извидување и практикуваа тактички формации и маневрирање, пренесоа иранските медиуми.

Вежбите, исто така, опфатија сценарија на офанзивни формации насочени кон подобрување на тактичката координација, зајакнување на заедничката команда и контрола и увежбување на брза реакција во оперативни услови, при што единиците практикуваа комбинирано распоредување и техники на маневрирање.

Меѓу силите што учествуваа беа единици на иранската морнарица и морнарицата на Корпусот на исламската револуционерна гарда - воени бродови, ракетни чамци, хеликоптери, тимови за специјални операции и летала за брзи напади, заедно со руската корвета „Стојкиј“ и авиони на иранската воена авијација.

Се очекува Европска Унија оваа недела да го означи Корпусот на исламската револуционерна гарда, кој одржа свои поморски вежби во Ормуски Теснец на 16 и 17 февруари, како терористичка организација. Одлуката за ставање на IRGC на „црна листа“ беше донесена минатиот месец.

Од руската страна, се чини дека во вежбите учествува само еден воен брод.

„Мали“ и „симболични“

Укажувајќи на слабото присуство на Русија, поранешниот ирански морнарички офицер Мохамед Парси ја опиша вежбата како „мала“ и „симболична“.

„Не можам да замислам дека Русија би понудила вистинска поддршка во директен судир меѓу Иран и САД“, изјави тој за Радио Фарда (ирански сервис на РСЕ), додавајќи дека Москва веројатно го користи Техеран во својот поширок судир со Западот, наместо да се обврзе на заемна одбрана.

Вежбите се одржуваат додека САД и Иран ги продолжуваат разговорите за можен договор што би го ограничил иранскиот нуклеарен програм и би спречил војна.

„Иран би бил многу мудар доколку постигне договор“, изјави во средата портпаролката на Белата куќа, Керолин Левит, откако втората рунда разговори меѓу САД и Иран во Женева заврши без напредок.

Вашингтон во последните недели го засилуваше своето воено присуство на Блискиот Исток и неодамна распореди втор носач на авиони во Арапско Море.

Според некои извештаи, американската воздушна моќ во регионот сега го достигнала своето најсилно ниво од инвазијата на Ирак во 2003 година.

Истражителите одземаат документација за трамвајот што учествуваше во несреќата во Сараево

Несреќа во Сараево, 12 февруари 2026 година.
Несреќа во Сараево, 12 февруари 2026 година.

Истражителите од Министерството за внатрешни работи на Сараевскиот кантон одземаат документација од Кантоналното јавно комунално претпријатие ГРАС, која се однесува на употребата на трамвајот број 516 што учествуваше во несреќата во која едно лице загина, а повеќе лица беа повредени, како и техничката документација за сите чешки трамваи и одредени персонални досиеја на вработените, соопшти во четвртокот Сараевското кантонално обвинителство.

Во рамки на истрагата за несреќата од 12 февруари, од Министерството за сообраќај на Сараевскиот кантон се одзема документација поврзана со стручниот надзор над трамвајскиот сообраќај што се спроведувал во ГРАС, јавното комунално претпријатие задолжено за градскиот превоз во Сараево.

Во рамки на проверката на наводите од пријавата што се однесува на јавните набавки на магнетни сопирачки, се вршат претреси во просториите на фирмата „Виклер-Промет“ на две локации, се наведува во соопштението на Обвинителството на Кантонот Сараево.

Откако трамвајот со број 516 излета од шините и урна трамвајска постојка, загина едно 23-годишно момче, додека повеќе лица се повредени.

Обвинителството на Кантонот Сараево во средата соопшти дека во рамки на истрагата за трамвајската несреќа се сослушани 30 сведоци, а одземени се 10 снимки од видеонадзор од околните објекти, како и снимка од кабината на трамвајот.

Од кантоналното Министерство за сообраќај веќе е одземена „обемна документација што се однесува на реконструкцијата на целосната трамвајска пруга и сигналните планови на сите релевантни раскрсници, кои ќе бидат предмет на вештачење“.

Обвинителството претходно наведе дека утврдило оти „постои основано сомнение дека возачот сторил кривично дело „загрозување на јавниот сообраќај од небрежност со смртна последица“, но дека ја почитува одлуката на Судот кој го одби нивниот предлог за притвор за возачот на трамвајот и го пуштил на слобода.

Возачот се изјасни дека не е виновен и дека несреќата се случила поради техничка неисправност на трамвајот, што го тврди и Синдикатот на КЈКП ГРАС.

Во деновите по несреќата на 12 февруари, оставки поднесоа премиерот на Кантонот Сараево, Нихад Ук, како и директорот на КЈКП ГРАС, Сенад Мујакиќ.

Стотици граѓани секој ден протестираат на местото на несреќата, како и пред зградите на владините и правосудните институции, барајќи одговорност за трагедијата.

Усвоени законските измени за продолжување на рокот за легализација на дивоградбите

Фотоархива: Отстранување на нелегални објекти од страна на Општина Охрид
Фотоархива: Отстранување на нелегални објекти од страна на Општина Охрид

Собранието денеска (19 февруари) во рамки на 85. седница по скратена постапка го донесе Закон за изменување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти. Со овие измени, рокот за легализација на дивоградбите се продолжува за уште пет години, односно до 2031 година.

Дополнителните пет години се дадени за да се завршат постапките за објектите изградени до 2011 година и формално измените не отвораат нова врата за нови барања, туку се однесуваат исклучиво на оние граѓани кои веќе поднеле документација и со години чекаат разрешница.

Барање од Управниот одбор на ЗЕЛС

Законот беше донесе со 67 гласови „за“, пет „против“ и без ниту еден воздржан.

Управниот одбор на ЗЕЛС на почетокот на месецов до Собранието, Владата и Министерството за транспорт достави барање со цел да се овозмои продолжување на рокот на Законот за постапување со бесправно изградени објекти заклучно со 2031 година.

Во самото барање од Управниот одбор на ЗЕЛС е образложено дека голем дел од постапките не биле завршени поради водење на судски спорови поврзани со правата врз изградените објекти, судски постапки поведени во рамките на постапката која се води пред општината, одложување на донесување на управни акти во постапката поради наследни и други имотно-правни околности кои требало да се решат како претходно прашање во постапка, како и други непредвидени околности.

При тоа, продложувањето на рокот има за цел само довршување на постапките кои се веќе отпочнати, а не и доставување на нови барања и оформување на нови предмети за постапување.

Првично ваков закон беше донесен во 2011 година, а со денеска усвоените измени во членот 5 зборовите „петнаесет години“ се заменуваат со зборовите „дваесет години“, со што се означува времетраењето на процесот на озаконување.

Од парламентарното мнозинство во текот на општата расправа посочија дека станува збор за техничко продолжување, со цел да не се прекинат илјадници предмети кои се наоѓаат во различни фази на постапка.

Пратеничката Бисерка Златеска од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека Предлог-законот е предложен по скратена постапка, бидејќи станува збор за закон со кој им се дава можност на граѓаните кои имаат покренато процес за легализација на дивоградбите, а досега не добиле разрешница поради тоа што надлежните институции не ги завршиле своите обврски.

Таа додаде дека не станува збор за решение со кое се отвора нов процес на легализација.

„Ако не се донесе ваков закон ќе се казнат граѓаните кои навреме поднеле барања, а не ги исполниле роковите за легализација не по нивна вина, туку поради процесни причини“, рече Златеска.

Таа истакна дека овој предлог не отвора можност за нови дивоградби, туку се однесува на довршување на започнати објекти без дозвола, без нови барања.

Појасни дека рокот се продолжува до март 2031, наместо март 2026. Додаде дека продолжувањето нема финансиски импликации врз буџетот, не создава нови предмети и ги затвора старите.

Пратеникот Малиша Станковиќ од СПМ нагласи дека во 2011 е донесено првичното законско решение, кое, како што рече, во тој период било контроверзно. Додаде дека и самото име на предлогот е таков бидејќи се бара легализирање на нешто што е бесправно.

„Но, и тогаш и сега, треба да се решат проблемите на овие граѓани, кои не по своја вина, не го завршиле процесот“, рече Станковиќ кој го поддржа предлогот.

Потсети дека во 2011 година на пример, во Кисела Вода околу 4600 до 4700 објекти биле дивогради.

Пратеникот Беким Ќоку од БЕСА нагласи дека ќе го поддржат законското решение, бидејќи како што се надоврза, овозможува завршување на сите постапки за легализација на објекти, кои се изградени без дозвола.

Според пратеникот Сашко Јанчев од Левица, предлогот има погрешно име и треба да се нарече „закон за стимулирање изградба на дивоградби“. Тој рече дека првично закон бил донесен во 2011 година и требал еднократно да го реши проблемот, но владите кои се менувале го продолжиле периодот за легализација на 15 години, а со новиот предлог се оди на вкупно 20 години.

