Достапни линкови

Неисправна вода во четири прилепски села


Анализите на Заводот за здравствена заштита покажаа дека водата од локалните водоводи во четири села во прилепската општина е бактериолошки неисправна. Иако од Заводот велат дека ситуацијата засега не е алармантна, предупредуваат на опасноста од појава на цревни заразни болести.

Жителите на четири села во прилепска општина, не само што се соочуваат со проблемот на недостиг од вода за пиење, туку и водата која што ја користат од локалните водоводи, селски бунари и чешми е бактериолошки неисправна. Врз основа на анализите извршени во првите три месеца од годинава, ова го потврдија медицинските стручњаци од прилепскиот Завод за здравствена заштита, надлежна институција која врши редовна контрола на водата за пиење.

„Најчесто ни се случува да се тоа водоснабдителни објекти од индивидуални бунари односно локални водоснабдителни објекти каде што се бунари и извори, такви ни се најчесто во селата Мало Рувци, Пашино Рувци, Чумово, село Прилепец“, вели д-р Петар Оханесјан, раководител на службата по Хигиена во Заводот.

Најчесто ни се случува да се тоа водоснабдителни објекти од индивидуални бунари односно локални водоснабдителни објекти каде што се бунари и извори, такви ни се најчесто во селата Мало Рувци, Пашино Рувци, Чумово,
село Прилепец.
Тој посочува дека како последица на обилните и интензивни дождови во последниот период, неисправна вода за пиење е регистрирана и во неколку села од долненска општина.

„Исто така имаме повремено бактериолошки неисправна вода во селата во долненска општина каде што е престанато хлорирањето на водата и повремено се јавува бактериолошки неисправна вода за пиење, исто така во селата: Дреновци, Браилово, Горно Село, кои припаѓаат територијално на Општина Долнени.“

Иако состојбата не е алармантна сепак медицинските стручњаци посочуваат на опасноста од појава на цревни заразни болести, доколку не се преземат соодветни превентивни мерки.

,,Водата бактериолошки неипсправна може да предизвика одредени заразни заболувања, меѓутоа не можеме да направиме корелација на појавата цревни заразни заболувања со неисправноста на водата за пиење, бидејќи немаме интензивно зголемување на бројот на заразни заболувања, ниту па имаме некој пријавен случај.“

Затоа на жителите им се препорачува најмалку 10 минути да ја превриваат водата, а потоа да ја користат за пиење. Но, грижата за овие луѓе не смее тука да запре.

„На локалната самоуправа и јавните комунални претпријатија им препорачуваме да го преземат технички во владение тој објект и да се врши редовна превентивна дезинфекција.“

Заводот врши редовни контроли на водата за пиење и во Крушево

„Се случува повремено или инцидентно, недостаток на хлор или помали количини на хлор во Крушево.“

Но, како што истакнува д-р Охасјан, водата во Крушево, како и во Македонски Брод и Прилеп е безбедна и целосно здравствено исправна, затоа што не е откриен ниту еден примерок со какви било недостатоци. Од Заводот негуваат надежи дека проблемот во прилепските села ќе биде за кусо време решен, зашто добиле ветување дека јавното претпријатие ќе ги земе водоснабдителните објекти под своја контрола. Но, ова не е случај и со долненска општина, која располага со неспоредливо помал буџет.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG