Достапни линкови

МВР - Немало прекумерна употреба на сила врз новинарите во Собрание


Претседателот на ЗНМ, Насер Селани, избркан од Собраниската галерија за време на седницата за носење на буџетот за 2013 година на 24 декември 2012.
Претседателот на ЗНМ, Насер Селани, избркан од Собраниската галерија за време на седницата за носење на буџетот за 2013 година на 24 декември 2012.

Еден од новинарите, одбивајќи да ја напушти галеријата на Собранието удрил едно од службените лица во градите и му го откорнал беџот за идентификација, кој бил зацврстен на реверот од палтото, фрлајќи го во салата, стои во соопштението од МВР.

Претставката на Здружението на новинарите на Македонија за прекумерна употреба на сила кон новинарите за време на случувањата во Собранието при носење на буџетот е неоснована, заклучил Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди(СВКПС) по интерната истрага по претставката доставена од Здружението.
Еден од присутните новинари одбивајќи да постапи по укажувањето, пружил активен отпор, при што удрил едно од службените лица во пределот на градите и му го откорнал беџот за идентификација, кој бил зацврстен на реверот од палтото, фрлајќи го во салата. Во еден момент на помош пришле уште двајца полициски службеници кои помогнале околу негово извлекување на што тој негодувал и со нога удрил еден од нив нанесувајќи му повреда во пределот на ногата
Соопштение од МВР.

„Од увидот во целокупниот видео материјал, како и од извршените разговори, не може да се констатира прекумерна употреба на сила или пречекорување на овластувањата. Напротив, постапувањето на полициските службеници е согласно Законот за Собрание, Законот за полиција, Кодексот на полициската етика и подзаконските акти“, се вели во соопштението.

Поради заканите по безбедноста Претседателот на Собранието Македонија, тој морало да биде евакуиран, соопштува МВР, но блокирањето на говорницата и насилното попречување на редовното работење продолжи и натаму. Врз основа на член 43 од Законот за Собрание, Претседателот побарал да се воспостави ред во собраниската сала и да се создадат услови за отпочнување на пленарна седница. Во координација биле договорени задачите и начинот на кој што ќе се постапи по барањето на Претседателот на Собранието.

Во однос на претставниците на медиумите кои се наоѓаа во галеријата, која е дел од собраниската сала, според МВР, било проценето дека треба да им се укаже да ја напуштат салата сè до создавањето услови за нормално работење на Собранието и отпочнувањето на седницата.

„Воспоставена практика во досегашното работење на Собранието била присуство на медиумите во салата кога пленарната седница е во тек. Освен тоа во галеријата можело да се забележи и присуството на пратеник кој учествувал во нарушувањето на редот во салата, што претставувало дополнителна грижа за можно користење на просторот наменет за медиуми и од други лица за други дејствија со кои повторно би можела да се попречи работата на пратениците“, наведува МВР.

Истовремено, се посочува во соопштението, од надвор пристигнувале информации за тензии и најави за можни инциденти со опасност од пробивање на полициските кордони, како и насилно влегување во Собранието. Сите овие информации, се наведува, говореле во прилог на исклучително сложената состојба од аспект на обезбедувањето на редовното работење на Собранието и спречувањето насилни блокади на институциите. Заради тие причини им било укажано на новинарите да ја напуштат галеријата и случувањата да ги следат од прес-центарот, односно просторот исто така предвиден за нив, сè до воспоставувањето ред и создавањето услови по кои би отпочнала седницата.

„При укажувањето, најголемиот дел од новинарите постапи согласно барањето, сфаќајќи ја сериозноста на ситуацијата. Помал дел отпочнале да се конфронтираат со собраниското обезбедување, комуницирајќи со пратениците кои во салата го нарушуваа редот. Според исказот на присутните полициски службеници, еден од присутните новинари одбивајќи да постапи по укажувањето, пружил активен отпор, при што удрил едно од службените лица во пределот на градите и му го откорнал беџот за идентификација, кој бил зацврстен на реверот од палтото, фрлајќи го во салата. Во еден момент на помош пришле уште двајца полициски службеници кои помогнале околу извлекување на што тој негодувал и со нога удрил еден од нив нанесувајќи му повреда во пределот на ногата“, посочуваат од МВР.

Во однос на делот во претставката во која подносителот се повикува на членот 16 од Уставот на Република Македонија, Секторот за внатрешна контрола, се наведува, цени дека во негова надлежност е испитувањето на работата на полициските службеници согласно правните акти, а не утврдувањето на уставноста на актите, иако во членот 67 од Уставот на Република Македонија јасно стои дека „Претседателот на Собранието го претставува Собранието и се грижи за примена на Деловникот на Собранието“.

Во текот на денешниот ден, одговорот од СВКПС ќе биде доставен до ЗНМ, се посочува во соопштението.
XS
SM
MD
LG