Достапни линкови

Рекламни кампањи има, инвеститори нема


Од Агенцијата за странски инвестиции велат дека промоцијата на Македонија во странските медиуми и испраќањето на економски промотори, не е залудно. Оттаму бараат трпеливост бидејќи како што велат, привлекувањето странски инвестиции е долгорочен процес. Експертите пак сметаат дека Владата залудно троши пари на кампањи, бидејќи прво треба да ја направи земјата погодно место за создавање профит.

Македонија- атрактивна инвестициска дестинација, ова ќе биде пораката на новиот спот кој и оваа година ќе се емитува на програмите на светските реномирани телевизиски куќи. Во него ќе говорат бизнисмените кои веќе инвестирале во Македонија. Кампањата треба да го подобри имиџот на земјата, како атрактивна инвестициска дестинација и да ги заинтересира странските компании да ја видат Македонија, како потенцијална локација за инвестирање. Агенцијата за странски инвестиции најави и дека ќе испратат уште девет нови промотори во земјите каде што има голем економски раст, како Јапонија, Австралија, Шпанија, Полска и уште двајца во Турција. Во иднина е во план да бидат испратени промотори и во Јужна Кореја, Белгија и трет промотер за Соединетите Американски Држави. Тогаш земјава во странство ќе има 32 промотори. Очекувавме дека со основањето на Агенцијата за странски инвестиции нешто ќе се постигне во развојот на стопанството, но резултати сеуште нема, вели претседателот на Северозападната комора на Македонија, Блерим Златку.

,,Очигледно веќе поминаа три години од функционирањето на оваа Агенција и резултати нема. Не само тоа, туку и доста средства се потрошени за оваа сфера, а резултати нема никакви.“
Очигледно веќе поминаа три години од функционирањето на оваа Агенција и резултати нема. Не само тоа, туку и доста средства се потрошени за оваа сфера, а резултати нема никакви


Се прават кампањи без готов производ

Не треба да сте експерт за странски инвестиции за да видите дека парите за промоција на Македонија не се добро потрошени, вели професорот Ванчо Узунов. Оваа влада премногу се фокусира на промоцијата со која на домашен терен добива поени, но таа досега не беше успешна во убедувањето на нови инвеститори. Треба владата најпрвин да ја направи земјата погодно место за правење профит, вели тој.

,,Очигледно Владата почна од спротивниот крај. Таа ја промовира државата како добра инвестициона локација, подобра дури и од соседите, а тоа не е. Производот сеуште го немаме подготвено. Го промовираме, го пропагираме производот кој што не е готов. Владата нека земе нека ја направи државата, економијата на Македонија погодно место за создавање на профит за странците, а потоа странците нека го кажат самите тоа дека е така, а не ние самите да си кажуваме дека сме најдобри, а потоа промоцијата е лесен дел од работата.“

Досега немаше никаков ефект од работата на агенцијата за странски инвестиции и нејзините промотори за кои се трошат по десет милиони евра годишно, вели Марјанчо Николов од СДСМ.

,,Зачудува упорноста на Владата да го турка концептот на привлекување на инвестиции преку промотори, преку Агенција, дури имаме и министер за привлекување на странски инвестиции, а нема никакви резултати.“

Кампањите се сувопарни, бидејќи не ја поткрепуваат реалната бизнис клима во државата, вели бизнисменот Зоре Темелковски.
Очигледно Владата почна од спротивниот крај. Таа ја промовира државата како добра инвестициона локација, подобра дури и од соседите, а тоа не е. Производот сеуште го немаме подготвено. Го промовираме, го пропагираме производот кој што не е готов


,,Тоа значи дека кампањата на СиЕнЕн ќе ја видиме, ќе влеземе на интернет страницата на Македонија и после тоа влегуваме во бирократската процедура која не соодветстува врз база на визијата и идеата на Владата.“

Процесот на привлекување на странски инвестиции е долгорочен процес

Агенцијата за странски инвестиции во 2009 година располагаше со буџет од околу 4,3 милиони евра и имаше 19 вработени. Годинава агенцијата располага со буџет од околу 6,8 милиони евра и има 48 вработени. Од овие пари, околу 1,5 милион евра се предвидени за економска промоција, а околу 3,4 милиони евра за економски маркетинг.Она што кампањата креира е зголемување на имиџот и перцепцијата на Македонија, како место за инвестирање. Интересот за земјата беше зголемен дури и во време на економската криза, вели директорот на агенцијата за странски инвестиции Виктор Мизо.

,,Ние имавме директно зголемен број на оние конкретни посети од страна на менаџерски тимови, кои потрошија неколку денови за да дојдат да ги согледаат можностите на терен и тоа значи дека некои врз основа на претходните презентации и анализи ја перцепирал Македонија, ја ставил во таа група од седум до осум земји кои првично се скенираат, за потоа врз основа на една подлбинска анализа се донесе одлука за крајно инвестирање.„

Во меѓувреме беше истакнат и ревизорскиот извештај за работата на агенцијата, при што Антикорупциска отвори случај за тоа како таа потрошила повеќе од половина милион евра за промоторите на Македонија во странство, кога нема цврсти докази за ефектите од целата операција. Промоторите контактирале со 11.245 компании, а земјава ја посетиле само 118. Извештајот го отвора и прашањето дали е исправен моделот за промоција на Македонија во странство и привлекување странски инвестиции од страна на трговските промотори. Процесот на привлекување на инвестиции е може да трае неколку години, бидејќи пазарот и побарувачката во време на криза е намален, вели Мизо.

,,Процесот на привлекување на инвестиции е долгрочен процес, кој може да трае зависно од компанијата, зависно од сите други екстерни фактори понекогаш три до пет години до започнување на сето она што значи донесување одлука до започнување на процесот на инвестирање.“

Проблемите на кои наидуваат странските инвеститори во земјава Темелковски ги осетил на своја кожа, кога посредувал за ланецот хотели Хилтон.
Ние имавме директно зголемен број на оние конкретни посети од страна на менаџерски тимови, кои потрошија неколку денови за да дојдат да ги согледаат можностите на терен и тоа значи дека некои врз основа на претходните презентации и анализи ја перцепирал Македонија, ја ставил во таа група од седум до осум земји кои првично се скенираат, за потоа врз основа на една подлбинска анализа се донесе одлука за крајно инвестирање

,,Кога се беше направено за ,,Хилтон“ да дојде, Владата најде еден модел на ,,Хилтон“ да не му го даде земјиштето, да направи една лицитација и да ги вклучи локалните моќници кои немаат ниту визија, ниту идеја, имаат само поддршка од политичарите и после тоа сакаа да го протуркаат истиот мој проект за ,,Хилтон“ но за жал не ги знаат меѓународните принципи на бизнисот, ,,Хилтон“ кажа ДА, без Зоре Темелковски ние не сме ,,Хилтон“ во Македонија.“

И Николов вели дека се додека владата не сфати дека треба најпрвин да се фокусира на решавањето на одредени проблеми, промоцијата и парите кои се трошат ќе бидат залудни.

,,Проблемот што не доаѓаат странски инвеститори е пред се во политичката нестабилност, неефикасноста на судството и на државната администрација и на големите бирократски процедури. На тој план има само декоративни заложби дека нешто се прави, додека во пракса инвеститорите неможат да почувствуваат поголема ефикасност, брзо решавање на процесите.“

Македонија губи во однос на соседите кои се членки на НАТО или ЕУ

Златку вели дека проблем е и што сите земји од регионот ги нудат истите поволности како Македонија. Потребно е владата да пронајде нов начин со кој ќе ги привлече инвеститорите, вели тој.

,,Владата треба да ја промени политиката за привлекување на странски инвестиции, не во насока на проект-стратегија за привлекување на странски инвестиции, туку да направи акционен план кој ќе биде единствен и многу бргу применлив.“

Негативно влијае врз странските инвеститори и тоа што Македонија не е членка на НАТО или ЕУ, па затоа тие решаваат својот бизнис да го започнат во другите земји од Балканот, вели Узунов.

,,Конкурентите ја имаат таа предност и велат, „што бараме во Македонија кога истото можеме да го добиеме и во соседните земји, Албанија, Бугарија бидејќи првата е членка на НАТО, а Бугарија е дополнително и членка на ЕУ, и тие значи ја имаат таа безбедност.“ Значи ако веќе одлучуваат да дојдат во тој регион, Македонија има слабост во однос на конкурентите со тоа што не е членка на НАТО и не напредува во поглед на ЕУ интеграциите со планираната динамика.“

Искуството покажува дека кога соседните земји им се зголеми обемот на странски инвестиции се интегрираа во НАТО или
Проблемот што не доаѓаат странски инвеститори е пред се во политичката нестабилност, неефикасноста на судството и на државната администрација и на големите бирократски процедури
Европската Унија, вели Николов.

,,Ако Македонија побрзо се интегрира, сигурно дека тоа ќе биде јасен сигнал за инвеститорите да дојдат и да инвестираат, бидејќи самото членство во овие институции носи одредени предности, носи стил на работа кој што е прифатлив за тие странски инвеститори.“

Со самото влегување на една земја во европското семејство се менува амбиентот на работа и тогаш иневститорите се порелаксирани, вели Темелковски.

,,Тогаш се променува законодавството, но се променува и менталниот склоп на администрацијата. Така што тоа не е прашање на кое треба некој да одговара, тоа е веќе пракса која се гледа од соседните држави, Романија, Бугарија кои беа на дното кога ќе се споредеа пред 10 години со Македонија во сите елементи на развојот и стопанството.“

Милионски суми се потрошија на реклами, младите промотори се растрчаа по светот, се формираше посебна Агенцијата за привлекување инвеститори, но сето тоа не придонесе да се изградат фабрики во слободната економска зона Бунарџик се оценките на експертите. Во земјава во 2009 година влегле 180 милиони евра според податоците на Народна банка на Македонија. Во споредба со 2008 г нивото на странски инвестиции е преполовено, кога биле регистрирани вкупно 399 милиони евра. Во последниве години најголеми инвеститори во земјава се Холандија, Унгарија, Грција, Австрија, Швајцарија, Словенија, Германија и Србија. Македонија е на претпоследното место на листата најпосакувани дестинации за странски директни инвестиции меѓу шест земји од Западен Балкан. Европските претприемачи сметаат дека Србија е најатрактивна земја за инвестирање во овој регион, а по неа следуваат Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Македонија и Албанија.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG