Достапни линкови

Вести

Амстердам: Вице премиерот Ставревски на холандската конституенца на ММФ и Светската Банка

Вицепремиерот Зоран Ставрески ќе учествува на состаноците на Холандската конституенца на ММФ и Светска банка кои ќе траат до недела, а се одржуваат во Амстердам, Холандија.
Како што соопштија од владината прес-служба, покрај учеството на редовните сесии на состанокот на Холандската конституенца, вицепремиерот Ставрески мегу другите ќе се сретне и со извршниот директор на ММФ Доминик Штраус Кан, и потпретседателот на холандската Влада и министер за финансии Воутер Бос.

види ги сите денешни вести

Столтенберг - Запад мора да реагира за кинеската подршка на Русија

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во Вашингтон на 17 јуни по средбата со американскиот претседател Џо Бајден
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во Вашингтон на 17 јуни по средбата со американскиот претседател Џо Бајден

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг вчера (17 јуни) рече дека Кина и обезбедува технологија на Русија која ја продолжува нејзината целосна инвазија на Украина и го повика Пекинг да се соочи со последиците од таа поддршка.

„Пекинг не може да седи на две столчиња. Во одреден момент - и ако Кина не го промени курсот - сојузниците мора да наметнат цена. Треба да има последици“, изјави Столтенберг во Центарот Вилсон во Вашингтон.

Столтенберг рече дека во изминатите две години 90 отсто од руската микроелектроника потекнува од Кина и дека Кина работи на подобрување на руските сателитски капацитети.

„Заканите не се регионални“, рече Столтенберг. „Кина го поттикнува најголемиот вооружен конфликт во Европа од Втората светска војна, а во исто време сака да одржува добри односи со Западот.

Столтенберг зборуваше и за нуклеарното оружје и трошоците за одбрана. Запрашан што би можеле да направат членките на НАТО во врска со поддршката на Кина за Русија, Столтенберг рече дека има „тековна дискусија“ за можните санкции.

Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, исто така, рече дека Кина продолжува да и снабдува на Русија компоненти за воена опрема и системи за оружје.

Пред самитот со Ким во Северна Кореја, Путин ветува дека заедно ќе ги поразат санкциите

Владимир Путин - Претседател на Русија
Владимир Путин - Претседател на Русија

Владимир Путин и се заблагодари на Северна Кореја за поддршката на војната во Украина во пресрет на првата посета на Пјонгјанг од 2000 година. Се очекува рускиот претседател денеска да пристигне девет месеци по посетата на Ким Џонг Ун на Русија.

Во писмото објавено во севернокорејските медиуми, Путин вети дека ќе изгради трговски и безбедносни системи со Северна Кореја кои нема да бидат контролирани од западот и дека ќе ги поддржува нејзините напори да ги брани своите интереси од американските воени закани, уцени и притисоци. Тој вели дека двете земји ќе продолжат одлучно да се спротивставуваат на западните амбиции да се спречи воспоставување мултиполарен светски поредок заснован врз заемно почитување на правдата.

САД соопштија дека се загрижени за продлабочувањето на односите помеѓу Русија и Северна Кореја.

Кремљ го опиша доаѓањето на Путин како пријателска државна посета, а руските медиуми објавија дека двајцата лидери би можеле да потпишат партнерски договор, кој се однесува и на безбедносни прашања.

Последен пат кога Путин беше во Северна Кореја нејзиниот лидер беше таткото на Ким Џонг Ун, Ким Џонг Ил.

УЕФА покрена дисциплинска постапка против Србија

Еуро 2024 -Србија вс Англија
Еуро 2024 -Србија вс Англија

Европската фудбалска унија (УЕФА) на 17 јуни објави дека покренала дисциплинска постапка против Фудбалскиот сојуз на Србија поради наводно недолично однесување на неговите навивачи, на маргините на натпреварот што Србија го загуби од Англија (1:0) на Европското Првенство в недела во Гелзенкирхен.

Седум навивачи на српската репрезентација се приведени на 16 јуни по конфликт во германскиот град Гелзенкирхен пред натпреварот на ЕП против Англија, соопшти полицијата на денот на конфликтот. Полицијата во Гелзенкирхен потврди за Би-Би-Си дека дошло до тепачка меѓу навивачи на Србија и Англија.

Истрагата на УЕФА по овој инцидент конкретно се однесува на „фрлање предмети и провокативни пораки на кои не им е место во контекст на спортски настан“, се вели во соопштението на УЕФА.

Се додава дека „контролното, етичкото и дисциплинското тело на УЕФА (ЦЕДБ) ќе донесе одлука за ова во догледно време.

На кои стадиони се игра ЕП во фудбал 2024
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:24 0:00

Во меѓувреме, Фудбалскиот Сојуз на Србија и Фудбалскиот сојуз на Косово (ФФК) поднесоа меѓусебна жалба до УЕФА за истото прашање.

ФФК ги обвини српските навивачи дека истакнуваат „знамиња“ и скандираат „слогани и песни со шовинистички и расистички политички пораки против Косово“.

„Ширењето вакви расистички пораки за време на настан како што е Европското фудбалско првенство е бесмислено и апсурдно“, соопшти ФФК, барајќи „строги дисциплински мерки против ФСС“.

Од своја страна, ФСС обвини неименуван косовски новинар дека направил албански националистички знак.

Мицкоски - Главна цел ќе биде обнова на довербата во институциите

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска изјави дека ќе се бори за остварување на стратешките цели за државата да стане членка во Европската Унија, да има добри релации со стратешките партнери, но дека нивната носечка цел ќе биде да ја обноват довербата во институциите на државната власт, да ја елиминираат корупцијата и да обезбедат владеење на правото.

Мицкоски е мандатар за формирање нова влада, во која во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат и албанската коалиција Вреди и партијата ЗНАМ. Тој во неделата на 16 јуни ги соопшти имињата на министрите што ќе ги предложи.

Инаку, собраниската седница за избор на новата влaда се очекува претседателот на Собранието Африм Гаши да ја закаже за сабота во 11 часот, а таа треба да заврши најдоцна до недела на полноќ. Како што најави мандатарот Христијан Мицкоски, се очекува тој утре до Собранието да го достави составот на владата и програмата за нејзина работа.

Тој им порача на новите функционери да ги „засукаат ракавите“ и кажа дека нема тајни формули, лажни верувања или суеверија, а дека рецептот за успехот е работа, чесност и посветеност.

„Никој од вас овде во салата не смее да застрани. Не ја прифаќам тезата нормално барем еден да застрани или скршни. Одговорот е дека и тој еден веднаш ќе биде сменет. И при таква ситуација не само што силно ќе ме разочарате, ќе го разочарате народот кој ни даде историски најголема поддршка. Немаме никакви сто дена грејс период, ниту медени месеци, немаме ниту 100 минути. Јас не верувам во такви оправдувања. Мора напорна работа од првиот час, и првиот ден“, рече Мицоски.

Тој денеска присуствуваше на свеченост „34 години ВМРО-ДПМНЕ, 131 година ВМРО, завет, слобода, иднина, продолжуваме“ што се одржа во театарoт „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ во Велес.

Мицкоски рече дека владата која ќе ја создадат ќе биде посветена на враќање на Македонија на нејзиното вистинско место како просперитетна, праведна и динамична демократија.

„Но ние немаме да се загубиме на тој пат преку непринципиелни договори штетни за државата. Нашиот излез ќе биде нашата работа, нашата иднина ќе биде нашата сила добиена од волјата на народот“, рече Мицкоски.

Еден војник загина, осум се повредени во експлозија на полигон на чешката армија

Илустративна фотографија - припадници на чешката армија.
Илустративна фотографија - припадници на чешката армија.

Еден војник загина, а осум лица се повредени во експлозија на муниција на полигонот на чешката армија, соопшти армијата на Чешка.

Експлозијата се случила на полигонот Либав на истокот на земјата.

„Еден војник загина за време на експлозија на полигонот Либава. Уште седум војници и еден цивил беа пренесени во воената и универзитетската болница во Оломоуц“, соопшти Армијата на социјалната мрежа Х.

Оттаму додаваат дека се информирани семејствата на повредениот и загинатиот војник.

Од Министерството велат дека ќе ја информираат јавноста за натамошниот развој на настанот, без да соопштуваат повеќе детали.

Бислимоски - Нема да дозволиме сериозна промена на цената на струјата

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски денеска изјави дека конкретни инфомации за новата цена на струјата што треба да важи од 1 јули годинава ќе објават во текот на наредната недела по завршувањето на тендерот на ЕВН хоум за набавка на електрична енергија.

„Досега сме имале многу потешки периоди и никогаш не сме дозволиле да има сериозна промена на цената на струјата и секогаш сме воделе сметка да го сочуваме стандардот на граѓаните и сега ќе се водиме исклучиво од нивните потреби“, рече Бислимовски.

Изјавата на Бислимовски доаѓа откао Владата донесе одлука со која цената на електричната енергија што државната компанија Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) ќе му ја понуди на универзалниот снабдувач ЕВН по 1 јули ќе биде 60 евра за мегават час, наместо досегашните 57 евра.

Исто така, ЕСМ нема да понуди 100 проценти од потребите на малите потрошувачи и домаќинствата кои се на регулираниот пазар, туку само 85 проценти.

Бислимовски вели дека наредната недела РКЕ ќе ги има на располагање сите потребни параметри и посочи дека за цената ќе влијае и профитната маржа која од 1 јули ќе биде 9,9 наместо досегашните 11,5 проценти.

„Нова цена на струјата се носи сега, а не во декември заради тоа што на стариот универзален снабдувач му истекува лиценцата на 30 јуни. Во текот на следната година не би требало да носиме одлука за цена во јуни, туку само во декември која ќе важи за цела 2026 година“, рече Бислимовски.

Тој додаде дека треба да се почека да заврши тендерот за набавка на електрична енергија на 21 јуни и ЕВН хоум да ги достави пресметките за цената на електричната енергија на контрола во РКЕ за да видат колкава ќе биде цената.

„Правиме напори и анализи да бидеме прва земја во Европа која ќе има три часа евтина тарифа во текот на денот. Нема да ја воведеме од 1 јули, туку некаде во ноември, декември или јануари идната година. Тоа ќе зависи од анализите“, изјави Бислимоски.

„Оваа цена од 60 евра за мегават час на некој начин е изненадување и за мене, бидејќи во услови на криза нудеа пониска, но на некој начин може да ја изменаџираме. Мене ме загрижуваат 15-те проценти кои треба да ги набавува ЕВН хоум на слободниот пазар. На фјучерсите што ги гледаме во текот на денот цената се движи од 90 до 100 евра и е повисоко од тоа што го дава ЕСМ. Како и досега, и сега ќе ги искористиме сите механизми за да не предизвикаме ценовни шокови за граѓаните“, истакна Бислимоски.

Украина - Русија ги засилува нападите пред дополнителната воена помош од Западот

Главниот командант на украинските вооружени сили, генерал полковник Александар Сирскиј.
Главниот командант на украинските вооружени сили, генерал полковник Александар Сирскиј.

Руската војска ги интензивира своите напади во Украина, обидувајќи се да освои што е можно повеќе територии пред Украина да добие дополнителна воена помош од Западот, вклучително и авиони Ф-16, изјави главниот украински воен командант Олександар Сирскиј.

„Непријателот добро знае дека како резултат на постепеното примање на значителна количина оружје и воена опрема од нашите партнери и доаѓањето на првите Ф-16 кои ќе ја зајакнат нашата противвоздушна одбрана, времето ќе игра во наша корист и дека неговите шанси за успех ќе се намалат“, наведе Сирскиј на Телеграм.

Сирски додаде дека затоа командата на руските трупи во моментов прави максимални напори да го зголеми интензитетот на нападите, со цел да се исцрпат украинските војници, да се наруши обуката на украинските трупи и да се спречи преминот кон активна офанзива.

Како што додаде, руските сили се фокусирани на фронтот во Покровск, во источниот украински регион Доњецк.

Сирскиј вели дека московските сили таму се затвораат на клучната транзитна точка и рутата за снабдување што ги поврзува цивилните центри на индустрискиот север на територијата со градовите појужно.

Оценката на Сирскиј дојде откако украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека сегашното ниво на западна воена помош не е доволно за да се гарантира победата на Украина над руските сили.

Зеленски, како и другите украински официјални лица, постојано ги повика западните сојузници на Украина да ја забрзаат испораката на оружје, особено ветените борбени авиони и системи за противвоздушна одбрана.

На дводневниот собир во швајцарското одморалиште изминатиот викенд, 80 земји повикаа „територијалниот интегритет“ на Украина да биде основа на секој мировен договор за ставање крај на војната во Русија.

Нуклеарните сили продолжуваат да ги модернизираат своите арсенали, се вели во нов извештај

Ракета Искандер за време на вежби на непозната локација во Русија, 2 февруари 2024 година.
Ракета Искандер за време на вежби на непозната локација во Русија, 2 февруари 2024 година.

На глобално ниво, во текот на 2023 година, деветте нуклеарни сили продолжија да ги модернизираат своите нуклеарни арсенали и сè повеќе се потпираа на нив како одвраќање, наведе шведскиот аналитички центар во новиот извештај објавен на 17 јуни.

Ден Смит - директор на Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ), рече дека вкупниот број на нуклеарни боеви глави на глобално ниво продолжува да се намалува бидејќи оружјето од времето на Студената војна постепено се демонтира.

Сепак, како што додаде тој, се уште има зголемување на бројот на оперативни нуклеарни боеви глави од година во година.

„Изгледа дека тој тренд ќе продолжи и веројатно ќе се забрза во наредните години, што е многу загрижувачки“, додаде Смит.

Претходно во јуни Русија и нејзиниот сојузник Белорусија ја започнаа втората фаза од вежбите за тактичко распоредување на нуклеарно оружје. Според аналитичари, Кремљ го прави ова за да го обесхрабри Западот да ја зголеми својата поддршка за Украина.

Одделно, Меѓународната кампања за укинување на нуклеарното оружје (ИСАН) во извештајот објавен на 17 јуни наведе дека деветте нуклеарни сили потрошиле вкупно 91,4 милијарди долари на нивните програми за нуклеарно оружје во 2023 година.

ИСАН наведе дека бројките покажуваат зголемување од 10,7 милијарди долари на глобалните трошоци за нуклеарно оружје во 2023 година во споредба со претходната. Во исто време, на САД отпаѓаат 80 отсто од тоа зголемување.

Уделот на САД во вкупната потрошувачка од 51,5 милијарди долари, е поголем од оној на сите други нуклеарни сили заедно. Следната земја која најмногу потрошила е Кина со 11,8 милијарди долари, соопшти ИСАН додека Русија е на трето место со 8,3 милијарди долари.

Во својот извештај СИПРИ процени дека околу 2.100 распоредени боеви глави се на висока оперативна готовност на балистички ракети и дека речиси сите им припаѓаат на Русија или на САД.

Сепак, се верува дека за прв пат и Кина има одреден број боеви глави во висока оперативна готовност.

Русија и САД заедно поседуваат речиси 90 отсто од нуклеарното оружје, објави СИПРИ.

Големините на нивните воени залихи се чини дека останаа релативно стабилни во 2023 година, иако се проценува дека Русија распоредила околу 36 боеви глави со оперативни сили повеќе отколку во јануари 2023 година.

СИПРИ предупреди дека транспарентноста во врска со нуклеарните сили е намалена во двете земји по руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година и дека дискусиите за спогодбите за споделување нуклеарно оружје добиле на значење.

Вашингтон го прекина својот билатерален дијалог за стратешка стабилност со Русија, а минатата година Москва објави дека го суспендира своето учество во новиот нуклеарен договор СТАРТ.

Фудбалскиот сојуз на Косово бара строги дисциплински мерки против Србија

Детали од натпреварот Србија - Англија во Гелзенкирхен, Германија на 16.06.2024 година.
Детали од натпреварот Србија - Англија во Гелзенкирхен, Германија на 16.06.2024 година.

Фудбалскиот сојуз на Косово побара реакција од Европската фудбалска федерација (УЕФА) поради, како што велат, истакнување на знамиња, пароли и скандирање на српските навивачи со „политички, шовинистички и расистички пораки против Косово“ на натпреварот меѓу Србија и Англија на Европското фудбалско првенство ЕУРО 2024 година.

„Бесмислено и апсурдно е непреченото истакнување на вакви пораки и апели на голем настан како што е ЕУРО 2024. Ваквите повици ја докажуваат омразата што се сее во јавното мислење во Србија кон соседите“, се наведува во соопштението.

Фудбалскиот сојуз на Косово побара да се преземат строги дисциплински мерки против Фудбалскиот сојуз на Србија.

„Повиците против државата Косово на голем настан како што е ЕУРО 2024 ги мотивираат националистичките групи и ја загрозуваат и онака кревката безбедност на регионот“, се вели во соопштението.

Локалните медиуми во Косово објавија дека за време на натпреварот меѓу Србија и Англија се слушале извици како „Косово е Србија“, а пред натпреварот било запалено албанско знаме.

Ова е 17-то издание на Европското првенство, а на него учествува и Албанија по вторпат во историјата, по дебито во 2016 година.

Натпреварите ќе се играат на десет стадиони во десет различни градови во Германија од 14 јуни до 14 јули.

Србија не ја признава независноста на Косово и води кампањи за лобирање против таа држава.

Од 2011 година двете земји водат дијалог за нормализирање на односите.

Косово и Србија потпишаа голем број договори во рамките на дијалогот, но не се сите спроведени.

Јанакиески излегува на условно

Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески.
Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески денеска ќе излезе од затвор на условен отпуст, откако Апелациониот суд на 12 март одлучи да ја уважи неговата жалба со која се бараше неговиот условен отпуст. Тој излегува по шест години поминати во затвор за повеќе предмети од поранешното Специјално јавно обвинителство, но Апелациониот суд решението за условен отпуст го донесе за случајот „Титаник„ за изборни нерегуларности во кој беше осуден на три и пол години затвор.

Судот во март ја преиначи одлуката за условен отпуст за Јанакиески, откако првичната беше условниот отпуст да започне на 16.01.2025 година под услов до истекот на условното „обвинетиот да не стори ново кривично дело“, соопштија од Апелацискиот суд.

Случајот „Титаник“ е дел од предметите на поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), кои пропаданаа откако Собранието во 2023 година донесе измени на Кривичниот законик со кои се намалија предвидените казни за злоупотреба на службената положба, па делата порано застаруваат.

Покрај за случајот „Титаник“, Јанакиески беше обвинет и во предметите „Шпански скали„ и „27-ми април“.

Европскиот суд за човекови права и слободи лани ја објави пресудата во случајот на поранешниот министер против Северна Македонија, во однос на изречените мерки притвор за судските предмети за „27 април“ и за „Шпански скали“, во која е наведено дека на Јанакиески му биле прекршени правата од членот 5 на Европската конвенција за човекови права.

Според пресудата, државата ќе треба да му плати вкупна отштета од 6.100 евра, од кои 3.900 евра за нематеријална штета и 2.200 евра за трошоци.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG