Вести
Почнува годинашниот Вевчански карневал

Оваа манифестација е во чест на свети Василиј Велики, заштитник на василичарите и на Вевчани. Карневалот е стар колку и Вевчани, а специфичност е што никогаш однапред не се знаат маските. Од 1993 година Вевчанскиот карневал членува во Асоцијацијата на светските карневалски градови
види ги сите денешни вести
Масовни гробници со тела на мигранти пронајдени Либија

Две масовни гробници со тела на речиси 50 мигранти се пронајдени во југоисточна Либија, соопштија властите денеска (9 февруари), пренесе агенцијата АП.
Првата гробница со 19 тела беше пронајдена на 7 февруари на фарма во југоисточниот град Куфра. Добротворната организација Ал Абрин, која им помага на мигрантите во источна и јужна Либија, соопшти дека тие луѓе биле убиени.
Гробница со најмалку 30 тела е пронајдена исто така во Куфра по рација во центар за трговија со луѓе. Преживеаните мигранти изјавија дека таму биле закопани речиси 70 луѓе.
Масовните гробници на мигранти не се невообичаени во Либија, земја која е главна транзитна точка за криумчарење мигранти од Африка и Блискиот Исток во Европа.
Групите за човекови права и агенциите на ОН со години документираат систематски злоупотреби на мигранти во Либија, вклучувајќи принудна работа, тепање, силување и тортура.
Пред да заминат за Европа, шверцерите ги ставаат мигрантите во гумени чамци и други пловни објекти несоодветни за ризичното патување низ Средоземното Море.
Оние кои се пресретнати и вратени во Либија, вклучително и жени и деца, се држат во центри за притвор управувани од владата, каде што исто така трпат малтретирање, вклучувајќи тортура, силување и изнуда.
Трговците со луѓе имаат корист од повеќе од една деценија војна и нестабилност во Либија, која западна во хаос по бунтот поддржан од НАТО во кој беше соборен и убиен долгогодишниот владетел Моамер Гадафи во 2011 година.
Тошковски најави СМС известувања за прекршоци и камери на „црни точки“

Нов пристап за сообраќајни прекршоци преку СМС известувања и камери на црни точки, денеска (9 февруари) најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на трибината со наслов „Суштината на проблемот - лоши закони или лоша примена?“.
Тој истакна дека се работи на имплементација на нови и ефикасни решенија за подобрување на сообраќајната култура и безбедност, како што е системот „безбеден град“, кои, според него, ќе обезбедат транспарентност, фер третман за сите прекршители и зголемена ефективност во примената на закони.
„Слободно можам да кажам дека имаме нефункционален систем што треба да продуцира резултати од интерес за македонските граѓани“, смета Тошковски.
Случајот со 22-годишната Фросина Кулакова, која беше прегазена на булеварот Партизански одреди во Скопје предизвика бурни реакции во јавноста.
Според Тошковски, народот „со право е гневен“.
„Гневен е затоа што гледа дека слабостите на системот се катастрофални и нормално бара решение“, истакна тој.
Најави СМС известувања за прекршок, каде прекршителот ќе може да потврди прекршок со линк и слика во рок од 24 часа.
„Предвидуваме ефикасна постапка за комуникација помеѓу прекршителот и МВР, каде што прекршителот ќе добие СМС известување во разумен временски период од 24 часа, а не по три или шест години. Преку СМС ќе добие известување за прекршокот со линк за отворена информација и слика, со што ќе се увери дека токму тој во одреден временски интервал на одреден булевар сторил прекршок“, дециден беше Тошковски.
Според него, најголемиот проблем при имплементацијата на проектот се судовите, бидејќи судската заштита за секој прекршок што бара одземање дозвола или поголема глоба е неизбежна, а бројките на сообраќајни прекршоци се катастрофални.
„Согласно Устав, знаеме дека мора да има судска заштита за секој прекршок што бара одземање возачка дозвола или изрекување поголема глоба и тоа не можеме да го прескокнеме“, додаде Тошковски.
Министерот посочи дека постои сериозен проблем во судската пракса, каде што понекогаш, казните за прекршочни дејствија што доведуваат до загуба на живот, се премногу благи.
Министерството за правда е фокусирано на утврдување на можни измени и дополнувања во законите, со кои ќе се придонесе за значително зајакнување на безбедноста во сообраќајот, изјави на 7 февруари министерот за правда, Игор Филков, на јавната расправа во Собранието, организирана по сообраќајната несреќа во која загина Кулакова.
Системот на камери и казни беше најавен пред повеќе од една деценија. Во меѓувреме, беа распишани тендери и поставени камери, но досега не профункционира на начинот на кој беше ветено - автоматски да ги следи и казнува сите што прават грешки во сообраќајот.
Израелската армија се повлекува од клучниот коридор во Газа

Израелските сили денеска (9 февруари) се повлекоа од клучниот коридор во Газа, соопштија израелските власти и Хамас, палестинското движење кое војува со Израел и се смета за терористичко од САД и ЕУ.
Повлекувањето е дел од обврските на Израел според договорот за прекин на огнот со Хамас кој се уште е во сила, но се соочува со голем тест - дали страните можат да преговараат за неговото планирано продолжување.
Снимка на Ројтерс покажува возила на израелската армија како се движат од брегот кон израелската граница. Израел зазеде коридор долг 6,4 километри од границата до Медитеранот, кој се наоѓа јужно од градот Газа, во првите месеци од инвазијата.
Коридорот ги отсече северните населби на Појасот Газа од јужните. Илјадници Палестинци поминаа низ коридорот во последните недели, враќајќи се во своите домови на северот што ги имаа напуштено во потрага по засолниште.
Некои од нив го опишале својот шок кога ги виделе размерите на уништувањето и откриле човечки останки во областите од кои израелските сили се повлекле, пренесува Ројтерс.
Голем дел од северниот дел на Појасот Газа стана пустелија по разорната војна на Израел.
Некои од повратниците се вратиле на југот на енклавата кога откриле дека нивните домови се уништени, додека други поставиле шатори на местата каде што некогаш живееле.
Денеска голем број луѓе решија да поминат низ коридорот откако Хамас најави повлекување на Израел, што резултираше со редица автомобили.
Еден ден претходно (8 февруари), Хамас ослободи уште тројца израелски заложници во замена за 183 палестински затвореници, како дел од договорот за прекин на војната во Газа, постигнат на 15 јануари.
Договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас стави крај на разорната 15-месечна војна во Појасот Газа, со размена на заложници и 1.000 палестински затвореници и испорака на хуманитарна помош на опустошената палестинска територија.
Размената на 8 февруари е петта размена досега од почетокот на прекинот на огнот, во кој до денес беа ослободени 18 израелски заложници и 383 палестински затвореници.
Приближно 33 заложници и 1.900 затвореници се очекува да бидат ослободени до крајот на првата фаза од прекинот на огнот за три недели.
Израел соопшти дека осум заложници се мртви.
Хамас зароби 251 заложник и уби околу 1.200 луѓе кога го нападна Израел на 7 октомври 2023 година, предизвикувајќи војна.
Најмалку 47.500 Палестинци се убиени во израелската офанзива, според Министерството за здравство на Газа, управувано од Хамас.
„Зеница се буди!“- протест поради поскапувањата и состојбата во БиХ

Неколку стотици граѓани протестираа денеска (9 февруари) во Зеница, во централниот дел на Босна и Херцеговина (БиХ), незадоволни од моменталната состојба на општеството и зголемувањето на цените.
Собирот започна напладне со едноминутно молчење за да им се оддаде почит на загинатите во катастрофалните поплави што ја погодија Јабланица, во јужна БиХ, пред четири месеци. На 4 октомври, поројните дождови предизвикаа карпеста лавина во која загинаа 19 лица во Долна Јабланица, а многу семејства останаа без покрив над главата.
Во тој контекст беа побарани транспарентни извештаи за трошењето на парите во Јабланица и „објаснување зошто толку долго се чекаше“ за да се обезбеди помош за погоденото подрачје.
Граѓаните поминаа и покрај седиштето на Владата на Зеничко-добојскиот кантон, еден од десетте кантони во ентитетот на Федерацијата БиХ.
„Конкретната цел на протестната прошетка, прва во низата, е ние граѓаните да го изразиме нашето незадоволство од ова ненормално поскапување и самата инфлација и можеби да ги поттикнеме и другите градови да го сторат истото. Она што е многу важно да се нагласи е дека протестите се аполитични“, соопштија од неформалната граѓанска група „Зеничани на улица“, која ги организираше протестите.
Како клучни барања на протестот наречен „Зеница се буди!“ беа претставени усвојувањето на итни мерки за борба против инфлацијата, намалување на даночните оптоварувања на трудот и ограничување на растот на платите во јавните институции.
Се бара транспарентност во трошењето на буџетските средства, зголемување на пензиите, како и мерки против врсничкото насилство.
Нови блокади низ Србија на 100 дена од несреќата во Нови Сад

На стотиот ден од уривањето на настрешница во Нови Сад, при што загинаа 15 лица, а двајца беа тешко повредени, голем број студенти во знак на протест го блокираа мостот Газела во Белград, една од најважните сообраќајни точки во главниот град.
Денеска (9 февруари) студентите од белградскиот Земјоделски факултет повикаа на неколкучасовна блокада на мостот, кој е дел од меѓународен автопат.
„Поминаа 100 дена од трагедијата во Нови Сад, а за 15-те изгубени животи се уште никој не одговара. Инсистираме надлежните институции да понесат одговорност“, објавија студентите на Земјоделскиот факултет на својот профил на Инстаграм.
Сообраќајот е блокиран на двете коловозни ленти, а трактори се паркирани на средина на мостот. Во блокадата на Газела на студентите им се придружија голем број граѓани, а како што јавува репортерот на Радио Слободна Европа (РСЕ), тие во мали групи им се придружуваат на студентите од другата страна на мостот, носејќи транспарент на кој пишува „Од оваа страна на реката градот е наш“.
Во 11:52 часот, што го симболизира моментот на уривање на настрешницата, на мостот започна 15-минутно молчење, пред кое беа прочитани имињата на починатите.
„Одговорност сè уште нема, немаме информации кој е одговорен за тоа што се случи, нашите барања не се исполнети и затоа сме сега овде“, вели во изјава за РСЕ Ивана Илиќ, една од студентите кои учествуваа во блокадата.
Студентите во придружба на неколку трактори тргнаа од Земјоделскиот факултет во Земун кон мостот Газела. Трасата на учесниците на протестот од Земјоделскиот факултет до мостот Газела беше обезбедена од сообраќајна полиција.
Репортерката на РСЕ пренесе дека студентите на чело на колоната носат транспаренти со имињата на загинатите во уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година.
Блокада на три раскрсници во Нови Сад
И во Нови Сад се одбележуваат 100 дена од несреќата, со блокирање на три главни раскрсници на влезот во градот.
Како што јавува репортерот на РСЕ, патиштата се блокирани со трактори, а дел од толпата се студенти, земјоделци, моторциклисти и други граѓани.
Блокада на патарина на излезот од Ниш
Студенти од Универзитетот во Ниш во јужна Србија и голем број граѓани денеска ја блокираа патарината на излезот од Ниш.
Како што јави репортерот на РСЕ, две групи студенти и граѓани се упатија кон наплатната рампа во протестна прошетка и во еден момент се споија.
Насобраните носеа транспаренти, меѓу кои и еден на кој пишуваше: „Нека се бакнуваат северот и југот“.
Студентите кои ги блокираа нишките факултети поставија своевиден камп во близина на наплатната рампа, каде, како што наведоа, планираат да останат до вечер.
Студенти од Крагуевац во штафетна трка до Белград
Пет студенти од Универзитетот во Крагуевац утрoво (9 февруари) тргнаа кон Белград на штафетен маратон, за да достават покани до своите колеги од Нови Сад, Ниш и Белград за протестот најавен за државниот празник Сретење, 15-ти февруари, во Крагуевац, во централна Србија.
Како што јави репортерот на РСЕ, студентите, учесниците во штафетата - четворица млади момчиња и една девојка, во Крагуевац беа пречекани со овации од студенти, професори и голем број граѓани.
Најавено е дека учениците ќе бидат обезбедувани со два полициски автомобили по целата траса од 115 километри на автопатот Крагуевац-Белград, а ќе бидат придружувани од екипа на брза помош и возило за логистика.
Маратонците треба да ја истрчаат патеката за 13 часа, а вечерва (9 февруари) се очекува да пристигнат на платото пред храмот Свети Сава во Белград.
Несреќата во Нови Сад предизвика бран протести низ Србија.
Во изминатите два месеци протестите ги предводеа студентите кои блокираа повеќе од 60 универзитети во земјава, барајќи кривична и политичка одговорност за несреќата од страна на властите. Во блокадата им се придружија и голем број средни училишта.
Барањата на студентите ги поддржаа нивните професори, просветни работници, адвокати, земјоделци, актери и други граѓани.
Владата на чело со српскиот претседател Александар Вучиќ тврди дека барањата на студентите се исполнети.
Студентите во блокадата порачаа дека Вучиќ не е надлежен за исполнување на нивните барања, дека тие не се исполнети и дека продолжуваат со протестите.
На 30 декември, Вишото јавно обвинителство во Нови Сад поднесе обвинителен акт против 13 лица, поради сомнение за невнимание при реконструкцијата на настрешницата.
Меѓу обвинетите се поранешниот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ и неговата помошничка Анита Димоски, како и поранешната директорка на јавното претпријатие „Железничка инфраструктура на Србија“, Јелена Танасковиќ.
Десет обвинети се во притвор, Весиќ е во бегство, а Танасковиќ и Димоски се во домашен притвор.
На 3 февруари Вишото јавно обвинителство во Нови Сад објави дека истражува дали имало корупција при реконструкцијата на Железничката станица.
ЦУК: 12 пожари на отворено во изминатото деноноќие

Во изминатото деноноќие на територијата на државата имало 12 пожари на отворено, при што сите се изгаснати од страна на пожарникарите, информираат денеска од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Пожарникарите од регионалните центри интервенирале во Скопје, Дојран, Охрид, Струга, Дебар, Пробиштип, Виница, Кочани и Куманово.
ЦУК информира и дека во последното деноноќие на единствениот повикувачки број за итни случаи 112 имале вкупно 1 747 повици, од кои што „реални“ повици биле 50,72 проценти, а 49,28 проценти биле за други потреби на граѓаните што не биле итни.
Потсетуваат дека сите итни случаи се пријавуваат на бројот 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации.
Њујорк пост: Трамп разговарал со Путин за крај на војната во Украина

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека телефонски разговарал со рускиот претседател Владимир Путин за завршување на војната во Украина, објави Њујорк пост доцна во саботата (8 февруари).
На прашањето колку пати разговарале двајцата лидери, Трамп рече дека е „подобро да не зборува“.
„Тој (Путин) сака луѓето да престанат да умираат“, изјави Трамп за Њујорк пост.
Ниту Кремљ, ниту Белата куќа не одговорија веднаш на барањето на Ројтерс за коментар надвор од работното време.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ниту ја потврди ниту ја демантираше информацијата на Њујорк пост за телефонскиот разговор меѓу Трамп и Путин.
„Додека администрацијата во Вашингтон ја врши својата работа, се појавуваат многу различни комуникации, а овие комуникации се одвиваат преку различни канали. И, се разбира, со оглед на мноштвото на овие комуникации, јас лично можеби нешто знам или не знам. Затоа, во овој случај, не можам ниту да потврдам, ниту да демантирам", изјави Песков за Интерфакс.
Кон крајот на јануари, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Путин е подготвен да има телефонски разговор со Трамп и дека Москва е подготвена.
Трамп во петокот (7 февруари) рече дека најверојатно ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски следната недела за да разговара за завршување на војната.
Војната, која започна со целосната инвазија на Русија врз Украина, ќе ја одбележи својата трета годишнина на 24 февруари. Илјадници луѓе, огромно мнозинство Украинци, се убиени за време на конфликтот.
Трамп за Њујорк пост изјави дека „секогаш имал добри односи со Путин“ и дека има конкретен план за ставање крај на војната. Сепак, тој не откри повеќе детали.
„Се надевам дека ќе биде брзо“, рече Трамп. „Луѓето умираат секој ден. Оваа војна во Украина е толку лоша. Сакам да ставам крај на оваа проклета работа.“
Севернокорејскиот лидер најави натамошен развој на нуклеарен арсенал

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун ја критикуваше трилатералната воена соработка меѓу САД, Јапонија и Јужна Кореја за поднување на тензиите во регионот и вети контрамерки, вклучително и понатамошен развој на нуклеарните сили.
Ким рече дека американското распоредување на стратешки нуклеарни средства, воените вежби и воената соработка со Јапонија и Јужна Кореја предизвикуваат воен дисбаланс во регионот и претставуваат сериозен предизвик за безбедносната средина, објави државната новинска агенција КЦНА.
„Северна Кореја не сака непотребна тензија во регионалната ситуација, но ќе преземе трајни контрамерки за да обезбеди регионална воена рамнотежа“, рече Ким за време на посетата на Министерството за одбрана.
Ким уште еднаш ја разјасни својата непоколеблива политика за понатамошен развој на нуклеарни сили, се вели во агенцискиот извештајот пренесен од Ројтерс.
Коментирајќи ја руската војна со Украина, Ким рече дека севернокорејската армија и народ секогаш ќе ја поддржуваат и охрабруваат праведната кауза на руската армија и народ да го бранат својот суверенитет, безбедност и територијален интегритет во согласност со духот на Договорот за сеопфатно стратешко партнерство меѓу Северна Кореја и Русија.
Американскиот претседател Доналд Трамп по средбата со јапонскиот премиер Шигеру Ишиба во петокот (7 февруари) рече дека ќе одржуваат релации со Северна Кореја, но двајцата изразија загриженост за нејзината нуклеарна програма.
Косово гласа на парламентарни избори, први редовни од прогласувањето на независност

Во Косово денеска (9 февруари) се гласа на парламентарни избори - првите редовни избори од прогласувањето на независноста во 2008 година.
Право на глас имаат над 2 милиони граѓани во и надвор од Косово.
Тие ќе изберат нов парламент, кој потоа ќе избере нова извршна влада на Косово.
Во трката има 28 политички субјекти и еден независен кандидат, како и четворица кандидати за премиер: Албин Курти од Движењето Самоопределување, Бедри Хамза од Демократската партија на Косово (ПДК), Лумир Абдиџику од Демократската лига на Косово (ЛДК) и Рамуш Харадинај од Алијансата (Алијанса за Демократицизам и други косовски партнери за иднината)
На изборите учествуваат шест политички субјекти кои ја претставуваат српската заедница: Српската листа, Српското народно движење, Српската демократија, Партијата на косовските Срби, За слобода, правда и опстанок и Граѓанската иницијатива Народна правда.
И во Северна Митровица, општина населена со српско мнозинство, граѓаните утринава излегоа на гласање.
Ова е првпат граѓаните од северот да се вратат на гласачките кутии од 2022 година, кога Српската листа – водечката српска партија во Косово – се повлече од косовските институции и ги повика Србите да ги бојкотираат претстојните изборни процеси.
Шефицата на мисијата на Европската унија за набљудување на изборите, Натали Лоазо, изјави дека 104 набљудувачи го следат изборниот процес на Косово.
Гласачките места беа отворени во 7 часот и ќе останат отворени до 19 часот.
Вчера (8 февруари), граѓаните на Косово во дијаспората можеа за првпат да гласаат во дипломатските претставништва во 19 различни земји во светот. Исто така, вчера заврши и процесот на гласање по пошта.
Минусни температури наутро, сонце преку денот

Утрово (9 февруари) е студено, а преку денот ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност и ќе дува слаб до умерен променлив ветер.
Максималната температура денеска ќе биде во интервал од 4 до 11 степени, најавуваат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Во Скопје се очекуваат максимални 9 степени.
Најниска темепература од -11 степени Целзиусови утрово е измерена во Берово. Измерени -7 степени има во Скопје-Петровец, Битола, Маврови Анови и Попова Шапка, -6 во Тетово, Крива Паланка, Прилеп, Штип, Демир Капија, Струмица и Велес, -5 во Скопје-Зајчев Рид, Крушево, Претор и Кавадарци и -4 степени во Охрид, Виница и Гевгелија.
Висината на снежната покривка измерена во 7 часот утрово изнесува 30 см на Попова Шапка и 13 см во Маврови Анови.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете