Достапни линкови

„Балкански музички плоштад“ со разнолика програмска понуда


Со учество на музичари и групи од Полска, Грција, Португалија и од Македонија, на 10 и 11 август во Античкиот театар во Охрид, ќе се одржи 11-то издание на „Балкански музички плоштад“.

Независно од осцилациите во програмата, „Балкански музички плоштад“ во текот на изминатата декада се етаблира како фестивал кој потполно успеваше да го анимира вниманието на охриѓани и на гостите на нашиот најпознат туристички центар и да ја пренесе пораката дека преку музиката, културата можат да се прескокнат сите бариери и да се трасира взаемното разбирање и почитување.
НаБалкански музички плоштад ќе има разнолика програмска понуда која се движи од блуз-рок, преку вкрстување на метал музиката со регионалните битови, португалското фадо и се до фолклорната традиција.

Марио Моита, пејач од Португалија.
Марио Моита, пејач од Португалија.
Оттаму, сосема разбирливо е што и 11-то издание на оваа манифестација во градот под Самиловата тврдина се очекува со нагласено внимание и љубопитност. Согласно на тоа, на двете вечери, на 10 и 11 август, никој и не се сомнева дека Антички театар ќе биде испонет до последното место, а на годинешните учесници „Ту лејт“ од Полска, Грците „Балкан кола“ , Марио Моита од Португалија и македонскиот претставник пејачот Миле Кузмановски со групата „Гезме“, останува да ја оправдаат укажаната доверба да настапат на овој познат традиционален фестивал и добро да ги загреат дланките на присутните.

А, кога веќе се познати нивните имиња, она што се забележува на прв поглед е дека и годинава на „Балкански музички плоштад“ ќе имаме разнолика програмска понуда која се движи од блуз-рок, преку вкрстување на метал музиката со регионалните битови, португалското фадо и се до фолклорната традиција.

Имено, формиран 2004 година во Варшава, „Ту лејт“ се блуз-рок бенд во чија звучна слика се забележуваат и примеси на полската традиционална песна.
Досега имаат бројни настапи на извиканите фестивали по светот, а како свој најголем дострел ги издвојуваат серијата концерти во Кина.

„Балкан кола“, од своја страна, е четиричлен состав од соседна Грција (формиран од некогашните членови на „Кабаре Балкан“ кој пред неколку години свиреа во Охрид) за чија музика се вели дека ги поседува сите атрибути на комерцијално-големите „Еј-си-ди-си“, „Металика“, „Блек ајд пис“, „Гогољ Бордело“...но сето тоа измиксано со ритмите и спецификите на регионот. За нивните настапи е познато дека се динамични, полни со енергија и дека никого не оставаат рамнодушен.

Наспроти ваквите високо-октански концепти, втората вечер на 11-от „Балкански музички плоштад“ е планирано да понуди море од емоции. Така, најнапред португалскиот пијанист Марио Моита, кој на самосвоен начин ја продолжува традицијата на фадо-музиката и најголемата од големите тамошни пејачки легенди – ненадминатата Емилија Родригез , се очекува со својата привлечна и лежерна изведба да ја разгали публиката, а нашиот Миле Кузмановски, како еден од водечките пејачи на домашната фолк сцена, придружуван од тамбурашкиот оркестар од Куманово „Гезме“ и од Ламбе Алабаковски како гостин, ќе треба да стави точка на уште едно успешно издание на ова случување.

Конечно, тоа не е мала работа ако се знае дека пред него на сцената на Антички театар во рамките на манифестацијата, од македонските уметници настапиле артисти како Вања Лазарова, Влатко Стефановски, „Љубојна“, „Баклава“, „Монистра“ и други.

И, кон ова само уште информацијата дека „Балкански музички плоштад“ и натаму е еден од ретките фестивали во земјава за кој благодарение на разбирањето на спонзорите влезот за публиката е слободен.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG