Достапни линкови

Приватни колекции и трговија со пронајдоците од Охридското Езеро?


30-тина војнички бајонети-ножеви и еден шлем пронајдени неодамна во крајбрежните води кај Охрид
30-тина војнички бајонети-ножеви и еден шлем пронајдени неодамна во крајбрежните води кај Охрид

Постојат сознанија дека се вршат нелегални нуркања во Охридското Езеро, а вредните пронајдоци завршуваат во приватни колекции или на црните пазари, предупредуваат од Охридскиот музеј.

Дното на Охридското Езеро изобилива со повеќе подводни археолошки локалитети од праисториското доба до оние од минатиот век, меѓу кои е и подводното депо со старо оружје од двете светски војни, чии наоди постојано се откриваат. Последната збирка од 30-тина војнички бајонети-ножеви и еден шлем пронајдени неодамна во крајбрежните води кај Охрид од страна на нуркачите, го актуелизира прашањето за нивната судбина.
За жал имаме сознанија дека се вршат нелегални нуркања во Охридското Езеро и веројатно се пронаоѓаат и други предмети, поточно станува конкретно збор за оружјето. Имаме сознанија дека дел од нив завршуваат во приватни колекции, дури и дека се извезуваат некаде во странство.
Горан Митрески, кустос во Охридскиот музеј.

Освен што тие се носат во музејот како научна установа, којзнае колкав број од ова културно богатство не се пријавува, туку завршува во приватни колекции или по нелегалните трговски канали на црните пазари во странство, каде се проценува дека се изнесени 20.000 вредни артефакти од земјава, со што треба да се занимаваат државните институции.

„За жал имаме сознанија дека се вршат нелегални нуркања во Охридското Езеро и веројатно се пронаоѓаат и други предмети, поточно станува конкретно збор за оружјето. Имаме сознанија дека дел од нив завршуваат во приватни колекции, дури и дека се извезуваат некаде во странство. Им се губи трагата понатаму, а каква е нивната вредност, зависи од
сочуваноста на предметот. За цените не можам да шпекулирам, но сигурно си наоѓаат свои купувачи и овие видови на оружје“, вели Горан Митрески, кустос во Охридскиот музеј.

Тој не го открива точното место каде е пронајдена последната збирка со оружје од периодот на Првата светска војна, што според него се важни артефакти за охридскиот регион, кои сведочат за фрлањето на оружјето во езерските води од бугарската војска при нејзиното повлекување, со што се дообјаснува на историјата.
Постои девастација на културното наследство, особено на подводното и ние тоа подводно културно богатство љубоморно го чуваме и сакаме да го заштитиме.
Милутин Секуловски Мичо, нуркач.

„Постои девастација на културното наследство, особено на подводното и ние тоа подводно културно богатство љубоморно го чуваме и сакаме да го заштитиме. Локацијата не сакаме да ја кажуваме затоа што претпоставуваме дека ќе се најдат и други предмети, па да не дојдеме до ситуација некој да влегува во тој локалитет и да ги вади, а тие да не одат во музеј“, вели Милутин Секуловски Мичо, нуркач со меѓународна лиценца во Охридскиот нуркачки центар „Амфора“, што ги спроведува подводните археолошки истражувања, со кои досега е откриена богата езерска збирка подводно оружје.

„Во 2007 и 2010 година спроведена е акција под името „Охридското Езеро подводно депо на оружје“, при што пронајдено е поголемо количество оружје од различни периоди на нашето минато. Најкарактеристични се оружјата од 18 и 19 век, кубурите и пушките кременки, чие барутно полнење се активира со помош на искра од кремен. Станува збор за 40-тина такви пушки и кубури. Поголем дел од нив се конзервирани и обработени, а другите се уште се во фаза на обработка и план за во иднина ни е тие да бидат изложени во витрините на Охридскиот музеј“, објаснува кустотот Митрески.

Тој смета дека старото езерско оружје ќе биде привлечно за посетителите на музејот. Туристите кои го посетуваат Охрид не треба да стравуваат од подводната муниција, за која имаше и акции за деминирање, а покажуваат голем интерес за старите археолошки наоди изложени во музејот на вода во заливот на коските кај праисториската населба во Градиште, што стана најпосетена туристичка атракција на Охридското Езеро.
XS
SM
MD
LG