Основната идеја на законот беше да се постави ред во урбанизмот кој беше во хаос поради ненавременото носење на урбанистичките планови. Петнаесет години подоцна, сѐ уште илјадници граѓани чекаат локалните власти да им ги решат проблемите и да им дадат документ за сопственост на имот.

Уапсен принцот Ендру, брат на кралот Чарлс

Помладиот брат на кралот Чарлс, Ендру е уапсен во четврток, 19 февруари под сомнение за злоупотреба на јавна функција поради наводи дека му испратил доверливи владини документи на Џефри Епстин, објави Би-Би-Си.

Полицијата претходно овој месец соопшти дека полицајците ги разгледуваат наводите дека принцот Ендру му доставил документи на починатиот осуден сексуален престапник, според досиејата објавени од американската влада.

„Полицијата отвори истрага за кривично дело злоупотреба на јавна функција. Маж во шеесеттите години од Норфолк е уапсен и останува во полициски притвор. Според националните правила, нема да го именуваме уапсениот човек“, се вели во соопштението на полицијата на платформата X.

Претходно весници објавија дека шест необележани полициски автомобили и околу осум полицајци во цивил пристигнале во Вуд Фарм на имотот Сандрингам во источна Англија, каде што сега живее принцот Ендру, кој денеска полни 66 години.

Поранешниот принц, вториот син на покојната кралица Елизабета, отсекогаш негирал какво било кривично дело во врска со Епстин и изјавил дека жали за нивното пријателство. Но, тој не одговорил на барањата за коментар по последното објавување на документите.

Засега нема коментар од Бакингемската палата.

Принцот Ендру бил пријавен во полиција од страна на антимонархистичката кампања „Република“ по објавувањето на повеќе од 3 милиони страници документи поврзани со Епштајн, кој беше осуден за барање проституција од малолетник во 2008 година.

Овие досиеја сугерираат дека во 2010 година принцот Ендру му проследил на Епстин извештаи за Виетнам, Сингапур и други места што ги посетил на службени патувања.

Полицијата и Службата за обвинителство на Британската круна претходно изјавија дека разговарале за случајот. Полицијата соопшти дека обвинувањата за злоупотреба на јавна функција, што е кривично дело од „општото право“ и затоа не е опфатено со пишано законско законодавство, вклучуваат „посебни сложености“.

Дали санкциите на ЕУ кон Русија ќе бидат во застој додека Унгарија и Словачка ги користат ветата за нафта?

илустрација
илустрација

Додека Европската Унија брза да го одобри новиот пакет санкции кон Русија до четвртата годишнина од целосната инвазија на Москва врз Украина следната недела, можеби се појави нова пречка.

Блокот веќе се мачеше да се согласи за поморска забрана за руска нафта, но сега Унгарија и Словачка ги користат своите вета на 20-тиот пакет санкции на ЕУ за да се осигурат дека руската нафта сè уште тече кон нив, или преку оштетениот нафтовод „Дружба“ или преку Хрватска.

Неколку европски дипломати со кои Радио Слободна Европа беше во контакт под услов на анонимност потврдија дека Унгарија и Словачка сигнализирале дека ставиле таканаречена „општа резерва“ во пакетот санкции.

Ова значи дека Будимпешта и Братислава ќе бараат дополнителни информации или гаранции дека нивните барања за протокот на нафта ќе бидат почитувани пред да дадат зелено светло за пакетот.

Додека Европската Унија воведе забрана за увоз на руска нафта преку цевководи поради војната на Кремљ во Украина, Унгарија и Словачка обезбедија исклучоци од тие санкции користејќи го нафтоводот „Дружба“, кој носи руска нафта до Централна Европа преку Украина.

Сепак, испораките од овој гасовод се запрени од 27 јануари, а Киев изјави дека руски дрон е одговорен за оштетувањето на енергетската инфраструктура.

И Унгарија и Словачка сепак ја обвинија Украина за бавност во повторното започнување на протокот, а словачкиот премиер Роберт Фицо дури го обвини Киев дека го прави ова за да изврши притисок врз Унгарија да го отфрли долгорочното вето врз идното членство на Украина во Европската Унија.

На 18 февруари, тие исто така изјавија дека го запираат извозот на дизел во Украина сè додека не се рестартира протокот на нафта.

Во меѓувреме, Европската комисија го контактираше Киев во врска со ситуацијата, а Унгарија официјално побара од Хрватска да пумпа руска нафта, користејќи ја нејзината цевководна мрежа.

Хрватска изјави дека ќе го исполни барањето, под услов тоа да е компатибилно со законот за санкции на ЕУ и САД.

Амбасадорите на ЕУ ќе се состанат на 20 февруари со надеж дека ќе дадат потребно едногласно зелено светло за пакетот санкции, но европските дипломати за РСЕ изјавија дека не ја исклучуваат можноста дека можеби ќе треба повторно да се состанат во текот на викендот за да ги имаат санкциите подготвени за политичко одобрување кога министрите за надворешни работи на блокот ќе се состанат во Брисел на 23 февруари.

Освен последната резерва на Унгарија и Словачка, претставниците на земјите-членки сè уште не се согласиле за тоа каква форма треба да има потенцијалната поморска забрана за руска нафта.

Идејата на Европската комисија е да им се забрани на економските оператори на ЕУ да обезбедуваат услуги за кој било брод што транспортира нафта од руските пристаништа. Таквата мерка би отишла подалеку од сегашното ограничување на цената на нафтата - наметнато од водечките индустриски земји на Групата седум (Г7) и моментално поставено на 47,60 долари за барел - бидејќи би ги спречило бродовите со знаме на ЕУ целосно да транспортираат руска нафта.

Бродовите што не се од ЕУ би биле ослободени, но нема да можат да се потпрат на пристанишните услуги и осигурување на ЕУ.

Морските земји на ЕУ, како што се Кипар, Грција и Малта, сепак инсистираат мерката прво да биде одобрена од Г7. Но, малкумина во Брисел веруваат дека Г7 некогаш ќе се согласи на таков потег, а главното прашање сега е обезбедување договор што ќе ѝ овозможи на ЕУ да се одлучи за поморска забрана во соработка со други истомислечки трети земји.

Бугарија: Привремената влада на Ѓуров стапи на должност

Привремената влада со премиерот Андреј Ѓуров стапи на должност откако положи заклетва пред Народното собрание, 19 февруари 2026 година
Привремената влада со премиерот Андреј Ѓуров стапи на должност откако положи заклетва пред Народното собрание, 19 февруари 2026 година

Привремената влада со премиерот Андреј Ѓуров официјално ја презеде функцијата во среда, 19 февруари, откако положи заклетва пред Народното собрание.

Порано во текот на денот, Илијана Јотова потпиша указ за назначување на привремената влада, како и втор указ за закажување на нови парламентарни избори што ќе се одржат на 19 април 2026 година.

Веста доаѓа еден ден откако Ѓуров ѝ ја претстави привремената влада на Јотова во среда. Претседателот ги одобри предложените министри и рече дека таа ќе го назначи кабинетот.

Исто така во четврток, Ѓуров ја поднесе својата оставка од функцијата заменик-гувернер на Бугарската национална банка (БНБ) до Народното собрание, изјави претседателката на парламентот Раја Назарјан.

„Денес не се обраќам само на оваа сала. Се обраќам на секој бугарски граѓанин кој очекува одговорност од државата, а не ветувања“, им рече Ѓуров на пратениците по положувањето заклетва.

„Лично, јас и привремената влада преземаме одговорност да подготвиме и одржиме фер избори. Во време на внатрешна тензија и глобална несигурност, немаме право да ги избираме нашите задачи. Ние го преземаме предизвикот да управуваме со земјата додека не се формира редовен кабинет - без хистерија, со разум и цврсто заснован на реалноста“, додаде новиот привремен премиер.

Тој ги наведе некои од задачите со кои се соочува владата. Покрај одржувањето фер избори, тие вклучуваат обезбедување финансиска стабилност и подготовка на нов проширен буџет, фер распределба на средствата до општините, враќање на законитоста во управувањето со обвинителството, обезбедување на безбедноста на граѓаните итн.

По положувањето заклетва пред пратениците во парламентот, привремените министри се упатија кон Советот на министри, каде што се одржа церемонија на предавање и прифаќање на власта.

„Вие сте разумен и мудар човек и сигурен сум дека вие и вашите колеги ќе можете да го разликувате доброто што е направено од она што не е направено, а може да се направи“, му рече поранешниот премиер Жељазков на Ѓуров.

Жељазков и уште 11 министри од претходниот редовен кабинет се враќаат во Народното собрание како заменици.

Според ГЕРБ и ДПС – Нов почеток, кабинетот е „лична одговорност“ на Јотова. ГЕРБ навести за поврзаност со Радев, кој поднесе оставка во јануари за да се кандидира на изборите, додека ДПС рече дека владата е поврзана со ПП-ДБ.

В среда, Ѓуров им рече на пратениците дека „преодната влада нема коалициски математички податоци и нема скриени услови и договори“.

ДКСК го запре предметот против Блерим Беџети – не морал да ја пријави градежната фирма на неговите деца

Блерим Беџети - пратеник
Блерим Беџети - пратеник

Откако првично го казни пратеникот Блерим Беџети од ДУИ поради непријавување промена на интереси, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) донесе поинаква одлука - дека законски немал никаква обврска за тоа што не ја пријавил градежната компанија „Ве Инвест Холдинг “ на своите две деца, за која пишуваше РСЕ.

На последната седница, Антикорупциска соопшти дека констатирала прекршок и го казнила Беџети бидејќи не пријавил промена во анкетниот лист во рок од 30 дена од основањето на фирмата во септември 2025 година.

Но, како што соопшти членот на Комисијата, Сервет Демири, Беџети поднел приговор и доставил докази – копии од лични карти дека синот и ќерката не живеат во заедничко домаќинство со нивниот татко.

„ДКСК утврди дека лицето немало обврска да пријави на интересите согласно закон бидејќи неговите блиски лица не се членови во семејство. Семејство се подразбира брачен другар, вонбраче другар, деца, со кој лицето живее во заедничко домаќинство“, рече Демири.

Од Антикорупциска велат дека е утврдена „нова фактичка состојба“, додека издадениот платен налог го поништиле.

Државната комисија за спречување на корупцијата отвори предмет против пратеникот Блерим Беџети за непријавен имот по написот на РСЕ дека неговиот 19-годишен син и 21 годишната ќерка отвориле градежна компанија „Ве Инвест Холдинг“, со седиште во стан во сопственост на таткото на Блерим, Беџет Беџети.

Во тогаш јавно достапниот анкетен лист на Блерим Беџети, како имот на деца беа наведени автомобил Голф фолксфаген, произведен во 2021 година, а купен на 26 јуни 2024 година за сума од 23.000 евра, како и заштеда од плата, стекната на 27 јуни 2023 година од 2.000 евра. Но, не и компанијата.

Беџети тогаш изјави дека фирмата нема да гради згради, туку дека тоа е општа дејност под која е регистрирана во Централниот регистар.

Во ноември 2025 година, Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Сарај, Блерим Беџети и уште осум лица вработени во општина Сарај и Град Скопје поради сомнение за злоупотреба на службената положба. Случајот се однесува на нерегуларности при издавање градежни дозволи за објект во Сарај.

ОН: Израелските акции ги зголемуваат стравувањата од „етничко чистење“ на Западниот Брег и Газа

Газа, Појас Газа
Газа, Појас Газа

Зголемените напади и присилните трансфери на Палестинци од страна на Израел „предизвикуваат загриженост во врска со етничкото чистење“ во Појасот Газа и на Западниот Брег, соопштија Обединетите нации во четврток, 19 февруари.

Канцеларијата за човекови права на ОН соопшти дека кумулативното влијание на военото однесување на Израел за време на војната во Газа, плус блокадата на територијата, предизвикало услови за живот „сè понеспоиви со понатамошното постоење на Палестинците како група во Газа“.

„Засилените напади, методичното уништување на цели населби и негирањето на хуманитарна помош се чини дека имаат за цел трајна демографска промена во Газа. Ова, заедно со присилните трансфери, кои се чини дека имаат за цел трајно раселување, предизвикуваат загриженост во врска со етничкото чистење во Газа и на Западниот Брег“, се вели во извештајот на канцеларијата.

Извештајот го опфаќа периодот од 1 ноември 2024 година до 31 октомври 2025 година.

Во окупираниот Западен Брег и анектираниот Источен Ерусалим, во извештајот се вели дека „систематската употреба на незаконска сила“ од страна на израелските безбедносни сили, „широко распространетото“ произволно притворање и „обемното незаконско рушење“ на палестинските домови се спроведуваат за „систематска дискриминација, угнетување, контрола и доминација врз палестинскиот народ“.

„Овие прекршувања „го менуваат карактерот, статусот и демографскиот состав на окупираниот Западен Брег, предизвикувајќи сериозна загриженост за етничко чистење“, се наведува во извештајот.

Извештајот го осудува континуираното убивање и осакатување на „невиден број цивили“ во Газа, ширењето на гладот и уништувањето на „преостанатата цивилна инфраструктура“.

Во текот на 12-те месеци опфатени во извештајот, најмалку 463 Палестинци, вклучувајќи 157 деца, умреа од глад во Газа, се вели во извештајот.

„Палестинците се соочија со нехуманиот избор или да умрат од глад или да ризикуваат да бидат убиени додека се обидуваат да добијат храна.Ситуацијата на глад и неухранетост беше директен резултат на дејствијата преземени од израелската влада“, при што смртните случаи и страдањето од глад беа „предвидливи и постојано предвидени“, се наведува во извештајот.

Во текот на периодот на известување, Хамас (прогласена за терористичка организација од страна на ЕУ и САД) и другите палестински вооружени групи продолжија да ги држат израелските и странските заложници заробени на 7 октомври 2023 година - мртви или живи - како „алатки за пазарење“.

Канцеларијата за човекови права соопшти дека третманот на заложниците претставува воени злосторства.

„Израелските сили, „Хамас и други палестински вооружени групи извршија сериозни кршења на меѓународното хуманитарно право во Газа, груби кршења и злоупотреби на меѓународното право за човекови права и свирепи злосторства“, се заклучува во извештајот на Обединетите нации.

Доживотен затвор за поранешниот јужнокорејски претседател Јун Сук-Јеол

Поранешниот јужнокорејски претседател Јун Сук-Jеол е осуден на доживотен затвор
Поранешниот јужнокорејски претседател Јун Сук-Jеол е осуден на доживотен затвор

Централниот окружен суд во Сеул го осуди поранешниот јужнокорејски претседател Јун Сук-Jеол на доживотен затвор по обвинението за поттикнување бунт поради неговата краткотрајна воена состојба во декември 2024 година, објави јужнокорејската агенција Јонхап.

Судот, кој првично го прогласи Јун за виновен за бунт, ја донесе првата пресуда во случајот, во која се вели дека тој имал за цел да го распушти парламентот со испраќање војници во зградата на законодавниот дом.

Канцеларијата на специјалниот обвинител препорача смртна казна, додаде Јонхап.

Централниот окружен суд во Сеул на 14 април го отвори процесот против отповиканиот претседател на Јужна Кореја, Јун Сук-Јеол, обвинет за бунт и велепредавство.

Обвиненијата се однесуваат на краткотрајното воведување воена состојба во декември, што Јун го прогласи за време на жесток спор во парламентот околу државниот буџет. Иако мерката траеше само неколку часа, предизвика сериозна политичка криза.

Јун подоцна беше подложен на постапка за импичмент, а на 4 април Уставниот суд официјално го отстрани од функцијата.

Сведоци од армијата тврдат дека Јун наредил пратениците насила да бидат исфрлени од пленарната сала, во обид да спречи гласање што можело да ја укине воената состојба.

Јун ги отфрла сите обвинувања.

Собранието го избра Гоце Наумовски за нов уставен судија

Собранието на Северна Македонија го избра Гоце Наумовски за нов уставен судија. 18.02.2026.
Собранието на Северна Македонија го избра Гоце Наумовски за нов уставен судија. 18.02.2026.

Со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани, Собранието денеска го избра Гоце Наумовски за нов уставен судија. По гласањето, Наумовски даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно и одговорно, почитувајќи ги Уставот и законите.

Изборот следува по оставката на професорката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември минатата година се повлече од функцијата поради здравствени и лични причини.

Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ во Скопје и, како што се вели во медиумските извештаи, е надворешен соработник на премиерот Христијан Мицкоски во областа на правото. Тој е брат на поранешниот вицепремиер за евроинтеграции Васко Наумовски.

Неговата кандидатура беше предложена од претседателот на собраниската Комисија за прашања за изборите и именувањата, Ѓорѓија Сајкоски од ВМРО-ДПМНЕ, кој оцени дека Наумовски има импресивна биографија и кредибилитет да го штити Уставот и интересите на граѓаните.

Опозицискиот СДСМ тогаш реагираше дека станува збор за кадровско решение од кабинетот на премиерот и предупреди на обид за целосна контрола врз судството. Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека Наумовски не е партиски кадар, туку угледен професор, за разлика од претходните предлози на СДСМ, кои според нив биле партиски решенија.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG