Вести
Кривични пријави за инвеститорот и изведувачот на „Космос“
Еден од инвеститорите на објектот Фиат Цаноски денеска на прес-конференција рече дека му биле скратени основните човекови права, односно можноста на приватна сопственост и слобода на движење и најави дека ќе се жали во судот во Стразбур.
На пресот присуствуваше и американскиот адвокат Дејвид Серџи кој Цаноски го ангажирал за неговиот случај.
види ги сите денешни вести
Маж од Кочанско почина од западно-нилска треска
Седумдесет и осумгодишен маж од општината Чешиново-Облешево, Кочани починал денеска, 16 септември на Клиниката за инфективни болести поради компликации од вирусот на западно-нилска треска, извести Институтот за јавно здравје.
Според податоците на ИЈЗ тој е четврт случај годинава и е пријавен на 12 септември.
„Првичните симптоми кај пациентот започнале на 09.09.2024 со намален апетит, малаксаност и покачена температура до 39 степени. Поради појава на вознемиреност, агресивност, афазија и губиток на свест, пациентот на 10.09.2024 година со возило од ИМП Кочани е пратен во Клиничката болница-Штип каде што биле спроведени дијагностички невролошки процедури. Поради тешката состојба на пациентот и дијагностициран енцефалитис, во текот на истиот ден е упатен за Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби Скопје (КИБФС). Земени се примероци за микробиолошки анализи на повеќе причинители“, пишува во извештајот на ИЈЗ.
Со серолошко испитување потврдено е заболувањето западно-нилска треска.
Како што информираат од ИЈЗ, пациентот починал на Инфективната клиника на 16 септември, откако му била влошена состојбата и му била поставена кислородна маска.
Според извештајот на ИЈЗ, од анализите на епидемиологот од Кочани добиени во разговор со децата на починатиот од западнонилска треска, пациентот е пензионер, што живеел во куќа во селото Облешево.
Шин Бет разоткри план за атентат врз израелски лидери од страна на Иран
Израелски цивил бил уапсен минатиот месец под сомнение дека бил регрутиран од Иран за да изврши атентат врз израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, министерот за одбрана Јоав Галант или шефот на безбедносната служба Шин Бет, Ронен Бар, соопштија денеска Шин Бет и полицијата.
Претставници на Шин Бет и полицијата информираа дека осомничениот двапати бил прошверцуван во Иран и дека добил пари за мисијата, пренесува Тајмс оф Израел. Осомничениот, кој не е именуван, денеска е обвинет.
Според полицијата, „бизнисмен кој долго време живеел во Турција“ бил уапсен и одржувал врски со турски и ирански лица кои телефонски го запознале со ирански бизнисмен по име Еди, соопшти полицијата.
Полицијата објави дека тој првпат го посетил Иран во мај 2024 година, кога од него било побарано да изврши безбедносни мисии во Израел, вклучително и пренос на „пари или оружје“, и фотографирање јавни места.
Некои од предложените атентати, соопшти полицијата, наводно биле „одмазда за атентатот на политичкиот шеф на милитантната организација Хамас, Исмаил Ханије, во јули во Техеран, пренесува АФП.
Хамас е прогласен за терористичка организација од страна на САД и Европската Унија.
Иран и Хамас го обвинија Израел дека стои зад смртта на Ханије.
Израелската војска погодила 7 локации на Хезболах во јужен Либан
Израелската војска во четврток (19 септември) соопшти дека во текот на ноќта нападнала шест „терористички инфраструктурни локации“ на Хезболах и објект за складирање оружје во јужен Либан. Ова се случува во период на зголемени стравувања од проширување на војната.
Воздухопловните сили „погодија локации на терористичката инфраструктура на Хезболах во областите Чихине, Тајбе, Блида, Меис Ел Џабал, Аитарун и Кфаркела во јужен Либан, како и складиште за оружје на Хезболах во областа Киам во јужен Либан“, се вели во соопштението на израелската армија, а пренесе АП.
Во меѓувреме, израелската армија ја премести 98-та дивизија на север од Израел по владина одлука. Оваа група до неодамна се бореше во Појасот Газа.
Одлуката за преместување на дивизијата, само еден ден по експлозиите на комуникациските уреди во Либан и Сирија, кои му се припишуваат на Израел и по заканите за одмазда од Хезболах, вклучува распоредување на големи сили на северната граница.
Шефот на северната команда на ИДФ, генерал-мајор Ури Гордин, рече дека ИДФ е „решена да ја промени безбедносната ситуација што е можно поскоро.
„Командантите и силите се целосно посветени и се на врвот на подготвеноста за секоја задача што ќе треба да ја извршат“, рече Гордин.
Се верува дека 98-та дивизија има илјадници војници, вклучително и падобрански пешадиски единици и артилерија и елитни команданти специјално обучени за операции зад непријателските линии.
Дивизијата одигра клучна улога во Газа, предводејќи ги армиските операции во јужниот град Кан Јунис, упориште на Хамас, која од САД и ЕУ е прогласена за терористичка организација.
Офанзивата им нанесе големи загуби на борците и тунелите на Хамас, но исто така предизвика и огромни штети и резултираше со бројни цивилни жртви. Израел вели дека Хамас ги загрозува цивилите криејќи се во станбени области.
Северна Македонија воздржана за резолуцијата за повлекување на Израел од Палестина
Генералното собрание на ОН денеска (19 септември) со големо мнозинство ја поддржа необврзувачката палестинска резолуција со која се бара Израел да го прекине своето „незаконско присуство“ во Газа и окупираниот Западен Брег во рок од една година.
За резолуцијата гласаа 124 од 193 членки на светската организација, 14 беа против, 43 беа воздржани.
Во резолуцијата се бара и повлекување на сите израелски сили и евакуација на еврејските доселеници од окупираните палестински територии „без одлагање“.
Северна Македонија се воздржа од гласање, заедно со Велика Британија, Германија, Италија, Холандија, Австрија, Швајцарија, Шведска, Данска, Хрватска, Бугарија, Романија, Полска, Словачка, Литванија, Украина, Србија, Албанија, Канада, Индија, Австралија и други земји.
Против гласаа САД, Израел, Чешка, Унгарија, Аргентина и други земји.
Амбасадорот на Израел во ОН, Дани Данон, ја означи резолуцијата како „обид да се уништи Израел преку дипломатски тероризам“ во која никогаш не се спомнуваат злосторствата на Хамас и „ја игнорира вистината, ги искривува фактите и ја заменува реалноста со фикција“.
Трамп вели дека „најверојатно“ ќе се сретне со Зеленски следната недела
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека „веројатно“ ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој следната недела ќе престојува во САД за да се обрати на состанокот на Советот за безбедност на ОН за војната на Русија во неговата земја.
„Веројатно, да“, рече Трамп на прашањето дали ќе се сретне со украинскиот лидер следната недела, но не даде дополнителни детали.
Трамп, кој постојано ја опишуваше американската помош за својот источноевропски сојузник како губење пари и одби да каже дека сака Украина да победи во војната, не даде дополнителни детали.
Во последните месеци, некои други светски лидери кои ги посетија Соединетите Држави на самити и состаноци со претседателот Џо Бајден, се сретнаа и со Трамп.
Трамп, републиканскиот кандидат на изборите на 5 ноември, се соочува со демократската потпретседателка и кандидатка за претседател Камала Харис.
Зеленски рече дека сака да им претстави мировен план на Бајден, Харис и Трамп додека е во САД.
Мицкоски на средби со лидерите на ЕУ и колегите од Западен Балкан во Брисел
Премиерот Христијан Мицкоски, во придржба на министрите за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцински и за европски прашања Орхан Муртезани, денеска ќе престојува во работна посета на Брисел. Мицкоски ќе присуствува на работен ручек што за него и за останатите лидери од земјите од Западниот Балкан го организира претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Како што информира вчера портпаролката на ЕК за соседска политика, проширување и меѓународни партнерства Ана Писонеро, на работниот ручек ќе стане збор за односите меѓу ЕУ и земјите од Западниот Балкан, како и за имплементацијата на Планот за раст на регионот, што го подготви Европската комисија и за реформиските агенди поврзани со него.
Дополнително, Мицкоски ќе има средби и со претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, со еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји и со првиот човек на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување (ГД НЕАР), Герт Јан Копман.
Мицкоски вчера најави дека главна тема на неговите средби во Брисел ќе биде Планот за раст на Западниот Балкан, истакнувајќи дека Владата подготвила фантастичен документ за реформската агенда, кој веќе е доставен до Брисел.
Доколку на средбите во Брисел стане збор за евроинтеграцискиот процес, како што рече Мицкоски, тој е оној кој што треба да ги брани и да ги одбрани македонските национални интереси.
На новинарско прашање дали на разговорите во Брисел може да стане збор и за идејата за уставни измени со одложено дејство, Мицкоски одговори дека не би сакал да коментира, но оти позициите на Владата по ова прашање се јасни.
„Позицијата на ВМРО ДПМНЕ, позицијата на Владата е јасна. Мојата позиција е јасна. Доста беа порази, доста беа политики и дипломатија на свиткана кичма и на бакнување чевли. Сега имаме политика и дипломатија, која што се темели на двонасочна улица. Сакам да зборуваме за вредности, за почитување на човековите права и да знаеме дека ако го отпочнеме преговорите, како што ни беше ветувано во таа 2018 година, дека за три, четири, пет години максимум, ќе го завршиме тој пат и ќе бидеме членка на Европската Унија“, изјави Мицкоски.
Во однос на идејата за уставни измени со одложено дејство, уште и наречена „француски предлог плус“, шефот на дипломатијата Муцински во гостување на националниот радиодифузен сервис МРТ1, изјави дека станува збор за надополнување на сето ова што постои во моментов како фактичка состојба, со цел да бидеме апсолутно сигурни дека од моментот кога ќе ги почнеме преговорите со ЕУ повеќе нема да имаме билатерализација на нашиот пристапен пат.
„Францускиот предлог плус“ предвидува одложено дејство на уставните измени, односно нивно усвојување пред официјалниот почеток на преговорите за членство во ЕУ, но тие да стапат во сила на крајот од преговарачкиот процес. Ова, според неофицијални информации од МНР, е едно од решенијата што ги нуди македонската Влада за излез од ќор-сокакот во кој се најде земјата на европскиот пат.
Инаку за време на престојот во Брисел, предвидено е Муцунски да се сретне и со генералниот секретар на НАТО во заминување, Јенс Столтенберг и да се обрати на прием организиран во седиштето на Алијансата во Брисел.
Најмалку 20 загинати во вториот бран експлозии на комуникациски уреди во Либан
Најмалку 20 лица загинаа, а повеќе од 450 се повредени во вториот бран експлозии на уреди за безжични комуникации во Либан, соопшти Министерството за здравство.
Ова се случува во вчерашниот втор бран експлозии, еден ден по серијата смртоносни експлозии на пејџери на членови на проиранската група Хезболах.
Воки-токи користени од членовите на милитантната група Хезболах експлодираа во јужните предградија на главниот град Бејрут, долината Бека и јужен Либан - области кои се сметаат за нејзини упоришта.
Некои од експлозиите се случија за време на погребите на некои од 12-те лица за кои Министерството соопшти дека биле убиени во експлозијата во вторникот.
Хезболах го обвини Израел за нападот. Израел не коментираше.
Нападите се случија кога израелскиот министер за одбрана Јоав Галант најави „нова фаза во војната“ и кога дивизијата на израелската армија беше префрлена на север.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш предупреди на „сериозен ризик од драматична ескалација“ и ги повика сите земји да „искористат максимална воздржаност“.
Две години по смртта на Махса Амини, нови санкции од Западот против Иран
Соединетите Американски Држави (САД), Канада и Австралија денеска (18 септември) воведоа санкции против група ирански функционери поради нивната вмешаност во задушување протести и приведување луѓе по протестите за смртта на Махса Амини, Иранка која почина во притворот на моралната полиција во Техеран пред две годинипоради тоа што наводно не носела хиџаб, а чие задолжително носење е пропишано со закон во таа земја, пренесе агенцијата Асошиејтед прес (АП).
Дваесет и двегодишната Махса Амини почина на 16 септември 2022 година во болница, откако беше уапсена. Нејзината смрт предизвика протести низ целата земја против законот за хиџаб и свештеничкото владеење.
Новите санкции опфаќаат десетина функционери обвинети за убивање и приведување демонстранти, задушување протести во 2019 и 2022 година и апсење новинари.
Новиот реформистички претседател на земјата, Масуд Пезешкијан, водеше кампања на бранот ветувања дека ќе го спречи вознемирувањето на жените од страна на моралната полиција. Сепак, по смртта на Махса Амини, се појавија видеа на жени и девојки кои трпат полициско насилство, објави АП.
Минатата година, тинејџерка која не носеше хиџаб беше повредена во неразјаснет инцидент во метрото во Техеран, а подоцна почина во болница. Активистите за човекови права и женски права рекоа дека во јули полицијата отворила оган врз жена која бегала од контролен пункт во обид да избегне заплена на автомобилот затоа што немала хиџаб.
Службеникот од американското Министерство за финансии, Бредли Смит, рече дека иранските лидери „и покрај мирните повици на иранскиот народ за реформи, ги удвоиле тактиките на насилство и принуда на режимот“. Тој додаде дека САД и нивните сојузници „ќе продолжат да преземаат акција“ за да ги идентификуваат и да ги повикаат на одговорност оние што се „одговорни за спроведување на суровата агенда на иранскиот режим“.
Санкциите, кои го блокираат пристапот до американските средства и банкарски сметки и ги спречуваат таргетираните луѓе и компании деловно да соработуваат со САД, во голема мера се симболични, бидејќи многу поединци немаат врски со Соединетите држави.
Мисијата за проверка на факти на Обединетите нации во март откри дека Иран е одговорен за „физичкото насилство“ што доведе до смртта на Махса Амини. Исто така, беше откриено дека Исламската Република употребила „непотребна и непропорционална“ сила во задушувањето на демонстрациите што избувнаа по смртта на Амини и дека иранските безбедносни сили сексуално ги нападнале затворениците.
Источното крило на НАТО повика на колективна одбрана од руски беспилотни летала
Министрите за одбрана на источното крило на НАТО денеска (18 септември), повикаа на колективен одговор на заканите за нивниот воздушен простор од руски беспилотни летала и ракети насочени кон Украина, објави агенцијата АФП.
Од почетокот на инвазијата, во февруари 2022 година, Москва извршува речиси секојдневни напади со беспилотни летала и ракетни напади врз Украина, вклучително и таргетирање области во близина на западните граници на Украина со членките на Европската унија и НАТО.
Романија и Латвија објавија претходно овој месец дека руски беспилотни летала и проектили летале низ нивниот воздушен простор за време на нападот врз Украина.
Министрите од деветте земји од источното крило на НАТО изразија „длабока загриженост поради повторените упади“ во воздушниот простор на сојузниците од „руски беспилотни летала и ракети“.
Тие, исто така, ја повикаа Алијансата да помогне во зајакнувањето на нивната способност „да детектираат, идентификуваат и, доколку е потребно, да ангажираат ниски и бавно летачки објекти“.
„Потребен е силен и координиран одговор на сојузничко ниво, како и брзо спроведување на ротирачкиот модел на НАТО за интегрирана воздушна и противракетна одбрана“, изјави романскиот министер за одбрана, Ангел Тилвар, за новинарите, по состанокот на министрите за одбрана во Букурешт.
Таканаречената „Букурешка деветка“ ја сочинуваат Бугарија, Чешка, Естонија, Унгарија, Латвија, Литванија, Полска, Романија и Словачка. Претходно украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибига, побара од соседите на Киев да ги „истражат можностите“ за соборување руски ракети и беспилотни летала.
На почетокот на неговата регионална турнеја во Романија, тој ги опиша руските воздушни напади како „глобална закана“.
Романија распореди два борбени авиони Ф-16 за следење на руско беспилотно летало што прелета над нејзиниот воздушен простор кон Украина претходно овој месец. Овој инцидент повторно ја разгоре дебатата за тоа дали земјата треба да пресретне залутани руски беспилотни летала.
Сегашната правна рамка спречува такви ангажмани во мирнодопски услови. Од почетокот на руската инвазија на Украина, романските власти постојано известуваат дека на територијата на Украина се пронајдени делови од руски дронови.
НАТО, сепак, рече дека нема „индиции“ дека некој од инцидентите бил „намерен напад“ од страна на Русија против земјите на НАТО.
Условна казна од два месеца затвор за актерот Сергеј Трифуновиќ во Хрватска
Српскиот актер Сергеј Трифуновиќ е осуден на 60 дена затвор, потврди денеска (18 септември) Општинскиот суд за прекршоци во Сплит, Хрватска за Радио Слободна Европа (РСЕ).
„Кон обвинетиот, изречена е условна осуда со тоа што извршувањето на затворската казна се одложува за период од една година, а истата нема да се изврши под услов во тој период да не стори еден или повеќе прекршоци за кое има иста или потешка казна“, се наведува во соопштението.
Се додава дека Трифуновиќ е прогласен за виновен за две дела од Законот за јавен ред и мир и дека е должен да плати 150 евра за трошоците на постапката.
„Обвинетиот и застапникот на овластениот обвинител изјавија дека се откажуваат од правото на жалба, па пресудата стана правосилна на денот на донесувањето, 18 септември 2024 година“, изјавија за РСЕ од Општинскиот прекршочен суд во Сплит.
Сергеј Трифуновиќ на 16 септември, на граничниот премин со Србија, Бајаково-Батровци, бил приведен од хрватската полиција бидејќи, како што информираат хрватските власти, пред една година со објава на социјалните мрежи ги навредувал и омаловажувал полицајците.
„Објави текст со недолична содржина во кој наведува дека сплитските полицајци му изнудувале над илјада евра“, соопшти тогаш меѓу другото хрватската полиција.
Во објава на Инстаграм, српскиот претседател, Александар Вучиќ, апелираше до хрватските власти „да разберат дека затворањето на Србите не води кон создавање подобри односи“.
Тој побара од претставниците на властите во Србија „да ги искористат сите дипломатски канали за да се обидат да се борат за правда и да се борат за слободата на Сергej Трифуновиќ“.
„Уапсен e човек кој е мој политички противник, основач на Движењето на слободни граѓани, но и државјанин на Србија, државјанин на нашата земја, за што е уапсен никој не разбра“, рече Вучиќ.
Минатата година Сергеј Трифуновиќ во Хрватска неколку пати добил прекршочна казна, пишуваат медиумите, бидејќи своето куче го шетал без надзор, односно без поводник и корпа.
Сплитската полиција во септември минатата година соопшти дека поради тие прекршоци, Трифуновиќ добил едногодишна забрана за влез во Европската економска зона, која ја сочинуваат земјите од Европската Унија, Норвешка, Исланд и Лихтенштајн.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете