Достапни линкови

Промоција на „Крикови од неископан гроб“ на Иван Антоновски


Крикови од неископан гроб, книга на македонскиот поет Иван Антоновски, корица.
Крикови од неископан гроб, книга на македонскиот поет Иван Антоновски, корица.

„Крикови од неископан гроб“ е шестата поетска книга на Иван Антоновски. Промоцијата на делото што се појави пред извесно време е вечерва во мултимедијалниот изложбен центар „Матица ексклузив“ во Скопје.

Се одлучив промоцијата да биде неколку месеци по објавувањето на „Крикови од неископан гроб“ затоа што на читателите сакав да им ја дадам можноста самите да ја доживеат книгата на оној начин на кој што тие сметаат дека е најсоодветно и притоа без некој да им посочи што е она што е нејзина вредност да се обидат да ги протолкуваат оние вредности што за нив заслужуваат внимание, ќе рече Иван Антоновски во пресрет на промоцијата на својата шеста поетска објава. Тој дополнува дека најголемото самоубиство кое што еден автор може да го изврши на себе како творец е да им посочи на своите читатели како да го толкуваат и вреднуваат она што тој го оставил меѓу кориците.
Не сакав да ја преземам улогата на херменевтичар, ниту некому да му ја дадам улогата на промотор кој на читателите ќе им укаже како да ја читаат „Крикови од неископан гроб“. Едноставно сакав читателите да бидат оние кои што ќе одлучат каков живот ќе има мојата најнова стихозбирка.
Иван Антоновски, поет.

„Не сакав да ја преземам улогата на херменевтичар, ниту некому да му ја дадам улогата на промотор кој на читателите ќе им укаже како да ја читаат „Крикови од неископан гроб“. Едноставно сакав читателите да бидат оние кои што ќе одлучат каков живот ќе има мојата најнова стихозбирка.“
Иван Антоновски, поет.
Иван Антоновски, поет.

Конципирана во три одделни поглавја, „Крикови од неископан гроб“ на виделина ја изнесува поетовата постомодернистичка ангажираност која се движи од општествено-социјалните теми, преку длабоките интимни исповеди и сè до прескокнувањето на линијата што го издвојува реалното од имагинарното. Тој истакнува дека секој автор мора да мине и низ една творечка фаза во која негова преокупација ќе биде таа темна страна на живеењето.
Најверојатно во овој миг јас минувам низ таа творешка фаза. Не би можел да кажам дали таа творечка фаза е завршена, но можам да кажам дека „Крикови од неископан гроб“ е токму тоа – крик предизвикан од сето она што го доживувам во овој, актуелен наш миг како темна страна на нашето живеење.
Иван Антоновски, поет.

„Најверојатно во овој миг јас минувам низ таа творешка фаза. Не би можел да кажам дали таа творечка фаза е завршена, но можам да кажам дека „Крикови од неископан гроб“ е токму тоа – крик предизвикан од сето она што го доживувам во овој, актуелен наш миг како темна страна на нашето живеење.“

Говорејќи за младешката бунтовност, за моќта на творечките пораки во времево и на просторот каде битисаме, Антоновски вели дека притоа знае да го цитира палестинскиот поет Махмуд Дарвиш и наново да потенцира дека „поезијата можеби не може да го смени светот, но може да разнесе кандилца во мракот“.

„Се надевам дека и „Крикови од неископан гроб“ ќе помести неколку кандилца во духовниот мрак и дека, сепак, во неа ќе се пронајде нешто кое што може да предизвика промена во размислувањето и во начинот на кој што го минуваме секојдневието барем кај оние што ќе се обидат да ја разберат. А, колу еден творец може да го оствари тоа на вистински начин не зависи само од неговата желба, туку и од естетските вредности на она што ќе го стави на хартија.“

Иван Антоновски на домашната културна сцена е познат како најмладиот член на Друштвото на писателите на Македонија, минатогодишен добитник на наградата „13 ноември“ на Град Скопје и како веќе етаблиран автор, книжевен критичар и антологичар. Сепак, тој искрено и не се чувствува комотно во „етаблираноста“ затоа што, како што вели, вредноста на еден творец не треба да се мери според тоа колку е присутен во она што е медиумски простор и колку им е познат на читателите.

„Вредноста на еден творец треба да се процени според она што го има стварно како свој опус и според она што им го нуди на читателите. Членувањето во Друштвото на писателите или во која и да е друга организација само по себе не значи дека еден творец е етаблиран или дека тој творец е некој кој што треба да припаѓа на нешто што би претставувало еснаф кој е над другите. Едноставно творецот е оној кој што има потенцијал зад себе да остави творештво кое ќе може да го надживее и неговиот физички век.“

Од таму повеќе од реална е неговата цврста заложба дека секој од нас треба да реагира на оној начин на кој што смета дека е најсилен и дека така најмногу може да допре до другиот.

„Мислам дека оној начин на кој јас лично најмногу можам да допрам до другиот, до оној кому му ги упатувам пораките се моите стихови и е тоа што го создавам на начинот на кој што најдобро знам и умеам. Токму и затоа сето она што е мој крик го сместив во поетска книга.“

Поетот, заедно со професорката д-р Весна Чепишевска, беше и приредувач на Антологијата на младата македонска поезија и проза „Ветрот носи убаво време“, едно од највозбудливите и најпродаваните книжевни изданија од минатата година. Во однос на сопствениот творечки ракопис, тој верува дека припаѓа на генерацијата на автори која што претставува нов бран на македонската книжевност, која што претставува нејзина нова развојна етапа и која што има потенцијал да предизвика позитивни промени не само во она што е поетика на современата македонска книжевност туку и позитивни промени во она што е македонска книжевна и културна сцена.

„Искрено се надевам дека генерацијата на која што и припаѓам и не само како група туку и како генерација од која што произлегуваат поединци со своите остварени резултати и со резултатите кои што допрва се очекува да ги остварат, ќе најави едно ново, поубаво време и за македонската книжевност и за македонската култура, а зошто и да не за она што е македонска општествена реалност“, вели Антоновски.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG