Достапни линкови

Опозицијата го поздравува протестот на студентите, но не и присуството на владата


Преку простести пред европските институции македонските студенти во Брисел ќе го изразат својот револт кон шенгенскиот ѕид. Денеска во Брисел замина и вицепремиерот за европски прашања Ивица Боцевски. Најави дека и тој ќе присуствува на утрешните протести.

„Ќе присустувам на протестите заедно со студентите, за да ја искажам и својата поддршка но и се разбира да го искажам протестот на сите македонски граѓани поврзан со шенгенската бариера.“

Опозицијата ја поздрави иницијативата на студентите кои се одлучија на ваков чекор. Но она што за неа е спорно, е присуството на владините претставници на такви протести.




„Ако велиме дека ова е протест на младите кои што се најзасегнати од оваа политика, да им дозволиме ова да биде нивни протест, а ние политичарите да им ја даваме поддршката од дома, потивко и поненаметливо, а не секогаш да се сликаме во првите редови.“

Изјави Радмила Шеќеринска од Социјалдемократскиот сојуз
Чист маркетинг за домашна употреба! Вака според пратеникот Андреј Жерновски изгледа присуството на вицепремиерот Боцевски на протестите за визна либерализација.

„Како и една претходна кампања на оваа тема, кога нашиот министер за надворешни работи се појавуваше со маичка со таква активност, сметам дека за жал и ова е направено за домашна употреба. Најавеното присуство на вицепремиерот ми укажува на тоа дека најавеното присустуво на вицепремиерот ми укажува на тоа, дека повеќе сметка се води за тоа како домашните медуми ќе го пренесат тоа, значи тој ефект да се постигне, а не е вистинска цел Брисел.“

Иако Европската комисија неколкупати апелираше дека спроведувањето на фер и демократски избори ќе биде еден од најважните услови како за добивање на датум за преговори со Унијата,така и за визна либерализација, Боцевски е убеден дека годинава македонските граѓани ќе патуваат без визи.

„2009-та година ќе биде година на визната либерализација за Македонија и ова не го темелам на оптимизам, туку на реализам, поради она што Македонија го сработи на ова поле.“

Покрај ваквите студентски активности, според аналитичарите особено значајно е исполнувањето на потребните критериуми и поактивно лобирање на македонските власти за исполнување на оваа цел.

„Мозаикот го сочинуваат владата и институциите на државата, кои што треба да ги спроведат сите реформи кои се бараат од нас, потоа лобирањето во странски земји, посебно кај оние што имаат резерви во однос на визната либерализација и трето активно учество на граѓанскиот сектор во секој поглед.“

Изјави Жидас Даскаловски од Центарот за истражување и креирање политики.
XS
SM
MD
LG