Вести
Палестинците ги условуваат преговорите
види ги сите денешни вести
Дојави за бомби во неколку скопски училишта

Неколку скопски училишта утрината се евакуирани поради дојави за бомби.
Според првичните информации, евакуација имало во основното училиште „Петар Здравковски“ во Бутел. Исто така, децата биле евакуирани од ОУ „Киро Глигоров“, од каде неофицијално учениците биле вратени дома. Дојава, имало и во средното училиште „Јосип Броз Тито“ и во „Раде Јовчевски-Корчагин“.
Дојави имало и во шест училишта во општината Аеродром.
„Утрово во шест школи имаше дојави за бомби. Учениците се веднаш евакуирани, изнесени од школите. Тимови на МВР прават проверки. Веднаш штом ќе завршат проверките и добиеме потврда дека училиштата се безбедни ќе продолжи наставно-образовниот процес“, изјави градоначалникот на Аеродром, Дејан Митески за порталот СДК.
Во октомври 2022 година речиси цел месец наставата во скопските средни училишта се одвиваше со прекини поради лажни дојави за бомби.
Трамп потпиша извршна наредба за воведување санкции на Меѓународниот кривичен суд

Претседателот на Соединетите Држави, Доналд Трамп, потпиша извршна наредба со која се воведуваат санкции за претставници на Меѓународниот кривичен суд за отворање истраги насочени кон САД и Израел.
Како што јави АФП, во наредбата на Трамп се наведува дека судот во Хаг „се ангажирал во нелегитимни и неосновани акции насочени против Америка и нашиот близок сојузник Израел“.
Во извршната наредба, потпишана од Трамп на 6 февруари, се наведува дека овие акции „поставуваат опасен преседан, директно загрозувајќи го сегашниот и поранешниот американски персонал“, вклучително и членовите на американската војска.
Наредбата се однесува на налогот за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за неговите постапки против Палестинците во Газа и неодамнешните судски дејствија кои ги загрозуваат членовите на американската војска.
Указот беше потпишан откако Нетанјаху го посети Трамп во Белата куќа на 4 февруари. Во него се наведува дека ниту САД, ниту Израел не се членови на судот.
Наредбата на Трамп наметнува санкции, вклучително и забрана на функционери, вработени и членови на семејствата на Меѓународниот кривичен суд да влезат во САД и замрзнување на сите средства што ги поседуваат во јурисдикција на САД. Санкциите се применуваат и за сите за кои се смета дека помагале во истрагите на судот.
Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на 21 ноември за Нетанјаху, поранешниот израелски министер за одбрана Јоав Галант и воениот лидер на Хамас Мохамед Деиф – за кој Израел тврди дека е мртов.
Потерниците беа издадени за „злосторства против човештвото и воени злосторства извршени најмалку од 8 октомври 2023 година до најмалку 20 мај 2024 година“.
Хамас, прогласен за терористичка организација од страна на Соединетите Држави и Европската Унија, започна напад врз Израел на 7 октомври 2023 година, во кој беа убиени околу 1200 луѓе, главно израелски државјани, а стотици други беа земени како заложници. Во последователната израелска офанзива чија цел беше неутрализирање на Хамас загинаа десетици илјади луѓе, главно во Појасот Газа.
Во 2020 година, за време на неговата прва администрација, Трамп воведе финансиски санкции и забрана за визи за тогашниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд Фату Бенсуда и други високи функционери и персонал. Потегот дојде откако Бенсуда започна истрага за наводите за воени злосторства против американски војници во Авганистан.
Претседателот Џо Бајден ги укина санкциите веднаш по преземањето на функцијата во 2021 година. Главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд Карим Кан подоцна всушност ги исклучи САД од истрагата во Авганистан.
Нов бојкот на маркетите поради високите цени

За денеска (7 февруари) е најавен нов бојкот на маркетите по минатонеделниот кога прометот во големите трговски ланци беше намален за речиси 50 проценти.
Надлежните пак најавуваат мерки кои треба да бидат познати во текот на денешниот ден или во понеделник. До крајот на неделата треба да завршат и шестмесечните контроли на Пазарниот инспекторат со кои се опфатени дистрибутерите, добавувачите, производителите и трговците.
„Течат контролите на дистрибутерите, добавувачите, производителите и трговците. Надзор се врши врз целокупниот процес, се контролира и колкава е маржата ставена од трговците за период од шест месеци, дали таму е чепкано и врз основа на тој извештај од Инспекторатот, како Влада ќе преземеме соодветни мерки“, истакна вчера министерот за економија Бесар Дурмиши.
Според него, легитимно е да има бојкот на маркетите, бидејќи одредени компании генерираат огромни приходи на грбот на граѓаните.
„Легитимно е да има бојкот на маркетите, го разбирам организирањето на вакви активности зашто одредени субјекти на шпекулативен начин се обидуваат да генерираат огромни приходи на грбот на граѓаните. Ова нема да го прифатиме и да го толерираме. Ќе ве известиме како ќе постапиме понатаму, подготвени сме да ги преземеме сите мерки што ни се на располагање за да ги спречиме овие незгодни ситуации“, рече Дуримиши.
Од Сојузот на стопански комори, пак, велат дека супермаркетите работат со минимални маржи и дека ценовната моќ е кај добавувачите и производителите. Повикувајќи се на резултатите од направена анализа, од ССК посочуваат дека супермаркетите работат со просечна профитна маржа од 0,83 отсто, а производителите и дистрибутерите во просек остваруваат 4,32 отсто.
На повик на платформата „Ало инспекторе“, и во Хрватска денеска се одржува еднодневен бојкот на сите производи и услуги, во знак на протест на потрошувачите поради високите цени. Исто така, стапува во сила и одлуката на Владата за директни мерки за контрола на цените на одредени производи, со која се прошири постојната листа од 30 производи со ограничени цени на 70 производи.
Зеленски: Трамп нема план да стави крај на војната

Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп нема официјален план за ставање крај на руската војна против Украина и додаде дека е подготвен за разговори со рускиот претседател Владимир Путин откако ќе се постигне разбирање за завршување на војната, пренесоа украинските медиуми.
„Се разбира, САД, претседателот Трамп и земјите од Европската Унија веруваат дека дипломатијата е невозможна без Русија, без Путин. И затоа реков: Подготвен сум ако имаме разбирање за тоа како да заврши оваа војна“, им рече Зеленски на новинарите во Киев.
Кога станува збор за Трамп, Зеленски истакна дека се уште нема официјален план и дека е сигурен дека тоа што е објавено во некои медиуми не е официјален план на американскиот претседател, објави Киев Индипендент.
Зеленски посочи дека има разбирање за насоката на планот, откако разговараше за некои детали со американските претставници пред инаугурацијата на Трамп.
„Нашите тимови ќе работат заедно, не може да има план одвоен од никого, дури ниту од САД. Да почекаме официјални преговори и официјални резултати“, рече Зеленски.
Според медиумите, планот на САД ќе биде претставен на Минхенската безбедносна конференција, што ќе се одржи од 14 до 16 февруари, но пратеникот на Трамп за Украина, Кит Келог, го демантираше тоа, наведувајќи дека Трамп прв ќе го претстави планот, без да даде временска рамка.
Трамп воведува санкции за Меѓународниот кривичен суд

Американскиот претседател Доналд Трамп во четврток ќе потпише извршна наредба за воведување санкции на Меѓународниот кривичен суд поради насочување на истраги против САД и нивните сојузници, како што е Израел, изјави неименуван претставник на Белата куќа.
Оваа регулатива ќе вклучува финансиски и визни санкции против поединци и членови на нивните семејства кои му помагаат на Меѓународниот кривичен суд (МКС) во истраги против американски државјани или сојузници на САД, пренесува Ројтерс, повикувајќи се на истиот извор.
Потегот на Трамп доаѓа откако демократите во американскиот Сенат минатата недела ја блокираа иницијативата на републиканците за санкционирање на Меѓународниот кривичен суд, што беше одговор на издавањето налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана поради воената кампања во Појасот Газа, Меѓународниот кривичен суд веќе презеде мерки за заштита на персоналот од можни парични санкции, како што е можно повеќе да ги ограничи нивните плати во САД. изјави за Ројтерс.
Ова е втор пат Меѓународниот кривичен суд да се соочи со американски санкции за своите активности, бидејќи за време на првиот мандат на Трамп во 2020 година, Вашингтон воведе санкции за тогашната обвинителка Фату Бенсуда и една од нејзините најблиски соработници за истрага на наводните воени злосторства од американски војници во Авганистан.
Меѓународниот кривичен суд има 125 членови и е постојана институција која може да гони поединци за воени злосторства, злосторства против човештвото, геноцид и агресија на територијата на земјите-членки или од нивните државјани.
САД, Кина, Русија и Израел не се членови на овој суд.
Српската влада го исполнила барањето на студентите за поголем буџет за високо образование

Српската влада во четвртокот објави дека усвоила резолуција со која се обезбедуваат средства во износ од 12,01 милијарди динари за високото образование и студентскиот стандард.
На овој начин се зголемува буџетот за 20 проценти, со што се исполнува четвртото барање на студентските пленуми“, се вели во соопштението објавено по седницата на Владата.
Надлежните претходно најавија дека се обезбедени пари за ова покачување.
Студентите во блокадата бараат политичка и кривична одговорност за уривањето на бетонската настрешница на Железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 15 лица, а две беа тешко повредени.
Тие бараат и да бидат казнети напаѓачите на студентите на протестите кои уследија по трагедијата и да се прекине постапката против демонстрантите.
Студентите побараа и зголемување на буџетот за високото образование за 20 отсто.
Владините претставници постојано тврдеа дека се исполнети сите барања на студентите, повикувајќи ги да ги отворат своите факултети, а академиците реагираат дека барањата не се исполнети и дека продолжуваат со блокирање на факултетите.
Студентите блокираат повеќе од 60 факултети во Србија.
Нивните барања ги поддржаа просветните работници, адвокатите, универзитетските професори, земјоделците и други граѓани.
Законот за „странски агенти" повторно во Собранието на Република Српска

Нацрт-законот за посебен регистер и публицитет на работата на непрофитните организации, кој во јавноста е познат и како закон за странски агенти, би требало да влезе во процедура на следната седница на Народното собрание на Република Српска.
Владата на Република Српска го утврди нацрт текстот на Законот на денешната седница
(6 февруари).
Ентитетскиот министер за правда, Милош Букејловиќ на прес конференцијата по седницата порача дека „ова законско решение не воведува цензура во работата на овие организации ниту им забранува да работат“.
„Невладините организации се користени како инструмент за одредени цели во смисла на влијание на ставовите на јавното мислење и донесување одредени закони. Република Српска се обидува со носењето на овие закони да спречи злоупотреби на невладините организации во смисла на политичко делување“, додаде Букејловиќ.
Тој истакна дека законот не е во спротивност со Уставот на БиХ и Европската конвенција за човекови права, и дека целта на неговото усвојување е „зголемена транспарентност и одговорност на работата на невладините организации", кои се финансирани од „странство".
Според најавите, во рок од шест месеци од усвојувањето на законот, треба да се формира регистар на непрофитни организации, основани во Република Српска, кои се финансиски поддржани од странски субјекти.
Тој рече дека законот како најригорозна мерка предвидува затворање на некои невладини организации, а во случај на кривична одговорност ќе бидат поднесени соодветни обвиненија.
Усвојувањето на овој закон, исто така познат во јавноста како Закон за странски агенти, беше најавено на крајот на јануари од страна на Милорад Додик, претседателот на ентитетот на Република Српска.
Еден ден по неговото обраќање, нацрт-законот беше објавен на веб-страницата на Владата на Република Србија.
Тој потоа истакна дека ќе биде утврден статус на странски агенти за сите оние кои добиваат пари од странски влади со цел да ја поткопаат РС“.
Законот предвидува, меѓу другото, надзор над невладините организации кои се финансираат од странство, забрана за широко дефинирани политички активности, потреба од дополнителна регистрација и поднесување на извештаи до Министерството за прием на средства од странство.
Исто така, во случај на прекршување на законот, надлежното министерство може да предложи на судот забрана на нивната работа.
Законот беше повлечен од парламентарната постапка во мај минатата година, по голем притисок од домашната јавност, но исто така и од странство.
Дојави за бомби во училишта во Хрватска - доаѓаат од сервер во Африка

Голем број училишта во повеќе хрватски градови низ земјата денеска добија пријави за закани со бомби, слични на оние што ги добиваат училиштата во земјите од Европска Унија, а медиумите неофицијално јавија дека заканите биле испратени од истиот сервер кој наводно се наоѓа во Африка.
„Имаше 85 вакви пријави, а полициските службеници досега исклучија 60 училишта, така што наодите се негативни. Серверот е надвор од Хрватска и во тек е криминалистичко истражување, изјави хрватскиот министер за внатрешни работи Давор Божовиќ.
Во истрагата вклучени се експерти по кибербезбедност и Европол.
Покрај исламистички закани, во електронската пошта има и најави за одмазда, а полицијата тврди дека нема причина за паника.
Полицијата исто така соопшти дека постапката во сите училишта е спроведена според утврдени протоколи, сите училишта се евакуирани, просториите се детално проверени, а мерките за безбедност се на највисоко ниво
Во Австралија, најмалку една година затвор за нацистички поздрав

Австралиските законодавци денеска (6 февруари) усвоија закон против омраза кој предвидува минимални казни за голем број на кривични дела, вклучувајќи и една година затвор за нацистички поздрав - јави АФП (AFP).
Законот е усвоен со поддршка на централно-левичарската Лабуристичка влада и конзервативната опозиција по серијата антисемитски напади.
Минатата недела полицијата соопшти дека води истрага бидејќи пронашла рударски експлозив во камп приколка во предградието на Сиднеј, заедно со писмени закани кон еврејските ентитети.
Во последните месеци, вандали запалија центар за грижа деца во Сиднеј, ја запалија синагогата во Мелбурн и испишаа антисемитски графити во еврејските населби.
Амандманите на австралискиот кривичен законик предвидуваат минимални казни, вклучувајќи 12 месеци затвор за нацистички поздрав, три години за финансирање на тероризам и шест години за прекршоци како учество во терористички акт.
Исто така, се заоструваат казните за кривични дела поврзани со заговарање на насилство и создаваат нови кривични дела за закани со насилство или оштетување на имот.
Премиерот, Ентони Албанезе ја бранеше својата поддршка за задолжителни минимални казни во новиот закон, и покрај долгогодишното противење на неговата партија на таквите мерки.
„Она што го направивме, преку нашето законодавство, гарантира дека имаме силни закони", изјави тој за новинарите.
„Сакаме луѓето кои се вклучени во антисемитски активности да бидат фатени, обвинети и ставени во затвор. Тоа е мојот приоритет", рече Албаниз.
Семејството на Фросина ги виде доказите на обвинителството против возачот

Семејството на загинатата 22 годишна студентка Фросина Кулакова денеска се запознале со истрагата за смртта девојката. Увид во потапката која ја води обвинителството против 20 годишниот возач и доказите кои до сега се собрани против обвинетиот 20годишен возачутре ќе ги гледа и адвокатот на семејството Кулакови, потврдуваат од обвинителството за РСЕ.
„Членови на семејството на жртвата во својство на оштетени и законски застапници дадоа исказ и се запознаа со постапката и со прибраните докази. Во текот на утрешниот ден нивниот бранител ќе изврши и дополнителен увид во доказите, потврдија од Јавното обвинителство.
Дваесет и двегодишната Фросина Кулакова на 29 јануари беше прегазена на пешачки прекин на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. ЈА прегази возач кој возел со голема брзина, на пешачки премин и под дејство на алкохол, поминувајќи с овозилото додека било вклучено црвеното светло на семафорот близу Универзална сала.
На возачот му е определен притвор од 30 дена.
Тој се товари дека сообраќајката ја сторил со умисла па ќе биде гонет за најстрога казна од областа на сообраќајот.
Кај јавноста предизвика огромен револт самата сообраќајна несреќа, но и информацијата дека е сторена без возачка дозвола и дека возачот имал и претходни сторени кривични дела, но поминал со најлесна пресуда, што било само воспитна мерка.
До сега се одржаа неколку масовни протести во кои се бара правда за Фросина, а за во сабота 8 февруари е најавен нов во нејзиното родно Неготино. Го организираат другарките на девојчето, а дел од превозниците ќе возат бесплатно од Скопје до Неготино за сите заинтересирани за протестот.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете