Достапни линкови

Вести

Торнадо во Њујорк

Силна бура, предизвика две торнада во Њујорк, при што едно лице загина, а стотици објекти беа штетени, особено во кавртовите Бруклин и Квинс. Силниот ветар носел покриви од куќи, корнел дрвја, а имало и прекини во снабдувањето со струја. Вакви торнада се многу ретки во Њујорк и се случиле вкупно 10-тина од 1950-та година досега.

види ги сите денешни вести

ЕУ со нови санкции го таргетира рускиот гасен сектор

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

Земјите од Европската унија на 20 јуни потпишаа нов пакет санкции против Русија, кои за прва пат се насочени кон нејзиниот профитабилен сектор за течен природен гас (ЛНГ), соопштија официјални лица.

Новите мерки, кои треба официјално да бидат усвоени во понеделник, имаат за цел дополнително да ги задушат воените напори на рускиот претседател Владимир Путин против Украина, пишува АФП.

„Овој тежок пакет дополнително ќе го оневозможи пристапот на Русија до клучните технологии“, напиша претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на X.

„Тие ќе ја лишат Русија од дополнителни енергетски приходи и ќе се справат со флотата на Путин во сенка и банкарската мрежа во сенка во странство“, рече Фон дер Лајен.

Дипломатите рекоа дека најновите санкции, кои се 14-та рунда што ЕУ ги воведе кон Москва од почетокот на целосната инвазија врз Украина во 2022 година, вклучуваат забрана за претовар на руски ЛНГ преку Европа.

Тие не вклучуваат забрана за купување руски ЛНГ од земјите на ЕУ.

Европските пристаништа се важни за Русија бидејќи континентот нуди клучна рута за извоз на ЛНГ од замрзнатите пристаништа на Арктикот до азиските пазари во зимските месеци.

Пристаништата во Белгија, Франција, Холандија и Шпанија се главните точки за испорака на ЛНГ од рускиот сибирски полуостров Јамал.

Белгиското пристаниште Зибриж и француското пристаниште Монтоар се особено важни центри за повторен извоз во земји како Кина, Тајван или Турција.

Пакетот, исто така, вклучува мерки кои имаат за цел да ѝ ја отежнат на Русија употребата на „флоти во сенка“, бродови со нејасно потекло, за да ги заобиколи санкциите на ЕУ за руската сурова нафта.

ЕУ, исто така, го погодува московскиот банкарски систем за размена на пораки SPFS, кој Русија го користи за да се обиде да го ублажи влијанието на отсеченоста од Западот од глобалниот систем за финансиски трансфери SWIFT.

Договорот за најновиот пакет санкции беше задржан од Германија затоа што се обидуваше да ги олесни обврските на компаниите од ЕУ со цел да се спречи повторен извоз на нивните санкционирани производи во Русија преку трети земји.

ЕУ се обидува да го ограничи протокот на стоки што може да се користат на бојното поле, како што се микрочиповите, преку земјите вклучувајќи ги и поранешните советски држави кои граничат со Русија, Турција и Обединетите Арапски Емирати.

Дипломатите рекоа дека неколку други кинески компании обвинети за помагање на руската војска, исто така, се додадени на црната листа што ги спречува компаниите од ЕУ да соработуваат со нив.

Воведени се и ограничувања на политичките партии, тинк-тенковите и давателите на медиумски услуги кои добиваат пари од Русија, за да се обидат да го спречат наводното мешање на Москва, пишува АФП.

Мицкоски најави законски измени за да нема раст на цената на струјата

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за идната Влада Христија Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за идната Влада Христија Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за идната Влада Христијан Мицкоски денеска изјави дека група пратеници од Коалицијата „Твоја Македонија“ во Собранието поднела Предлог закон за дополнување на Законот за енергетика по скратена постапка, со којшто рече дека ќе нема зголемување на цената на електричната енергија за домаќинствата.

„Имајќи предвид дека како идна влада не сакаме да се мешаме во работата на независните регулаторни тела, но исто така како идна влада имаме одговорност, а тоа го ветивме и пред граѓаните за време на кампањата за претседателските и парламентарните избори дека тие ќе бидат нашиот приторитет и стандардот на граѓаните ќе биде наш приеотритет“, рече Мицкоски.

Предлог-законот доаѓа откако техничката Влада одлучи државниот производител ЕСМ да му продава помала количина на струја на ЕВН Хоум, но за повисока цена, со што може да пораснат и сметките за струја за домаќинствата.

Владата на затворена седница донела одлука државната компанија Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) да му продава за 15 проценти помала количина на струја на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум, но за 5 проценти поскапо, од 57 на 60 евра за мегават час.

Мицкоски денеска рече дека со измените на законот домаќинствата кои се во првата и втората група нема да добијат зголемени сметки за струја, но дека очекува да нема значително зголемување и за потрошувачите во третата и четвртата група, односно тоа би се движело од 1 до 2 проценти.

Со поднесениот предлог закон, како што рече, ќе се спречи зголемување на цената на струјата од 5 проценти почнувајќи од 1 јули, согласно одлуката донесена деновиве од техничката Влада.

Регулаторната комисија за енергетика и водни ресурси (РКЕ) на седницата која се очекува следната недела ќе треба да ја одреди крајната цена на струја што ќе ја плаќаат домаќинствата и малите потрошувачи.

Путин во Виетнам повика на зајакнување на „стратешкото партнерство“

Рускиот претседател Владимир Путин и виетнамскиот претседател То Лам се ракуваат во Претседателската палата во Ханој, Виетнам на 20 јуни 2024 година.
Рускиот претседател Владимир Путин и виетнамскиот претседател То Лам се ракуваат во Претседателската палата во Ханој, Виетнам на 20 јуни 2024 година.

Рускиот претседател Владимир Путин за време на државната посета на Виетнам на 20 јуни рече дека зајакнувањето на стратешките врски е „еден од неговите приоритети“, пренесува Ројтерс.

Еден ден по потпишувањето на договорот за заемна одбрана со Северна Кореја, Путин рече дека Москва и Ханој сакаат да изградат, како што рече, сигурна безбедносна архитектура во азиско-пацифичкиот регион. Тој исто така додаде дека Русија сака да ги прошири енергетските инвестиции во Виетнам.

Претседателот То Лам му честиташе на Путин за неговиот реизбор и ги пофали достигнувањата на Русија, вклучително и „домашната политичка стабилност“.

„Уште еднаш, му честитам на нашиот другар што доби огромна поддршка за време на неодамнешните претседателски избори, нагласувајќи ја довербата на рускиот народ“, рече Лам.

Двајцата претседатели присуствуваа на размената на 11 договори и меморандуми за разбирање, вклучително и договори за нафта и гас, нуклеарна наука и образование.

Путин, исто така, рече дека го почитува дијалогот со регионалниот блок, Здружението на нациите од Југоисточна Азија, во кој Виетнам имаше активна улога.

Соединетите Држави ја критикуваа посетата бидјеќи му дава платформа на Путин да ја промовира инвазијата врз Украина.

Виетнам сè уште ги цени историските врски што ги има со Русија, иако работи на подобрување на односите со Европа и САД.

Инвазијата врз Украина стави пред Виетнам дипломатски предизвик, со кој засега „добро се справува“.

Имено, Виетнам беше воздржан во различни резолуции на Обединетите нации со кои се осудуваа руските постапки, но сепак одржуваше добри односи со Украина, па дури и испрати одредена помош во Киев, пишува Би-Би-Си.

Виетнам се држи до своите долгогодишни политички принципи да се биде пријател со сите, но да нема формални сојузи - она што раководството на Комунистичката партија го нарекува „бамбусова дипломатија“, свиткување на ветровите на ривалството на големите сили без заземање страна.

Ова е причината зошто Виетнам толку лесно ги подобри своите односи со Соединетите Држави, земја против која нејзините поранешни лидери водеа долга и разорна војна, во интерес да бараат профитабилни извозни пазари и да ги балансираат блиските врски со соседна Кина.

САД се спротивставија на официјалната посета на Путин на Виетнам со образложение дека таа ги поткопува меѓународните напори за изолирање на Русија.

Пред неговото пристигнување, Путин ја пофали земјата за нејзиниот балансиран став кон војната во Украина. Пред државната посета на Виетнам, Путин го пофали Виетнам за поддршката на „прагматичен начин за решавање на кризата“ во Украина, пишува весникот „Нхан Дан“.

Рускиот лидер, кој ја прави својата прва посета на Виетнам од 2017 година кога присуствуваше на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (APEC), рече дека Русија и Виетнам исто така споделуваат „слични оценки за ситуацијата во азиско-пацифичкиот регион“.

Позицијата на Виетнам на Јужното Кинеско Море се разликува од онаа на Кина, која тврди дека стратешкиот воден пат е речиси целосно негов, вклучувајќи ги и полињата со гас и нафта во ексклузивната економска зона на Виетнам каде руските компании вадат нафта и гас.

Рускиот лидер ќе присуствува на церемонијата за пречек во претседателската палата на 20 јуни, пред да се вклучи во билатерални разговори со шефот на Комунистичката партија Нгуен Фу Тронг. Тој ќе се сретне и со виетнамскиот премиер Фам Мин Чин и виетнамците кои студирале во Русија.

Со оглед на тоа што е изолиран на меѓународната сцена, Путин се обидува да ја добие поддршката од преостанатите сојузници на Русија.

ФФМ бара казна за фудбалерот на Албанија Даку поради скандирања на ЕП против македонската држава

Логото на ФФМ.
Логото на ФФМ.

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) изрази „длабока загриженост и недвосмислена осуда“ во врска со националистички скандирања од репрезентативецот на Албанија Мирлинд Даку насочени против македонската држава по завршувањето на вчерашниот натпревар Хрватска-Албанија на Европското првенство во Германија (ЕУРО 2024).

„Однесувањето е неприфатливо и спротивно на основните вредности на спортскиот дух и меѓусебното почитување што ги промовира фудбалот. Принципите на политичка неутралност се вградени во регулативите на меѓународните асоцијации како ФИФА и УЕФА“, се вели во реакцијата на ФФМ.

Реакцијата доаѓа по мечот на 19 јуни кој Албанија го одигра 2:2 против репрезентацијата на Хрватска на Европското првенство, а на кој Албанија постигна гол во судиското продолжение. Додека навивачите го славеа освоениот бод, Дука земал мегафон и од теренот скандирал против Македонија.

Фудбалската федерација на Македонија за ваквото скандалозно однесување наведе дека ќе прати официјален допис до УЕФА.

„Го повикуваме Мирлинд Даку јавно да се извини за своето однесување, препознавајќи ја штетата што ја предизвика“, наведува ФФМ.

Во реакцијата Фудбалската федерација на Македонија ги повикува релевантните институции да го истражат инцидентот и да преземат соодветни дисциплински мерки за зајакнување на стандардите на однесување.

Канада ја прогласи Иранската револуционерна гарда за терористичка организација

Канадскиот премиер Џастин Трудо на комеморација во спомен на жртвите од соборениот украински авион во Иран во 2020 година.
Канадскиот премиер Џастин Трудо на комеморација во спомен на жртвите од соборениот украински авион во Иран во 2020 година.

Канада ја прогласи иранската револуционерна гарда (ИРГЦ) за терористичка организација и ги советуваше сите Канаѓани кои се во Иран да ја напуштат земјата.

Министерот за јавна безбедност Доминик Лебланк го објави ова на прес-конференција во Отава на 19 јуни, велејќи дека одлуката за прогласување на ИРГЦ за терористичка организација се заснова на „многу силни и убедливи докази“.

Лебланк рече дека Канада „ги користи сите можни средства за борба против терористичките акти на ИРГЦ“.

Министерката за надворешни работи Мелани Џоли на истата прес-конференција истакна дека Отава ги прекинала дипломатските односи со Техеран пред неколку години. Таа ги повика Канаѓаните да не патуваат во Иран и рече дека оние во Иран сега треба да се вратат дома.

Иранските иселеници и роднините на загинатите на летот што иранските сили го соборија во јануари 2020 година, набргу по полетувањето од Техеран, при што загинаа сите 176 патници и членови на екипажот од кои половина Канаѓани, долго време бараат ИРГЦ да биде прогласена за терористичка група.

Здружението на семејствата на украинскиот лет PS752 во соопштението од 19 јуни наведе дека ѝ се заблагодарува на владата за назначувањето и „на сите политички партии, активисти и поединци кои придонеле за ова достигнување“.

update

Експлозија во Цетиње, двајца загинати, тројца повредени

Влезот во спортскиот центар Цетиње, каде што се случила експлозијата. Фото: РТВ Цетиње
Влезот во спортскиот центар Цетиње, каде што се случила експлозијата. Фото: РТВ Цетиње

Во Цетиње денеска била активирана експлозивна направа при што загинале две лица, а три биле повредени, соопшти Управата на полицијата.

Загинаа Петар Калуѓеровиќ и Драган Рогановиќ, едниот на лице место, а другиот подоцна им подлегнал на повредите, потврди Предраг Милошевиќ - началник на одделот хирургија во болницата во Цетиње.

Од тројцата повредени, четириесет и шестгодишниот Ташо Јовановиќ е префрлен во Клиничкиот центар во Подгорица, а Десанка Вујовиќ и Михаило Борозан се задржани во болницата во Цетиње.

Експлозијата се случила по 9 часот пред влезот во Спортскиот центар кој е во близина на основното училиште и автобуската станица.

Место на експлозија во Цетиње, Црна Гора. Извор РТВ Цетиње.
Место на експлозија во Цетиње, Црна Гора. Извор РТВ Цетиње.

Службеници на полициската управа во координација со Вишото државно обвинителство во Подгорица преземаат интензивни мерки и дејствија за кои јавноста ќе биде информирана“, соопштија од полицијата.

Од силината на експлозијата искршени се стаклата на зградата на Спортскиот центар, а откорнато е и дрво, јавува РТВ Цетиње.

Ерменскиот премиер нареди уставни измени за да се отвори патот за договор со Баку

Ерменскиот премиер Никол Пашинјан.
Ерменскиот премиер Никол Пашинјан.

Ерменскиот премиер Никол Пашинјан нареди да се подготви нов устав поради барањата на Азербејџан да се отстрани референцата за Нагорно-Карабах од основниот закон на Ерменија.

Пашинјан му даде рок на Советот за уставни реформи до 30 декември 2026 година да подготви и одобри нов устав.

Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев постојано бараше Ереван да го промени уставот како главен услов за склучување мировен договор со Ерменија.

Баку бара од уставот да се отстрани референцата за обединување на Нагорно-Карабах со Ерменија.

Азербејџан ја врати контролата врз отцепениот регион во септември 2023 година, по молскавична офанзива.

Ерменија и Азербејџан имаат договор за прекин на огнот на границата и преговараат за мировен договор.

Истовремено, во Ереван во изминатите денови беа организирани протести против плановите за предавање на неколку погранични области на Азербејџан како дел од мировниот договор.

Тие беа предводени од Баграт Галстаниан, 53-годишен поглавар на Тавушската епархија на Ерменската апостолска црква. Со неговото движење Тавуш за татковината, тој привлече десетици илјади демонстранти во невиден предизвик за шестгодишното раководство на Пашинјан.

Оштетена енергетска инфраструктура од руски напади во четири украински региони

Украински спасувачи работат на место каде избувннал откако остатоци од дрон што бил соборен паднале врз цивилна инфраструктура во Харкив, Украина. 4 мај 2024 година. (Илустративна фотографија).
Украински спасувачи работат на место каде избувннал откако остатоци од дрон што бил соборен паднале врз цивилна инфраструктура во Харкив, Украина. 4 мај 2024 година. (Илустративна фотографија).

Русија во текот на ноќта ја нападна Украина со проектили и дронови, оштетувајќи ја енергетската инфраструктура во четири региони, објави на 20 јуни националната енергетска компанија Укренерхо.

„Опремата е оштетена во енергетските згради во регионите Виница, Дњепропетровск, Доњецк и Харкив“, наведе Укренерхо во објава на Телеграма.

Оваа компанија соопшти дека при нападот на енергетскиот објект биле повредени тројца вработени.

Одделно, украинските воздухопловни сили известија дека Русија ја нападна Украина на 20 јуни со девет проектили и 27 беспилотни летала.

Украинската армија соопшти дека ги соборила сите беспилотни летала и пет проектили.

Откако Русија ја започна својата инвазија на Украина во февруари 2022 година, московските сили континуирано ги гаѓаат украинските региони со различни видови оружје, беспилотни летала, ракети и противвоздушни проектили.

Украина е цел на речиси постојани руски напади со беспилотни летала и ракетни напади врз нејзината цивилна и енергетска инфраструктура од почетокот на целосната руска инвазија.

Руските воздушни напади предизвикаа бројни цивилни жртви и огромна материјална штета низ целата земја, вклучително и главниот град Киев.

Косовскиот новинар ја загуби акредитацијата за ЕП 2024, Србија казнета

Српски навивачи на мечот Србија - Англија на европското првенство во Германија ( Фото Озан Косе АФП)
Српски навивачи на мечот Србија - Англија на европското првенство во Германија ( Фото Озан Косе АФП)

Европската фудбалскa федерација УЕФА му ги одзеде акредитивите на косовски новинар кој известуваше за Еуро 2024 по жалбите за националистички гест што тој го направи кон српските навивачи на 16 јуни.

Милан Вуковиќ, портпарол на Фудбалскиот сојуз на Србија, повика на отстранување на Арлинд Садику од турнирот во Германија, велејќи дека репортерот ги испровоцирал српските навивачи кога се свртел кон нив и направил гест со рака имитирајќи го двоглавиот орел на албанското национално знаме.

„УЕФА потврди дека акредитацијата на новинарот е одземена поради несоодветно однесување на натпреварот меѓу Србија и Англија на Евро 2024 на 16 јуни 2024 година“, се вели во соопштението на УЕФА од 19 јуни.

Садику изјави за Ројтерс дека ја добил акредитацијата кога отишол на медиумска конференција во Албанија во вторникот. Тој призна дека неговиот гест бил непрофесионален за новинар, но тврди дека тоа не е „навредливо за никого“.

„Луѓето не знаат како се чувствував во тој момент бидејќи имам воена траума“, рече тој, додавајќи дека добивал смртни закани на социјалните мрежи.

Во меѓувреме, на 19 јуни УЕФА го казни Фудбалскиот сојуз на Србија со 10.000 евра за „испраќање провокативни пораки несоодветни за спортски настан“ за време на неделниот натпревар.

На фотографиите од толпата српски навивачи за време на натпреварот видлив е транспарент со српското национално знаме на кој во границите на Србија се наоѓа и Косово.

Косово, каде што Албанците се мнозинство, прогласи независност од Србија во 2008 година, која Белград одбива да ја признае.

Фудбалскиот сојуз на Косово поднесе жалба до УЕФА за транспарентите на српските навивачи за кои рече дека содржеле „политички, шовинистички и расистички пораки“.

Војник на АРМ почина на Криволак

Воена вежба на Криволак (архива)
Воена вежба на Криволак (архива)

Професионалниот војник А.Ј. (25) починал синоќа во Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување КАРИЛ, соопшти денеска Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија. Професионалниот војник бил еден од кандидатите кои го посетуваа селективниот курс за баталјонот за специјални сили кој се одвива изминатите дваесетина денови на Армискиот Полигон „Криволак“.

Како што наведуваат од ГШ, на самиот завршеток на изведувањето на последната дисциплина од селективниот курс, марш на долго растојание во касните попладневни часови, по 18,30 часот, без претходни видни знаци, на професионалниот војник моментално му се слошило по што паднал во безсознание.

Веднаш, со армиско болничко возило бил однесен во здравствениот дом во Неготино, а по направените интервентни испитувања е упатен кон Клиниката-Карил во Скопје, каде биле преземени сите мерки за реанимација, но по кратко време е констатирана смрт.

Насоки за понатамошна постапка и утврдување на околностите под кои настанал несреќниот случај во текот на ноќните часови се дадени од страна на јавен обвинител кој ќе ја води понатамошната истражна постапка.

Официјалниот извештај за причините поради кои настанала смртта кај армискиот припадник ќе бидат соопштени по извршена обдукција од страна на Институтот за судска медицина во Скопје, по што јавноста ќе биде благовремено информирана.

Починатиот армиски припадник, го почнал 24 дневниот селективен курс во добра здравствена состојба и одлична физичка подготвеност. за цело време на предвидените активности на курсот, нагалсуваат од ГШ на Армијата

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG