Достапни линкови

Проблеми со новата училишна зграда во Оризари


Училиште
Училиште

Во училишна зграда без технички прием започна учебната година за учениците од велешкото село Оризари. Информациите дека изведувачот направил отстапки од проектот и дека тој за неколку метри е поголем ги знае и градоначалникот Горан Петров. За родителите нема проблем, нивните деца конечно ќе учат во нова училишна зграда.

По четири години градба училишната зграда во село Оризари ги отвори вратите за учениците. 282 ученика денес седнаа во новите училишни клупи, иако објектот нема технички прием. Информациите дека изведувачот направил отстапки од проектот и дека тој за неколку метри е поголем ги знае и градоначалникот Горан Петров. Според Петров нема проблеми во статиката на зградата туку само во квадратурата, вели дека активности за разрешување на административниот проблем веќе се отпочнати.

„Негледам никаква причина да се заврши административната постапка и она што тогаш е, поинаку од проектот сега да се вклопи во проектната документација, сето тоа да влезе во деталниот план и да нема веќе ни формална пречка околу самиот начин на изведба на училиштето.“

вели градоначалникот Петров.Употребната дозвола за училишната зграда е само формалност, смета директорката Рефика Селмановиќ. За неа многу поважно е што учениците ќе учат во училиште кое ги има најдобрите услови во општината.

„Објектот беше пуштен во употреба во согласност со родителите. Сепак направениот објект има услови перфектни, меѓутоа во какви услови учеа родителите се сложија, тоа е процедура која е во тек, се надевам дека во најскоро време ќе се реши и тоа“

вели директорката на ОУ Рајко Жинзифов, Селмановиќ. За родителите на 27-те првачиња, дали училишната зграда има технички прием или нема воопшто не е важно. Тие се пресреќни што конечно нивните деца ќе имаат соодветни услови за образование.

„Старото училиште си е старо, новото си е ново, нема врска тоа што малку е згрешено, учениците може да си работат“

„Не е важно што училиштето нема технички прием важно е што е ново и што учениците може да учат во него.“

велат родителите. Училиштето Рајко Жинзифов се изгради со државни пари, под притисок на родителите кои неколку години по ред на први септември не ги пуштаа децата на училиште. Изведувач на градежните работи беа повеќе градежни фирми избрани на тендер кој го распиша Министерството за образование. Која компанија била задолжена за надзор на градежните работи, не успеавме да дознаеме.
XS
SM
MD
LG