Достапни линкови

Стравот од кризата уште повеќе ја продлабочува


Според експертите, стравот од економската криза влијае за нејзино уште поголемо продлабочување

Стравот од економска криза уште повеќе ја продлабочува кризата, велат експертите. Економистите објаснуваат дека светската економска криза настана поради конкретни причини, но јачината на кризата и нејзиното продлабочување е предизвикано од психолошки причини. Психолошкиот фактор за продлабочување на кризата е поизразен во финансискиот, отколку во реалниот сектор.

Економистите велат дека поради намалената доверба и стравот дека не можат да си ги наплатат долговите, банките воведуваат построги критериуми за кредитирање.
Самиот психолошки фактор предизвикува кризни елементи.


Доскорешниот претседател на Сојузот на стопански комори Мирче Чекреџи вели дека минатата година кризата ги одминала малите и средни претпријатија. Чекреџи вели дека сега е многу тешко да се прогнозира како ќе се развива ситуацијата годинава но верува дека македонското стопанство ќе оствари раст меѓу 2 и 3 отсто.

„Поконзервативни се и самите банки, па компаниите дали ќе можат да враќаат. Самиот психолошки фактор предизвикува кризни елементи. Ако се влезе во еден страв од криза тоа самото по себе ќе донесе криза.Тоа е со поголемо влијание кај финансискиот сектор отколку кај реалниот.“

Економистите велат дека секогаш кога има и најмала можност за криза банките стануваат попретпазливи.
Професор Томе Неновски вели дека никој не ги измерил ефектите од светската криза врз домашната економија.Неновски објаснува дека стравот за пласман и за работни места ги намалува производството и продуктивноста, но посочува дека психолошките фактори се поизразени во развиените земји.
Домино ефектот на психологијата работи. Се пренесуваат лошите вести од еден на друг.


„Домино ефектот на психологијата работи. Се пренесуваат лошите вести од еден на друг. Соопштенијата дека многу луѓе остануваат без работа секојдневно низ светот исто така се шират. Секогаш кога зафаќа таква една психоза, една психологија, ефектот врз производството, врз доходот, врз продуктивноста се намалува. Истото мислам дека на некој начин веќе се чуствува и во Република Македонија.“

Од друга страна и компаниите во овој период не се толку заинтересирани за инвестиции. Велат дека вложуваат во развој само каде што е неопходно. Директорот на Макстил Александар Панов вели дека ги запреле сите инвестициите што не им се приоритетни.

„Целата неизвесност, страв, силината колку ќе трае е присутна и не може да се избегне. Самиот производен програм за 2009 го намаливме за 20 посто, но ќе направиме ревизија за втората половина на годината.“

Економистите објаснуваат дека во услови на страв од криза застојот е очекуван бидејќи бизнисот бара предвидливи услови во кои може да се планира развојот.
XS
SM
MD
LG