Достапни линкови

Парите - проблем за грижа за лицата со интелектуална попреченост


Дневниот центар на Здружението „Порака Наша“.
Дневниот центар на Здружението „Порака Наша“.

Државата дава пари само за дневни центри за малолетни лица со интелектуална попреченост. За полнолетните се грижата НВО.

Дневниот центар на Здружението „Порака Наша“ во кој работните денови ги поминува 21 корисник од лицата со интелектуална попреченост над 18 годишна возраст во Куманово функционира шестта година. Со овие лица работи стручен тим од социјален работник, дефектолог и професор. Здружението брои 850 членови, а тоа значи дека треба повеќе социјални услуги.
Досега Дневниот центар беше финансиран од буџетот на Општината. Првите четири години од стапката за невладини организации, а сега имаме делегирана надлежност од стапката за социјална заштита. Тоа е делумна финансиска поддршка за тројцата вработени стручни лица. Останатото е од донации и спонзорства, а од оваа година за првпат ќе имаме поддршка и од Министерството за труд и социјална политика за период од пет месеци со околу 87 илјади денари. На годишно ниво се потребни три милиони денари, или месечно околу 200 илјади денари, за да бидат покриени трошоците и надоместок за вработените.
Благица Димитровска, претседател на здружението „Порака Наша“.

Благица Димитровска, претседател на здружението, истовремено и родител на такво лице, вели дека финансирањето е еден од клучните проблеми за овој центар.

„Досега Дневниот центар беше финансиран од буџетот на Општината. Првите четири години од стапката за невладини организации, а сега имаме делегирана надлежност од стапката за социјална заштита. Тоа е делумна финансиска поддршка за тројцата вработени стручни лица. Останатото е од донации и спонзорства, а од оваа година за првпат ќе имаме поддршка и од Министерството за труд и социјална политика за период од пет месеци со околу 87 илјади денари. На годишно ниво се потребни три милиони денари, или месечно околу 200 илјади денари, за да бидат покриени трошоците и надоместок за вработените. Овој центар е шести по ред во државава за над 18 години, а до 18-годишна возраст средствата ги обебзедува државата, а над 18 се оставени на НВО кои гледаат да ја исправат неправдата направена од државата. Бидејќи над 18-годишна возраст помошта е попотребна бидејќи родителите се поостарени, а на овие лица им треба доживотна поддршка.“
До сега имаме огромен напредок. Најголем напредок е постигнат во областа на социјализацијата, практичните, когнитивните активности, кои се добра занимација за нив и колку-толку осамосотојување.
Дејан Стојановски, едукатор, професор за предучилишна возраст.

Димитровска вели дека според податоците од Светската здравствена организација, еден до 3 проценти од населението се лица со интелектуална попреченост, а во Општината Куманово најмалку се 1.300. Точната бројка е непозната зашто не сите лица од оваа категорија се регистрирани во Центарот за социјални работи и во Здружението. Димитровска додава дека „Порака Наша“е мултиетничка средина и не познава никакви поделби.

„Сите заедно се залагаме да се задоволат потребите на овие лица за што треба да се занимаваат оние што се во власта.“

Како е да се работи со лицата со интелектуална попреченост, своите искуства ги пренесуваат Фросина Симоновска дефектолог, Светлана Милевска Димитриевска - социјален работник и Дејан Стојановски - едукатор, професор за предучилишна возраст.

„За да работиш со овие лица треба да си многу хуман, да ја почитуваш нивната личност, па дури потоа доаѓаат методите кои ги учиме на факултетот и кои што ги применуваме овде. Работата се одвива индивидуално и по групи според програмата. Реализираме разни активности и го бележиме нивниот напредок, изготвуваме скала два пати годишно за секој одделно. Има и напредок и регресија. Кај еден корисник може да има напредок, а по шест месеци во некои области да има и регресија. Внимателни се, слушаат, но и тие имаат „свој ден“, се трудиме да го испочитуваме тоа, а гледаме што повеќе да извлечеме и да ги поттикнеме нивните потенцијали“, вели дефектологот Симоновска.

„Многу битно во целиот овој процес на интеграција е нивната социјализација. Лицето има попреченост, но средината прави хендикепот да биде уште поголем. Средината повеќе ги хендикепира. Со нормално вклучување во сите процеси, во сите сфери на животот лицата би постигнале повисоко ниво на задоволство и би биле многу поуспешни и пореализирани во својот живот.“

Во Дневниот центар овие лица освен оспособување за извршување личните потреби и подготвување храна, имаат и креативни активности,а не ретко се присутни и на културните настани.

РСЕ: Дали го чувствуваат задоволството?

„Секако дека како и секој човек кој сака да излезе и да се дружи со други луѓе и овие лица го сакаат тоа. Не е хумано да ги држиме во затворен простор, па дури и Дневен центар. Секаде каде што ги носиме во посета на фирми, претпријатија, слаткарници многу се задоволни и оваа група е многу социјализирана, дури не се забележува нивното присуство и асоцијално однесување.“

РСЕ: Дали кумановци се навикнаа?

„На почетокот не беше како што е сега. Тоа што ме радува е што со текот на времето луѓето повеќе не прифаќаат, центарот го посетуваат основци, средношколци, сите граѓани кои сакаат можат да дојдат кај нас.“

РСЕ: Луѓето имаат предрасуди дека овие лица се агресивни?

„Она што кај нас е проблем е мешање на поимите лица со интелектуална попреченост и ментална болест. Тоа се две различни состојби, менталната болест е пропратена со агресивно однесување, што не е случај кај овие лица. Тоа потекнува од тоа што луѓето не се доволно информирани што е интелектуална попреченост и се засновани на верувања дека сите што се поразлични се агресивни. И со здравите деца професорите имаат проблеми со асоцијално однесување отколку што ние се соочуваме при работа со овие лица“, вели Милевска Димитриевска.

Едукаторот Стојановски објаснува дека овие лица се на интелектуално ниво на деца од предучилишна возраст и додава:

„До сега имаме огромен напредок. Најголем напредок е постигнат во областа на социјализацијата, практичните, когнитивните активности, кои се добра занимација за нив и колку-толку осамосотојување.“

РСЕ: Што е потребно за да се работи со вакви лица?

„Потребно е огромно трпение“, вели тој.

РСЕ: Постои ли емотивна врска помеѓу вработените и овие лица?

„Се разбира. Тие можат да те прифатат и да те отфрлат. Тие се на детско ниво, не знаат никого да навредат, но сепак се разликуваат по тоа што тие чувствуваат дали некого ќе прифатат или не, зависно од тонот на гласот или начинот на кој ќе им се обрати. Дали некој е пријателски расположен кон нив или не.“

Тричлениот стручен тим се согласува дека мала е веројатноста овие лица целосно да се оспособат за самите да се грижат за себе. Поддршката им е неопходна до крајот на животот, за што сепак општеството треба да размислува за нив.
  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG