Достапни линкови

Вести

Ердоган:Политиката да се држи надвор од фудбалскиот терен

Турскиот премиер Таип Ердоган ги повика фудбалските навивачи да ја држат политиката подалеку за време на утрешниот фудбалскиот натпреварот меѓу Турција и Ерменија, во рамките на кфалификациите за светското првенство. Еременскиот претседател Серж Саркасиан го потврди своето присуство на утрешниот натпревар. Во саботата, двете земји потпишаа договор за воспоставување дипломатски односи и отворање на нивните граници по еден век на непријателство

види ги сите денешни вести

Украина соопшти дека оштетила руски патролен брод на Крим

Мостот Керч, Крим, 23 февруари 2023 година
Мостот Керч, Крим, 23 февруари 2023 година

Украинските поморски беспилотни летала го погодија рускиот патролен брод Сергеј Котов во окупираниот полуостров Крим, предизвикувајќи значителна штета, изјави за Радио Слободна Европа (РСЕ) на 5 март извор од Главната управа на Украинската воена разузнавачка служба (ХУР).

Нападот на бродот се случил во пристаништето Феодосија во текот на ноќта. На видеото објавено на мрежата X, порано Твитер, наводно се гледа моментот на ударот и големата експлозија.

Русија не ги коментираше украинските тврдења.

Мостот што го поврзува овој полуостров со Русија беше затворен. Утрото по околу осум часа сообраќајот на мостот е обновен.

Редовно се случуваат напади на окупираниот Крим, особено експлозии во близина на мостот Керч, кој го поврзува окупираниот полуостров со Русија. Властите на Руската Федерација ја обвинуваат украинската армија за експлозиите или ги нарекуваат вежби.

Киев официјално ја потврдува својата вмешаност само во некои напади.

Секретарот на украинскиот Совет за национална безбедност и одбрана, Олексеј Данилов, ја потврди вмешаноста на Службата за безбедност на земјата во двата напади на мостот Керч: во октомври 2022 година и на 17 јули 2023 година.

Во летото 2023 година, тогашниот украински министер за одбрана Олексеј Резников во интервју за Си-Ен-Ен изјави дека Украина ќе продолжи да го таргетира окупираниот Крим и да го напаѓа мостот Керч, кој го поврзува полуостровот со Русија.

Франција стана прва земја во светот која го вклучи правото на абортусот во Уставот

Претседателката на парламентот Јаел Браун-Пивет им аплаудира на пратениците откако го изгласа правото на абортус во Уставот, 4 март 2024
Претседателката на парламентот Јаел Браун-Пивет им аплаудира на пратениците откако го изгласа правото на абортус во Уставот, 4 март 2024

Франција стана првата земја во светот која го вклучи правото на абортус во својот устав. Парламентарците гласаа за ревидирање на уставот од 1958 година за да се гарантира „загарантирана слобода“ на жените да имаат абортус.

Според Би-Би-Си, анкетите покажуваат дека околу 85 отсто од јавноста ја поддржала реформата.

Премиерот на земјата, Габриел Атал, пред гласањето во парламентот изјави дека правото на абортус е „загрозено“ и „на милост и немилост на носителите на одлуки“.

„Им порачувам на жените, во нашите граници и пошироко: започнува ерата на светот на надежта“, рече францускиот премиер.

Правото на абортус е во францускиот закон од 1975 година.

Промената на уставот беше поттикната и од неодамнешните настани во САД, во кои Врховниот суд го укина правото на абортус во 2022 година.

Гласањето во понеделник(4 март) беше утврдено во членот 34 од францускиот устав, според кој „законот ги одредува условите под кои на жената и се гарантира слободата да прибегне кон абортус“. Но, овој потег не помина без критики.

Водачот на крајната десница Марин Ле Пен рече дека Макрон го користи за да освојува политички поени поради неговата силна поддршка за правата на абортусот во земјата.

„Ќе гласаме да го вклучиме во Уставот бидејќи немаме проблем со него“, им рече Ле Пен на новинарите пред гласањето во Версај, додавајќи дека е претерување да се нарече историски чекор бидејќи, како што рече, „никој го става на ризик правото на абортус во Франција“.

Мал авион се урна во Нешвил, нема преживеани

илустрација
илустрација

Неколку лица загинаа во градот Нешвил, во американската сојузна држава Тенеси, кога мал авион се урнал во близина на автопат, соопшти полицијата.

Како што се наведува, едномоторниот авион синоќа (5 март) се урнал на тревна површина во западниот дел на градот, а потоа избил пожар во авионот.

Според полицискиот извештај, во авионот имало неколку лица и се верува дека сите загинале, а точниот број на жртви засега не е утврден, изјави портпаролот на полицијата.

На автопатот нема повредени возачи, а на терен нема оштетени возила или објекти.

Управата на аеродромот во Нешвил соопшти дека Националниот одбор за безбедност на транспортот и Федералната администрација за авијација на САД ќе спроведат истрага за инцидентот.

Џек Тешеира се изјасни за виновен за објавување доверливи американски документи

Џек Тешеира кој објави тајни воени документи на дискорд.
Џек Тешеира кој објави тајни воени документи на дискорд.

Припадникот на американската воздушна Национална гарда, Џек Тешеира, се изјасни за виновен и се согласи на 16-годишна затворска казна поради објавување информации од Пентагон.

22-годишниот Тешеира е обвинет за објавување доверливи документи на американската војска на социјалната мрежа Дискорд. Материјалот кој го објавил вклучуваше мапи, сателитски снимки и разузнавачки информации за сојузниците на САД.

Тој почнал да пристапува до доверливи документи од јануари 2022 година, а продолжил дури и откако бил предупреден од претпоставените во септември и октомври истата година.

Објавувањето на доверливи информации се смета за најсериозно нарушување на националната безбедност на САД откако Викиликс објави повеќе од 700.000 доверливи документи во 2010 година.

Во замена за признавањето на вина, обвинителите се согласија да не го обвинат за дополнителни прекршувања на Законот за шпионажа.

Тој е во притвор од април минатата година. Тешеира беше пилот од првата класа во Националната гарда на Масачусетс, задолжен за разузнавачката единица на воздухопловните сили.

Под корисничкото име „TheExcaliburEffect“, Тешеира сподели доверливи информации на Дискорд и се пофали дека има пристап до „информации за Израел, Палестина, Сирија, Иран и Кина“.

Објавените документи содржеле високо доверливи информации за сојузниците и противниците, со детали како што се детали за рутите на воените трупи во Украина до израелската шпионска агенција Мосад.

Министрите за надворешни работи на Италија и Австрија во посета на БиХ пред одлуката за отворање преговори со ЕУ

Министерот за надворешни работи на БиХ Елмедин Конаковиќ, италијанскиот министер за надворешни работи и меѓународна соработка Антонио Тајани и австрискиот министер за европски и меѓународни прашања Александар Шаленберг, Сараево, 4 март 2024 година.

Забрзување на патот на Босна и Херцеговина (БиХ) кон Европската унија, зајакнување на регионалната безбедност и економските односи се приоритетите на Австрија, Италија и Босна и Херцеговина.

Ова беше соопштено по средбата на министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина Елмедин Конаковиќ со италијанскиот министер за надворешни работи и меѓународна соработка Антонио Тајани и австрискиот министер за европски и меѓународни прашања Александар Шаленберг, денеска во Сараево.

Двајцата пристигнаа во главниот град на Босна и Херцеговина пред состанокот на лидерите на ЕУ во втората половина на март, кога Европската комисија треба да поднесе извештај за напредокот на БиХ во процесот на исполнување на условите.

Тој извештај ќе им служи на шефовите на државите и владите да одлучат за евентуално отворање на преговорите за членство на БиХ во ЕУ.

Министрите порачаа дека сега е време за зголемени напори за влез на БиХ во европското семејство, особено гледајќи ги глобалните безбедносни проблеми.

Австрискиот министер за европски и меѓународни прашања Александар Шаленберг изјави дека ЕУ направила „грешка со тоа што го оставила Западен Балкан надвор од ЕУ“.

„Како ние во ЕУ дозволивме во изминатите децении Западен Балкан, кој географски, економски и културолошки е дел од Европа, да не е веќе во ЕУ, и сега имаме руско и кинеско влијание овде“, рече австрискиот министер. за европски и меѓународни прашања.

Италијанскиот министер за надворешни работи и меѓународна соработка Антонио Тајани, нагласи дека Западен Балкан е приоритет за неговата земја.

„БиХ и припаѓа на ЕУ и се надеваме дека ќе се приклучи во наредните години“, посочи Тајани.

Во декември 2022 година, Босна и Херцеговина доби статус на кандидат за полноправно членство во ЕУ.

Една година подоцна, на самитот на лидерите на земјите од ЕУ, беше најавено дека пристапните преговори ќе бидат отворени откако Босна и Херцеговина ќе ги исполни потребните услови.

Состанокот на лидерите на Европската Унија е најавен за 21 и 22 март.

Повеќе од 40 земји бараат независна истрага за смртта на Алексеј Навални

Луѓето положуваат цвеќе на гробот на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални по неговиот погреб на гробиштата Борисовски во Москва на 1 март 2024 година.
Луѓето положуваат цвеќе на гробот на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални по неговиот погреб на гробиштата Борисовски во Москва на 1 март 2024 година.

Повеќе од 40 земји повикаа на независна меѓународна истрага за смртта на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, со тврдења дека рускиот претседател Владимир Путин ја сноси крајната одговорност.

Членките на Европската унија, САД, Велика Британија, Украина, Австралија, Канада, Нов Зеланд и Норвешка се меѓу земјите кои изразија револт поради смртта на Навални во Советот за човекови права на Обединетите нации.

Четириесет и седумгодишниот Навални, кој почина во арктичкиот затвор под мистериозни околности, беше погребан на 1 март на гробиштата во Москва. Најмалку 120 лица се уапсени во Русија поради учество на собири на кои граѓаните му оддаваа почит.

„Ние сме огорчени од смртта на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални, за која крајната одговорност е на претседателот Путин и руските власти“, изјави евроамбасадорката Лоте Кнудсен пред телото на ОН за човекови права во име на 43 земји.

„Русија мора да дозволи независна и транспарентна меѓународна истрага за околностите на неговата ненадејна смрт. Неочекуваната и шокантна смрт на господинот Навални е уште еден знак за забрзана и систематска репресија во Русија“.

Претставниците на овие земји нагласија дека се длабоко загрижени поради „систематското задушување на граѓанското општество“ и репресијата на политичката опозиција во Русија и во странство.

Тие ја повикаа Русија веднаш и безусловно да ги ослободи сите политички затвореници, бранители на човекови права, новинари и антивоени активисти приведени поради мирно остварување на нивните човекови права и противење на руската војна во Украина.

Ја повикуваме Руската Федерација да стави крај на оваа клима на неказнивост и да создаде безбедна средина за политичката опозиција и критичките гласови“, се вели во заедничкото сооштение на овие земји.

Тие, исто така, ја повикаа Русија „да го укине угнетувачкото законодавство и да стави крај на политичката злоупотреба на судството“.

Навални почина на 16 февруари по долгогодишно заробеништво во кое помина повеќе од 300 дена во самица, му беше одбиена медицинска помош, се пожали дека е подложен на лишување од сон и уште многу други работи. Руските судови отфрлија повеќе од 40 жалби што тој ги поднел за наводна злоупотреба.

Еден ден пред погребот, Европскиот парламент усвои резолуција со која се обвинуваат руската држава и претседателот Владимир Путин за смртта на Навални.

Во моментот на неговата смрт, овој истакнат критичар на Кремљ отслужуваше 19-годишна затворска казна под обвинение за екстремизам што тој, неговите поддржувачи, западните функционери, го негираа и ги сметаа за политички мотивирани обвинувања. Поддржувачите на Навални веруваат дека тој е убиен, а неговата вдовица Јулија Навалнаја вети дека ќе ја продолжи работата на нејзиниот сопруг.

Врховниот суд на САД пресуди дека Трамп може да остане на гласачкото ливче

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп за време на Конференцијата за политичко дејствување на конзервативците на 24 февруари 2024 година во Мериленд.
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп за време на Конференцијата за политичко дејствување на конзервативците на 24 февруари 2024 година во Мериленд.

Врховниот суд на САД едногласно ја поништи одлуката на судот во сојузната држава Колорадо, со која Доналд Трамп беше спречен да учествува на внатрепартиски избори.

Врховниот суд во Колорадо го отстрани поранешниот американски претседател од гласачките ливчиња во декември, наведувајќи ја уставната забрана на бунтовниците да се кандидираат за претседателската функција. Судиите на Врховниот суд на САД прво ја обвинија федералната влада за пречекорување на нивните овластувања, а сега одлучија Трамп да остане на гласачкото ливче.

Според амандманите на американскиот Устав, на секој што „учествувал во бунт“ му е забрането да извршува функција. Пресудата во Колорадо се однесуваше на дејствијата на Трамп за време на нападот на зградата на американскиот Конгрес на 6 јануари 2021 година од страна на неговите поддржувачи.

Одлуката значи дека Трамп може да учествува на републиканските прелиминарни избори во вторник, 5 март, денот кога би можел да го запечати своето место како републикански претседателски кандидат.

Колорадо ќе гласа заедно со уште 15 држави на маратонското гласање наречено „Супер вторник“.

Трамп е фаворит како републикански кандидат да се бори за претседателската функција против демократскиот кандидат Џо Бајден, на претседателските избори на 5 ноември.

Неговиот единствен преостанат кандидат за номинација на неговата партија е поранешната гувернерка на Јужна Каролина, Ники Хејли.

На Трамп, исто така, му е забрането да биде на гласачкото ливче во Мејн и Илиноис, но тие одлуки се ставени во мирување во очекување на пресудата на Врховниот суд за случајот Колорадо.

Подобноста на Трамп беше оспорена на суд од група од шест гласачи во Колорадо кои го претставија како закана за американската демократија и побараа тој да биде одговорен за упадот во американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година од страна на неговите поддржувачи.

ЕУ со парична казна од речиси две милијарди евра за технолошкиот гигант Епл

Луѓето чекаат пред продавницата на Епл во Минхен, 25 септември 2015 година.
Луѓето чекаат пред продавницата на Епл во Минхен, 25 септември 2015 година.

Европската унија го казни американската компанија Епл (Apple) со речиси 2 милијарди долари за кршење на законите за конкуренција, бидејќи платформата неправедно го фаворизирала сопствениот музички сервис.

„Епл им забрани на развивачите на апликации „целосно да ги информираат корисниците на системот iOS за алтернативни и поевтини услуги за претплата на музика“, соопшти Европската комисија.

„Ова е нелегално и влијаеше на милиони европски потрошувачи“, рече Маргрете Вестагер, комесар за конкуренција на ЕУ.

Од Комисијата констатираа и дека компанијата Епл ова го правела речиси една деценија, што значи дека „многу корисници плаќале значително поголема претплата за слушање на музика“.

Казната е речиси четири пати поголема од очекуваното, а според Вестагер, помала казна би била како „паркинг билет“, а посочи и дека казната е дизајнирана да делува за да ги стопира ваквите практики на Епл и останатите компании.

„Мислам дека е важно да се види дека ако сте доминантна компанија и правите нешто незаконско, ќе бидете казнети“, истакна Вестагер.

Трка со Гугл и Епл: Македонски паметни очила
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:49 0:00

Казната од 1,8 милијарди евра следува по долгата истрага што беше започната пред пет години со жалба од Спотифај (Spotify), шведскиот музички сервис.

Истрагата се фокусирала на ограничувањата кои претставувале пречка за програмерите да ги информираат корисниците на Ајфон и Ајпод за други начини да се претплатат на услуги за стриминг на музика што го заобиколуваат Епл. Епл тврди дека ограничувањата ја фаворизираат конкурентската услуга за стриминг музика на Епл Мјузик..

Од Епл пак преку соопштение истакнаа дека ќе се поднесат жалба на оваа одлука.

„Одлуката е донесена и покрај неуспехот на Комисијата да открие какви било веродостојни докази за штета на потрошувачите и ја игнорира реалноста на конкурентен, прогресивен и брзо растечки пазар“, се вели во соопштението на компанијата.

Исто така, се вели дека Спотифај ќе има корист од оваа одлука, со тврдење дека шведскиот сервис, кој има 56 отсто удел од европскиот пазар и не му плаќа на Епл за користење на нивната продавница, се сретнал со Комисијата 65 пати во последните осум години.

Истрагата на Комисијата првично се фокусираше на две прашања. Едно од нив беше практиката на производителот на Ајфон да ги принудува сопствениците на апликации кои продаваат дигитална содржина да го користат неговиот внатрешен систем за плаќање, кој наплаќа провизија од 30 проценти за сите претплати.

Но, подоцна фокусот на истрагата се насочи кон тоа како Епл ги спречува креаторите на апликации да ги информираат корисниците за поевтините начини за плаќање на претплати кои не вклучуваат тоа да се направи преку апликација.

Истрагата откри и дека Епл ги забранил стриминг услугите да им кажуваат на корисниците колку чинат претплатите надвор од нивните апликации. Казната за Епл доаѓа истата недела кога во ЕУ треба да стапат на сила новите правила кои имаат за цел да ги спречат технолошките компании да доминираат на дигиталните пазари.

Законот за дигитални пазари, кој треба да стапи на сила в четврток, наметнува низа правила за компаниите, вклучувајќи ги Епл, Мета, Гугл Алфабет и БитДенс на Тик-Ток.

МОН подготвени за преговори со јавните универзитети ако има волја за колективен договор

Министерство за образование и наука (Илустрација)
Министерство за образование и наука (Илустрација)

Министерството за образование и наука (МОН) во изјава за МИА потврди дека ја поддржуваат секоја идеја за зголемување на платите на вработените во јавните Универзитети, а истакнуваат и доколку постои волја во Собранието за потпишување на колективен договор, тие како институција ќе учествуваат во преговорите.

„МОН и министерот Јетон Шаќири ја поддржуваат секоја идеја за зголемување на платите на вработените во образовните институции без разлика дали се во основното, средното или високото образование. Со оглед на тоа што основач на државните универзитети е Собранието, доколку таму постои волја за потпишување колективен договор и со другите универзитети, освен со УКИМ, како институција ќе учествуваме во преговорите, затоа што наставно – научниот кадар заслужува повисоки плати“, се вели во одговорот од МОН.

Инаку, одговорот од МОН следува откако денеска на мирен протест излегоа членовите на синдикатите на универзитетите во Битола, Тетово, Штип, Охрид и „Мајка Тереза“ во Скопје, на кој побараа потпишување на колективен договор и изедначување на правата, обврските и одговорностите со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје.

На денешните протести, беше истакнато и дека доколку не бидат исполнети барањата на синдикатите на петте јавни универзитети, идните активности ќе ги дефинираат во консултации со поширокото членство. На овие универзитети има 1.500 вработени, додека УКИМ има вкупно 3.200 вработени лица.

Отворена нова база на НАТО во Албанија

Отворање на новата база на НАТО во Кучово, Албанија, 4 март 2024 година.
Отворање на новата база на НАТО во Кучово, Албанија, 4 март 2024 година.

Во Кучово, Албанија на 4 март официјално беше отворена воздухопловната база на Северноатлантскиот сојуз.

Албанија, членка на НАТО која нема свои борбени авиони, отвори реновирана воздухопловна база од времето на комунизмот за да им служи на авионите на НАТО поради зголемената закана од Русија, рече премиерот на земјата Еди Рама.

Албанскиот министер за одбрана, Нико Пелеши, изјави дека базата во Кучово ќе биде стратешка точка за операциите на НАТО и за одбраната на мирот.

„Од источниот фронт се очекува сè. И ние мораме да бидеме подготвени да се браниме со единствената победничка формула што е пред нас: обединување на нашите одбранбени сили и капацитети“, истакна Пелеши.

Активностите за реконструкција на базата започна во јануари 2022 година. НАТО инвестираше околу 50 милиони евра, а албанската влада повеќе од пет милиони евра.

„Ова е база која ќе додаде уште еден елемент на безбедноста за нашиот регион на Западен Балкан, за кој сите знаеме дека е регион загрозен од заканата и неоимперијалистичките амбиции на Руската Федерација“, рече Рама за време на инаугурацијата.

Како што порача албанскиот претседател Бајрама Бегаја, во глобалната состојба, за која оцени дека е нестабилна, земјата мора да биде подготвена да се брани и да придонесе за Алијансата.

„Базата Кучов има мисија на заштита и одвраќање, таа е важен центар за операциите на НАТО за справување со денешните и утрешните закани“, рече албанскиот претседател.

На инаугурацијата присуствуваа претставници на НАТО, министрите за одбрана на Турција и Италија, претставници на американската амбасада во Тирана и претставници на албанските институции.

Претставникот на НАТО, генерал Хуан Пабло Санчез Де Лара, за време на церемонијата рече дека Албанија е поподготвена од кога било да преземе одговорност за заштита на безбедноста и мирот.

Отворањето на оваа база го поздрави и претседателот на Косово, Вјоса Османи, која рече дека оваа база на НАТО ќе придонесе за зголемување на безбедноста на Западен Балкан.

Воздухопловната база Кучово е изградена во 1950-тите. Неколку дена пред инаугурацијата, во оваа база беа испратени три беспилотни летала „Бајрактар“, кои Албанија ги купи од Турција.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG