Достапни линкови

Античка кралска гробница пронајдена кај Бонче


Уникатна античка гробница од македонски тип е откриена во локалитетот Павла Чука во атарот на селото Бонче, во прилепско Мариово.

Според стручњаците, пронајдената гробница датира од 4 и 3 век пред наша ера и во неа бил погребан некој познат македонски крал.

Уникатна античка гробница од македонски тип е откриена во локалитетот Павла Чука во атарот на селото Бонче, во прилепско Мариово. Според стручњаците, таа датира од 4 и 3 век пред наша ера. Во неа бил погребан некој познат базилеј, македонски крал, којшто очигледно бил многу моќна личност во своето кралство, но и пошироко. Тој имал свои робови, војска, а донел и градителска тајфа, која што ја ѕидала оваа единствена гробница по многу нешта не само на Балканот, туку и во светот воопшто.
Има неколку познати, околу 70 вакви познати гробници, кои што ги има на територијата на која што живееле Македонците, тие се ѕидани и затоа се наречени македонски тип гробници. Ги имаат истите овие елементи, дромосот, преткомората во којашто седиме и комората, меѓутоа овој кружен ѕид и дава посебен белег, посебна архитектонска концепција. Според наодите што ги имаме и погребувањата од доцната антика, знаеме дека истата била ограбена во 5 или 6 век и почитувана како свето место, односно тука се погребувале покојници.
д-р Антонио Јакимовски, доцент на Филозофскиот факултет на Институт за историја на уметност и археологија во Скопје.

„Има неколку познати, околу 70 вакви познати гробници, кои што ги има на територијата на која што живееле Македонците, тие се ѕидани и затоа се наречени македонски тип гробници. Ги имаат истите овие елементи, дромосот, преткомората во којашто седиме и комората, меѓутоа овој кружен ѕид и дава посебен белег, посебна архитектонска концепција. Според наодите што ги имаме и погребувањата од доцната антика, знаеме дека истата била ограбена во 5 или 6 век и почитувана како свето место, односно тука се погребувале покојници“, истакнува д-р Антонио Јакимовски, доцент на Филозофскиот факултет на Институт за историја на уметност и археологија.

Сите досегашни истражувања на овој локалитет во атарите на селата Подмол и Бонче во изминативе 6 години, говорат дека во периодот на раната антика на оваа територија имало развиена цивилизација, систем на градови и тврдини, кралства, а меѓу најмоќните било Пелагонското кралство во кое живееле Пелагонците. Сите научни сознанија исто така упатуваат дека не на Маркови Кули и во Варош, туку на овој локалитет егзистрирал античкиот град Пелагонија.
Доаѓа фаза кога треба да мислиме заедно со државата, да почнеме да ги конзервираме и да ги отвораме за употреба, да луѓето можат да дојдат и да пријдат.
д-р Виктор Лилчиќ, професор на Институтот за историја на уметност и археологија на Филозофскиот факултет во Скопје.

На овој локалитет се откриени бројни артефакти, безопасни игли, накит, предмети од злато, сребро, бакар, керамика, метални предмети, монети на македонските кралеви: Александар, Филип, Деметриј... овде беа откриени и парадните штитови со 16-кракото сонце кои сега се наоѓаат на конзервација во охридскиот Завод и Музеј.

„Доаѓа фаза кога треба да мислиме заедно со државата, да почнеме да ги конзервираме и да ги отвораме за употреба, да луѓето можат да дојдат и да пријдат“, оценува професор д-р Виктор Лилчиќ од Институтот за историја на уметност и археологија, којшто раководи со овие истражувања.

Овој археолошки комплекс, според него, е од прв ранг историја и гордост на културните корени на Македонија, а државата мора да има своја стратегија со приоритет на заштита на културно-историското наследство.

„Стратегијата можеме ние да ја направиме, ја правиме на некој начин ние истражувачите, да се отвори предмет општа и национална археологија на Република Македонија во средните училишта и во основното училиште, потребно е да се оформи една културна полиција може да се каже“, додава професор Лилчиќ.

Со конзервацијата, ова наследство може да се отвори и за туристички посети. А, во Македонија освен евидентираните 6.000, се претпоставува дека има најмалку 10-пати повеќе археолошки локалитети кои кријат огромни богатства.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG