Достапни линкови

Невладините може да помогнат ако партиите им дозволат


Граѓанскиот сектор може и треба да помогне во надминување на актуелната политичка криза, но активисти велат дека одговорноста е кај политичките партии.

Во време кога политичкиот антагонизам донесе сериозна криза во државата, потребна е поголема и поактивна вклученост на граѓанскиот сектор во обидот да се подобри иднината на македонските граѓани. Одговорноста за политичката ситуација е на политичарите, велат активисти од граѓанскиот сектор, но сепак апелираат дека невладиниот сектор може и мора да помогне во надминување на политичките кризи.
Треба да се знае во демократско општество како се развиваат односите, на избори одат оние кои имаат одговорност да ја водат државата и нивана е одговорноста да постапуваат соодветно. Но улогата на граѓаните е и во меѓуизборните циклуси, не само на гласањето, да придонесуваат со свои предлози, дебати, конструктивни приоди, меѓутоа на крајот на краиштата одговорноста е на политичките партии.
Александар Кржаловски, Македонски центар за меѓународна соработка.

„Треба да се знае во демократско општество како се развиваат односите, на избори одат оние кои имаат одговорност да ја водат државата и нивана е одговорноста да постапуваат соодветно. Но улогата на граѓаните е и во меѓуизборните циклуси, не само на гласањето, да придонесуваат со свои предлози, дебати, конструктивни приоди, меѓутоа на крајот на краиштата одговорноста е на политичките партии“, изјави извршниот директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, Александар Кржаловски.

Според Џабир Дерала од граѓанската организација Цивил, невладиниот сектор игра клучна улога во моменти кога политичките односи во земјава се затегнати. Но, прашање е колку невладините имаат капацитет, кредибилитет и можност да учествуваат во таков процес, посочува Дерала.

„Во услови на една држава која се води на прилично автократски начин, во која гласот на граѓаните не е слушнат или е слушнат во минимална смисла на зборот, во таква констелација, граѓанските организации имаат многу мали шанси да се покажат или докажат како катализатор на позитивни промени.“
Во услови на една држава која се води на прилично автократски начин, во која гласот на граѓаните не е слушнат или е слушнат во минимална смисла на зборот, во таква констелација, граѓанските организации имаат многу мали шанси да се покажат или докажат како катализатор на позитивни промени.
Џабир Дерала, НВО Цивил.

Но и покрај овие реални пречки со кои се соочуваат организациите, граѓанските организации не треба да бидат пасивни и треба да се обидат да ја променат ситуацијата, порачува Дерала.

„Бидејќи ни една друга институција не гледам дека е во можност да донесе некаков позитивен напредок, некаков чекор напред во оваа ситуација, токму граѓаните, односно граѓанските организации се единственото место каде може да се направи некаков предлог, некаков план да се излезе од оваа сериозна криза во која се наоѓаме.“

Нашите соговорници не се оптимисти дека 2013 година ќе донесе подобри времиња за невладиниот сектор. Се додека државата добива само препораки за членство во Европската Унија, а не датум за почнување преговори, иднината на невладините организации не е розова, признава Кржаловски.

„Перспективните не се баш розови, во смисла на бесконечната транзиција со кандидатскиот статус кој не се преточува во преговори за членство, што ги редуцира ресурсите достапни од фондовите на Европската унија за целата држава, особено за граѓанскиот сектор, се намалуваат финансиите од донаторите, нема буџетски средства, не се зголемуваат, а и заради кандидатскиот статус, нема почнување на преговори, нема соодветна трансформација на тие средства од Европската унија кон Македонија.“

За да се случат позитивни промени во невладиниот сектор треба да се направат коренити промени во општеството. Потребна е упорност, искреност и бескомпромисност во борбата да се донесе подобра иднина на граѓаните, а граѓанските организации тоа можат да го направат само доколку политичките партии покажат волја да им отстапат простор.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG