Достапни линкови

Позитивен извештај од ЕК за Македонија?


Знамето на ЕУ во седиштето во Брисел
Знамето на ЕУ во седиштето во Брисел

Европската Комисија денеска го објавува извештајот за напредокот на Македонија, кој се очекува да биде позитивен. Позитивниот извештај би значел препорака за отпочнување преговори за членство во Унијата, но очекувањата се дека во него нема да биде прецизиран датум.

По неколку години негативни вести од Брисел, според сите навестувања се очекува во извештајот што ЕК комисија ќе го објави денеска, Македонија да добие позитивна оценка за спроведените реформи. Пред неколку дена премиерот изрази надеж дека ЕК ќе ги валоризира нашите достигнувања и прогрес и како што рече државата и граѓаните ќе бидат наградени со овој извештај. Позитивниот извештај би значел препорака за отпочнување преговори за членство во Унијата иако се очекува и дека во него нема да биде прецизиран датум.

Студенти под знамето на ЕУ
,,Доколку извештајот содржи, а нели се надеваме да содржи препорака за отпочнување преговори, во тој случај ќе значи отскокнување од кандидатскиот статус, но тоа треба да се зацементира во декември кога ќе има и следен Европски Совет."
Доколку Грција има нешто против давање на датум за преговори за Македонија и на тој начин ја услови Македонија да направи компромис за името, во тој случај тоа ќе се случи на Европскиот Совет во декември


Посочува политикологот Марија Ристевска од Центарот за истражеување и креирање политики. Датумот за преговори го определува европскиот совет. Следните чекори се изработување на рамка за преговори на што би му претходел длабок скрининг процес на прилагоденоста на македонското законодавство кон европското. По завршувањето на овој скрининг процес се поставуваат позициите за преговарање. Она што засега остава простор за стравување е одлуката на Советот на министрите во декември. Иако датумот за преговори се носи со квалификувано мнозинство, досегашната пракса во ЕУ покажува дека сите одлуки коишто се однесуваат на проширувањето се носат со консензус, појаснува Ристевска.

,,Доколку Грција има нешто против давање на датум за преговори за Македонија и на тој начин ја услови Македонија да направи компромис за името, во тој случај тоа ќе се случи на Европскиот Совет во декември."

Како што се дознава, во денешниот извештај нема да бидат наведени никакви услови но ќе биде содржана забелешката дека решавањето на спорот за името е клучно и ќе го олесни македонскиот пат кон евроинтеграциите. Ова би значело дека паралелно со исполнувањето на европската агенда македонскиот државен врв ќе мора да се посвети и на изнаоѓање солуција за надминување на овој проблем. Во последните изјави премиерот рече дека државниот врв е подготвен за интензивно барање решение и за максимално конструктивна посветеност на процесот.
XS
SM
MD
LG