Достапни линкови

Како НВО-секторот во Македонија го задуши граѓанскиот активизам


Димитар Апасиев, активист на Движењето за социјална правда ЛЕНКА
Димитар Апасиев, активист на Движењето за социјална правда ЛЕНКА

За НВО-бумот и новите елитисти. Дали ние сме само жртви на несреќни околности кои ни се случија на погрешно место во погрешно време или, пак, т.н. НВО-активисти станаа лесен плен на привилегиите кои им ги донесе ‘новото време’?

Да се разбереме. Јас не сум, како некои мои колеги, експерт за непрофитно право. Дури и повеќе – јас сум дилетант за правење НВО проекти и „стејт-билдинзи“. Но, иако она што ми паѓа на памет за оваа тема може и да биде затемнето од неточности – јас никогаш не престанувам да медитирам на НВО-секторот! Па, претпоставувајќи дека моите појдовни премиси, исто како и заклучокот до кој ќе дојдам, се магливи или несигурни, сепак јас ги запишувам и ги изнесувам, едноставно како човечко искуство – зашто, на крајот на краиштата, никогаш и не е докажано дека еден дилетант навистина нема што да каже.

Индикативното во целава ситуација на македонскиот НВО-сектор е тоа што, откако неолибералниот цунами бран стана општествен „мејнстрим“, паралелно се случи и масовниот бум на невладините организации – иако нивната понуда за директна акција остана прилично скудна, без визија и моќ на убедување и поширока мобилизација. Оттука, легитимно би било да се запрашаме: Дали развитокот на овој тандем е само чиста случајност или тука постои некоја фатална привлечност?

Дали ние сме само жртви на несреќни околности кои ни се случија на погрешно место во погрешно време или, пак, т.н. НВО-активисти станаа лесен плен на привилегиите кои им ги донесе ‘новото време’? И покрај тоа што поставувањето на овие здраворазумски дилеми, во нашава средина, имаат третман на еретичко манихејство – сепак, доколку одбиваме нив да ги истражиме, тоа ќе биде само на наша сопствена штета. Затоа, јас продолжувам со мојата медитација...

НВО - профитери

Факт е дека преку неочекуваниот NGO-Boom во 1990-те се пополни празниот простор кој се појави преку ерозијата на државните надлежности, толку својствена на новопојавениот неолиберализам - кој тогаш беше во почетна фаза на метастазирање. За разлика од т.н. државен капитализам во Европа, кој сè уште ја користеше политиката за да го заузди пазарот – заговорниците на новиот облик на капитализам се обидоа да го сторат токму обратното: искористувајќи го пазарот, да ја зауздаат политиката! Но, клучното што тука го превидуваме е дека тие создадоа и огромна меѓународна логистика: пајакова мрежа од фондации, институти, агенции, истражувачки центри, публикации, научници, професори, писатели - со цел да ги спакуваат и наметнат нивните идеи и доктрини. Зборот ми е дека семинарски обучените „НВО-активисти“, кои се прпелкаат и во интелектуалните кругови, а кои први потрчаа кон профитабилниот златен рудник на западните мецени – заглибени во намерите да и се бендисаат на образованата јавност, сосем заборавија дека Јавното е многу поширока категорија. Тоа не е група од начитани луѓе кои се собрале за да постанат „јавност“, туку е простор за дискусија и акција во кој општеств[ен]ото е секогаш присутно.
Иако имавме најголем број НВО-и по глава на жител, тие придонесоа за деполитизација на локалните групи и за прилагодување на нивните програми во правец кој најмногу им одговараше на интересите на фондациите од т.н. Прв свет..

Токму затоа учинокот кој се добиваше на терен, преку активноста на многубројните „ен-џи-оа“, често беше поразителен. Иако имавме најголем број НВО-и по глава на жител, тие придонесоа за деполитизација на локалните групи и за прилагодување на нивните програми во правец кој најмногу им одговараше на интересите на фондациите од т.н. Прв свет (т.е. на западните кредитори кои беа претставени како донатори-филантропи!?). Благодарејќи на ваквата површна и краткорочна природа – невладините направија многу малку за преиспитување на присутниот бран на зголемување на класните разлики и на перманентното опаѓање на државните расходи за непривилегираните, кои се сведоа на чиста симболика.

Фантомските НВО-и, кои плашливо се оградија од еманципаторските антиимперијалистички општествени движења, не успеаја да ја прошират листата на места кои би можелe да содржат неправда. Со доброволното прифаќање на вешто наметнатата улога на тампон зона помеѓу граѓаните и власта и со некритичкото помирување со патронатот на институциите на претставничката демократија, тие ја пропуштија можноста, во дадениот историски моментум, да делуваат освестувачки на граѓанинот. Со ова харикири сценарио, социјално освестените јадра на граѓанскиот сектор кои беа во зародиш - а беа демотски, хоризонтални и партиципативни и кои принципиелно одбиваа да се впуштат во извежбаната шема на механицистичкото NGO финансирање - почнаа да се доживуваат како егзотично, контракултурно и радикално-демократско движење. За власта, откако виде дека ова движење е жигосано внатре во самиот граѓански сектор, од страна на новите НВО експерти – кои беа школувани со стипендиите добиени од фондациите за чии агенди работеа и кои се расфрлаа со својата нагиздена ученост - беше многу полесно да го маргинализира и во иднина да го смета за ирелевантнo, барем на среден рок, додека тоа не започна да се консолидира.

НВО говорот апстрахиран од стварноста

Така, ролјата на божемен партнер во идните преговарања и договарања, церемонијално им припадна на невладините организации – чии полтронски претседатели, со доза на возбуденост и восклик беа видно радосни што, од страна на естаблишментот и спонзорираната „стручна јавност“, беа перцепирани за наводни партнери на политичарите во креирањето на јавното мислење. Со други зборови, овие млади и надежни капацитети заглавија во калта на новопродуцираната НВО-бирократија, која самите си ја создадоа и во која умешно се вгнездија. Креираа светоглед од затворен простор, оти канцеларштината во НВО-секторот користи сопствен „новоговор“. Нивниот јазик е апстрахиран од стварноста и затоа испразнет од суштината - безживотен, схоластичен поради што го нарекуваме позерски. На пример, во НВО круговите често ќе чуете за: ‘тим билдинзи, лидершип способности, проект менаџери и извршни директори’; ‘оперативни грантови за одржлив развој, механизми за институционална соработка, градење капацитети и имплементирање алатки за меѓуресорско партнерство’; ‘изработка на национални стратегии, акциони планови и апликативни платформи за градење мрежа од коалиции’...!? Простете, но ова е лажен говор, говор на прикривање и заведување кој не живее со, туку живее од проблемите на луѓето. А токму него ние ќе мораме етапно и систематски да го раскринкаме.

Ете затоа да бидеме лојални и упорни во нашата лутина против конформистите кои се претставуваат како наши соборци – да бидеме смирени во опасноста, истрајни во работата, несовладливи во офанзивата, скромни и постојано претпазливи. Да го срушиме тимот на кариеристичките лидери со големината на нашиот карактер. И коцката и ракавицата веќе се фрлени... Како што велеше мојот сограѓанин Рацин: Ќе победиме!

Димитар Апасиев
Авторот е активист на Движењето за социјална правда ЛЕНКА
XS
SM
MD
LG