Достапни линкови

Напумпан буџет за изборна година


Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Нема раст. Социјалните расходи се показател дека досегашните напори не постигнале значаен успех, задолжувањето е проблематично кога станува збор за враќање на заемите, во енергетиката малку се инвестира, а зголемените расходи за министерствата не се продуктивна инвестиција, реагираат упатените за предложениот буџет за 2013 година.

Предлог–буџетот за догодина е тежок речиси колку годинашниот. Ќе се потрошат 2,693 милијарди евра, а се планира собирање на 2,405 милијарди евра со целосно покриен планиран буџетски дефицит од 288 милиони евра или 3,5 отсто од бруто-домашниот производ.
Ќе биде соодветен одговор на случувањата во европската економија, со балансиран пристап од аспект на заштита, од една страна на сите социјални категории, на пензионерите, обезбедување на средства за земјоделците, а од друга страна и развојната компонента преку капиталните инвестиции исто така внимававме да биде адекватно застапена.
Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии.


Сето тоа е склопено во структура на приходи и расходи, која, според министерот за финансии Зоран Ставрески, претставува развоен буџет прилагоден на случувањата во Европа.

„Ќе биде соодветен одговор на случувањата во европската економија, со балансиран пристап од аспект на заштита, од една страна на сите социјални категории, на пензионерите, обезбедување на средства за земјоделците, а од друга страна и развојната компонента преку капиталните инвестиции исто така внимававме да биде адекватно застапена“, рече Ставрески.
Министерот за финансии Зоран Ставрески.
Министерот за финансии Зоран Ставрески.

Половина буџет за социјала

Судејќи по податоците, народната каса и догодина во голем дел е социјална и за нив се планирани 1,208 милијарди евра, што е половина буџет.

Со негативен раст годинава, догодина не може да се очекува значајно подобрување, вели д-р. Владимир Глигоров од Виенскиот институт за економски студии.
Социјалните проблеми во најмала рака ќе бидат исто толку големи како досега, така што не е чудно тоа што издатоците за трансферите и платите ќе бидат значителни и наредните години.
Владимир Глигоров, Виенски институт за економски студии.

„Социјалните проблеми во најмала рака ќе бидат исто толку големи како досега, така што не е чудно тоа што издатоците за трансферите и платите ќе бидат значителни и наредните години“, вели Глигоров.

Дали јавните издатоци и тековните расходи од народната каса кои неретко досега се финансираа со задолжување, ќе помогнат во санирање на високата невработеност и сиромаштијата? Едно прашање износот, а друго е ефикасноста, смета Глигоров.

„Не е особено голем, друго прашање е дали ефикасен и уште повеќе е прашање дали и таков каков што е може да се одржува со тоа стопанство кое има доста стагнантни карактеристики, еве веќе подолг период.“
На расходната страна добро е тоа што имаме пораст на расходите за капитални инвестиции од 10,4 отсто коишто главно се насочени во барања коишто досега ги имавме доставувано, а тоа е пред сè коридорот 10, Демир Капија-Смоквица, железничката инфраструктура Куманово-Бељаковце, како и на крајот започнување на активностите во врска со гасификацијата во Република Македонија
Стојмирка Тасевска, Стопанска комора на Македонија.

Во социјални расходи за догодина спаѓаат и предвидените средства за зголемување на пензиите и на социјалната помош од 5 отсто, што Владата ги најави за март идната година, коинцидентно или не, пред локалните избори. Исто така, ќе пораснат и субвенциите за земјоделците за 135 милиони евра, а платите во администрацијата остануваат непроменети.

Дел од бизнис заедницата смета дека предложениот буџет е соодветен. Стојмирка Тасевска од Стопанската комора на Македонија вели дека позитивен аспект се трошоците за капитални инвестиции.
Поставување камен-темелник на Технолошко-индустриска развојна зона „Кичево“.
Поставување камен-темелник на Технолошко-индустриска развојна зона „Кичево“.

„На расходната страна добро е тоа што имаме пораст на расходите за капитални инвестиции од 10,4 отсто коишто главно се насочени во барања коишто досега ги имавме доставувано, а тоа е пред сè коридорот 10, Демир Капија-Смоквица, железничката инфраструктура Куманово-Бељаковце, како и на крајот започнување на активностите во врска со гасификацијата во Република Македонија.“

Буџетот како лани и стандадардот како лани

Но дали овие капитални расходи се доволни за создавање на предвидениот економски раст од два проценти во услови на зголемено задолжување? На оваа тема разговораме со екс-министерот за финансии и универзитетски професор Никола Поповски.
Во светски рамки гледано, ние сме во категоријата ниско задолжени земји, меѓутоа отсекогаш сме биле во таа категорија. Второ прашање е какви се нашите услови за сервисирање, односно за враќање на долгот, особено на надворешниот долг каде што требаат девизи за да ги вратите девизните кредити. Тука спаѓаме во категоријата на земји која има релативно висок коефициент на задолженост, затоа што ние немаме редовен и висок девизен прилив со кој можеме да ги сервисираме кредитите, напротив, ние и во трговскиот биланс имаме дефицит од 2,5 милијарди.
Никола Поповски, универзитетски професор, поранешен министер за финасии.

РСЕ: Според првичните индикатори во предлог-буџетот, се предвидува раст од два проценти, а задолжувањето е за 40 отсто повисоко. Дали тој раст може да се оствари, посебно имајќи предвид дека сега сме во рецесија?

„Прво, за растот во буџетот, овој буџет практично за условите во кои егзистира македонската економија може да сметаме дека дефакто нема раст. Тој формално има раст од два отсто, но ако имаме предвид дека оваа година ќе имаме рецесија, веројатно меѓу 0 и -1 отсто, ако на тоа додадете два отсто, ние двете години ги имаме нивелирано или имаме под 1 отсто кумулативен раст. Македонската економија, одамна во научната, во стручната, па и во политичката јавност е созреано сознанието дека треба да има серија од повеќе од неколку години, значи 4,5,6 или повеќе години со стапки на раст кои се околу 5,6 или 7 отсто за да се почувствува промена на оние места каде што македонската економија има најсериозен проблем.“

РСЕ: И граѓаните да почувствуват промена?

„Да, и економската состојба да се подобри, и стандардот да се подобри и клучните два параметри, невработеноста и сиромаштијата да се извлечат малку од дното од 30 отсто. Овој буџет тоа нема да го оствари, предвидува незначителен раст врзан на година која претходно има негатива, значи ќе останеме на истото ниво од 2011 година. Второ е што дури и во такви услови владата не се откажува од прекумерни трошења за погрешни намени.“

РСЕ: Зборувате за непродуктивните инвестиции од типот на Скопје 2014?
Ако се знае колку е големо учеството на храната и основните животни продукти во индексот на трошоците за живот може да се заклучи дека животниот стандард на граѓаните и во 2013 година ќе продолжи да се намалува.
Зоран Јовановски, потпретседател на СДСМ.

„Прво, трошењето е високо. Второ, не само што трошењето од собраните даноци е високо, туку владата секоја наредна година, веќе 3-4 години по ред го зголемува дефицитот, односно кредитите што ги зема за да може да ги реализира своите желби за трошење да речеме. Оваа година ќе го зголеми кредитот за 80 милиони евра.“

РСЕ: Оправдание е дека ние сме ниско задолжена земја, дали тоа образложение е оправдано?

„Во светски рамки гледано, ние сме во категоријата ниско задолжени земји, меѓутоа отсекогаш сме биле во таа категорија. Второ прашање е какви се нашите услови за сервисирање, односно за враќање на долгот, особено на надворешниот долг каде што требаат девизи за да ги вратите девизните кредити. Тука спаѓаме во категоријата на земји која има релативно висок коефициент на задолженост, затоа што ние немаме редовен и висок девизен прилив со кој можеме да ги сервисираме кредитите, напротив, ние и во трговскиот биланс имаме дефицит од 2,5 милијарди“, вели Поповски.
Во енергетиката како држава мораме да инвестираме неколку години по ред сериозни суми средства за да после тие неколку години изградиме сериозен производствен капацитет којшто на државата ќе и обезбеди релативно поевтина домашна струја. Ако тоа не го направиме, ние и во наредните години ќе продолжиме да даваме сериозни пари во висина од неколку стотини милиони евра можеби годишно за увоз на скапа електрична енергија.
Атанаско Туневски, универзитетски професор и член на СДСМ.

Повеќе пари за враќање на заеми отколку за капитални инвестиции

Вреди да се спомене дека капиталните расходи се проектирани на 16 милиони евра. На овој износ треба да се додадат уште 70 милиони евра инвестиции што ќе бидат реализирани преку Агенцијата за патишта. Расходите за тековни обврски, од друга страна, се 2,3 милијарди евра.

Од опозицијата аргументираат дека предложениот буџет нема да го подобри стандардот на граѓаните. Потпретседателот на партијата Зоран Јовановски потсетува на владиното предвидување за пораст на трошоците за живот за 3,5 проценти.

„Ако се знае колку е големо учеството на храната и основните животни продукти во индексот на трошоците за живот може да се заклучи дека животниот стандард на граѓаните и во 2013 година ќе продолжи да се намалува“, вели Јованоски.
Премиерот Никола Груевски го означува почетокот на работењето на новиот хидроенергетски капацитет ХЕЦ „Света Петка“.
Премиерот Никола Груевски го означува почетокот на работењето на новиот хидроенергетски капацитет ХЕЦ „Света Петка“.

Сепак, од владата како позитивен аспект ги посочуваат капиталните инвестиции, каде се вклучени инфраструктурни проекти и инвестиции во енергетиката. Актуелниот раст на цените на енергенсите го отвора прашањето дали догодина со поголемото трошење народни пари за капитални проекти ќе се намалат сметките кои ги плаќаат граѓаните и фирмите? Не се даваат доволно пари за енергетиката, смета професор Атанаско Тунески, член на опозицискиот СДСМ.
Ако владата во буџетот предвиди ставка со значителни средства за она што значи инфраструктурни, водостопански и енергетски објекти, така што тука може, затоа што можеби оваа година нешто задржа со проектот Скопје 2014, нашите поголеми фирми практично тука беа ангажирани со сите капацитети, ама затоа што тој во најголем дел завршува, верувам дека идната година ќе мора да се заложи владата да одобри сериозни средства на полето на ова што значи инвестиции, и тоа за продуктивни инвестиции.
Никола Велковски, Здружение на градежници при Стопанска комора на Македонија.

„Во енергетиката како држава мораме да инвестираме неколку години по ред сериозни суми средства за да после тие неколку години изградиме сериозен производствен капацитет којшто на државата ќе и обезбеди релативно поевтина домашна струја. Ако тоа не го направиме, ние и во наредните години ќе продолжиме да даваме сериозни пари во висина од неколку стотини милиони евра можеби годишно за увоз на скапа електрична енергија“, вели Тунески.

За илустрација, догодина за енергетиката и во комуналната инфраструктура ќе бидат насочени 33 милиони евра. Министерот Ставрески претходно годинава изјави дека со кредитот од Дојче банк ќе ја враќа и еврообврзницата во јануари 2013 година, во износ од 175 милиони евра. Бројките покажуваат дека владата догодина повеќе пари ќе троши за враќање на заеми отколку за капитални инвестиции.

Во изминатиов период за најперспективна гранка се сметаше градежништвото, со надежи за експанзија покрај проектот Скопје 2014. За догодина растот на градежништвото се проектира на над три проценти. Вакви предвидувања имаше и претходните години, но резултатите се поинакви, вели Никола Велковски од Здружението на градежници при Стопанска комора.

„Како што стојат работите сега, јас можам да кажам дека е добро што се предвидува раст, но колку ќе биде остварливо тоа, од оваа позиција не би можел да прогнозирам.“
Министерствата заглибиле, веќе имаат огромни неисплатени обврски што ќе им останат од оваа година и затоа им даваат, да имаат и за враќање и за наредната година, ама во никој случај не се тие остварувања не некои развојни цели, тоа се за тековни трошоци и обврски.
Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии.

Потребни се продуктивни и исплатливи градежни инвестиции, смета Велковски.

„Ако владата во буџетот предвиди ставка со значителни средства за она што значи инфраструктурни, водостопански и енергетски објекти, така што тука може, затоа што можеби оваа година нешто задржа со проектот Скопје 2014, нашите поголеми фирми практично тука беа ангажирани со сите капацитети, ама затоа што тој во најголем дел завршува, верувам дека идната година ќе мора да се заложи владата да одобри сериозни средства на полето на ова што значи инвестиции, и тоа за продуктивни инвестиции“, вели Велковски.

Повеќе народи пари и за министерствата

Судејќи по предлогот, извесно е дека министерствата ќе добијат повеќе народни пари кои се собираат преку даноци и казни. Ваквата инвестиција не е директно исплатлива, вели поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини.

„Во никој случај не е. Министерствата заглибиле, веќе имаат огромни неисплатени обврски што ќе им останат од оваа година и затоа им даваат, да имаат и за враќање и за наредната година, ама во никој случај не се тие остварувања не некои развојни цели, тоа се за тековни трошоци и обврски.“

Досегашните буџети во Македонија не се развојни, забележува Хајредини, додавајќи дека ако до сега сме имале развојни буџети, ќе имало значајни инфраструктурни проекти.

„И тие капитални инвестиции кои биле проектирани во буџетот, биле користени за сосема непродуктивни цели. Истата ситуација, па дури и полоша имаме и за буџетот за 2013 година“, вели Хајредини.

Државата ветува реки и планини само за да добие гласови

Високата стапка на невработеност и во голема мера социјалниот буџет за догодина за дел од познавачите е доказ дека немало успех во претходните иницијативи за економски раст, привлекување на инвестиции и отворање на работни места. Со политикологот Соња Стојадиновиќ разговараме за политичкиот аспект на трошењето на народни пари.

РСЕ: Секоја година владата предлага одреден буџет, со одредени проекции за раст, претходната година беше дури 4,5 отсто, оваа година предвидено е раст од два отсто, потоа има ребаланси, и тоа го отвора прашањето дали предлог-буџетите кај нас се користат како средство за политички маркетинг?

„Кај нас во последните две години четири пати имавме ребаланс на буџетот кој беше нереален, бидејќи, иако владата ветуваше капитални инвестиции, ние не видовме ни К од капитални инвестиции, а и тие инвестиции како ветувања не може да се реализираат од денеска за утре, затоа што треба инфраструктурна поддршка и временска рамка за реализација на тие инвестиции со кои ќе го поттикне производството, ќе ја поттикне индустријата, ќе го зголеми БДП-то за да можеме да имаме реален раст на буџетот. За мене секоја проекција за раст на буџетот од оваа влада е нереален, бидејќи ние немаме реално намалување на невработеноста, ние имаме само фиктивно намалување на невработеноста со тоа што веќе последните година и половина ги бришат луѓето од списокот на невработени, а не им даваат никакви бенефиции, но не им нудат ни шанса за вработување и секое зголемување, би го нарекла дури и лажно зголемување на буџетот е само пропаганда и реклама во пресрет на изборите, дали заедно со локалните ќе има и предвремени парламентарни ќе видиме.“

РСЕ: Државата ветува реки и планини само за да добие гласови?

„Секогаш тоа било така и ќе биде така во пресрет на избори, затоа што луѓето најлесно се закачуваат и најлесно веруваат на ветувањата кога се во пресрет на избори.“

РСЕ: Како да се надмине сето ова?

„Треба малку да се зголеми дијапазонот на меморијата на народот. Да се сетиме дека вакви ветувања сме гледале и пред две години и пред четири години, сме гледале и од други влади и од една дистанца да направиме една анализа дека тоа веќе сме го чуле, без разлика дали сме го чуле тоа од ВМРО-ДПМНЕ или од СДСМ, ние тоа веќе сме го чуле. Ние имаме, како што велат, меморија на златна рипка, краткотрајна, забораваме дека истите, не само празни ветувања, туку дури и лаги сме ги чуле во блиското минато“, вели Стојадиновиќ.

Годинава Македонската економија влезе во рецесија. Прогнозите се дека растот ќе биде околу нула, а постои можност да завршиме и во минус. Останува да се види дали догодинешниот буџет ќе ја подобри состојбата, но предвидениот раст од 2 проценти, наместо 5 или повеќе, не влева надеж за рак раните на македонската економија – невработеноста и сиромаштијата.
XS
SM
MD
LG