Достапни линкови

Рецитал на Ѓошевска во Скопје


Марија Ѓошевска, пијанистка. Фото Кире Галевски.
Марија Ѓошевска, пијанистка. Фото Кире Галевски.

Со дела на Шуберт, Шопен и Дебиси, утревечер во 20 часот во Музеј на град Скопје, ќе се претстави Марија Ѓошевска, една од најистакнатите и најактивните пијанистки во Македонија. Ова е прв нејзин рецитал по скоро тригодишна пауза и со него таа ја најавува серијата на перформанси во рамките на која во јуни ќе одржи голем концерт во Индонезија.

По тригодишна пауза од последното рецитално претставување, Марија Ѓошевска со нова програма ги кани вљубениците во убавата музика на својот нов перформанс во Музеј на град Скопје. Овојпат пијанистката за која е забележано дека „поседува мунициозна виртуозност и изразита индивидуалност“, се реши да се претстави со дела на големите Шуберт, Шопен и Дебиси. За ваквиот одбир, Ѓошевска, вели дека е инспириран од двегодишниот европски проект во кој учествувала заедно со нејзините колеги Дино Имери и Тања Божиновска и во рамките на кој, сем во Македонија, музицирале и мастер класови посетувале и во Молдавија, Австрија, Полска и во Франција.
Во мојата интерпретација големо влијание има и тоа што ми се случува во животот. Јас сум мајка, сопруга и веројатно во голем дел и таа мајчинска енергија и таа енергија што животот ја создава во голем дел се пренесува на мене како изведувач. Јас сум и професор на Факултетот за музичка уметност. Имам голема класа и моите студенти во голема мера се моја инспирација.
Марија Ѓошевска, пијанистка.

„Од Дебиси ја одбрав композицијата „Остров на радоста“, затоа што мислам дека после Шубер и Шопен би одговарало да внесеме и малку радост во самиот рецитал, а и одговара за неговиот крај затоа што завршува во една таква атмосфера. Јас секогаш ги конципирам моите рецитали да завршат радосно, свечено и мислам дека Дебиси е музика која што многу се надоврзува на музиката на Шопен во смисла на односот кон звукот и можеби донекаде естетиката затоа што Шопен и Дебиси биле најдобрите пијанисти на своето време и се издвојуваат од останатите композитори можеби по тоа што создале еден суптилен и впечатлив однос кон пијаното. “

Уметницата дополнува дека таа, всушност, сака на публиката да и ги пренесе импресиите што самата ги доживеала на своите патувања и вели дека музиката која што ја изведува носи една таква енергија – нешто што е доживеано и што сака да го сподели со другите.
Во најава имам и рецитал во Индонезија, односно во Џакарта за кој скопскиот рецитал практично ќе биде некаква подготовка. При крајот на годината очекувам и концерт во Бугарија со тамошен симфониски оркестар за кој сè уште не знам што ќе изведувам, но сум со одредени размислувања.
Марија Ѓошевска, пијанистка.

„Во мојата интерпретација големо влијание има и тоа што ми се случува во животот. Јас сум мајка, сопруга и веројатно во голем дел и таа мајчинска енергија и таа енергија што животот ја создава во голем дел се пренесува на мене како изведувач. Јас сум и професор на Факултетот за музичка уметност. Имам голема класа и моите студенти во голема мера се моја инспирација.“

Ѓошевска заедно со Владимир Костов, виолинист и концерт мајстор на Македонската филхармонија и Александар Котевски, нејзин сопруг, виолончелист и уметнички директор на Операта, често настапуваат и како камерно трио „ВАМ“. Сепак, таа, потенцира дека наспроти тие перформанси или оние со големите оркестри, годинава одлучила да си ја посвети на себе и серијата рецитали што треба да ги одржи во земјава и во странство.

„Во најава имам и рецитал во Индонезија, односно во Џакарта за кој скопскиот рецитал практично ќе биде некаква подготовка. При крајот на годината очекувам и концерт во Бугарија со тамошен симфониски оркестар за кој сè уште не знам што ќе изведувам, но сум со одредени размислувања.“

Родена 1980 година, Марија Ѓошевска дипломирала, магистрирала и докторирала ( 2009) на Факултетот за музичка уметност во класата на професор Борис Романов. Добитник е на повеќе награди и признанија на бројни државни и меѓународни натпревари ( ...три први награди на републичките натпревари по пијано, во 1995 беше финалист на меѓународниот натпревар во Усти над Лабен – Чешка; 1996 – финалист на меѓународниот натпревар во Сенегалија – Италија; 1997 ја освои третата награда на меѓународниот натпревар „Никола Рубинштајн“ во Париз – Франција...), а како солистка и камерен музичар настапувала на реномираните фестивали во регионов, ширум Европа и во САД. Зад себе има бројни концерти со Македонската филхармонија, Дубровачки симфониски оркестар, камерниот оркестар на МММ и Фестивалскиот оркетар на „Охридско лето“.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG