Достапни линкови

Фармацевтската Комора реагира дека и со овој закон повторно останува можноста за различни цени


Со предложениот закон за лекови и медицински помагала Владата овозможува легализирање на нееднаквоста во цените и во прометот на големо реагира Фармецевтската комора на Македонија. Претседателката на комората, професор Лидија Петрушевска-Този која учествувала во работната група за подготовка на законот, вели дека верзијата што помина на владината седница се разликува од работната верзија.

„Во Владата овој член претрпе измени со тоа што пред сите износи на маржите се додаде зборот „до“ што зборува за варијабилност на маржите и постоење на легална можност за постоење на нееднакви цени на лековите во Македонија.“

Министерот за здравство пак Имер Селмани уверува дека нема промена во делот на формирање на цените на лековите.

„Ние воведуваме ред ги ограничуваме можностите некој на законски начин како што беше досега, некој да заработува по 40 или по 200% и ние со овој закон ставаме ред. Мислам дека одредени центри што имале големи профити во минатото, се освестуваат дека нема да можат тоа да го прават понатаму и тука е нивната реакција.“

Формирањето на цената од страна на производителот или увозник не е спорна, објаснува Този. Варијабилноста во маржите посочува таа се јавува токму во прометот на големо и мало:

„Секоја веледрогерија може да стави различна маржа на производната цена. Ако дозволува законот до 15% големите веледрогерии ќе одат со пониска маржа, а оние другите помали аптеки ќе одат со маржа до 15% и ете ја разликата во лекот.“

Ударот што со ова им се нанесува на аптеките е минорен во споредба со последиците кои ќе ги почувствуваат граѓаните. Наместо да ја одберат најблиската аптека, пациентите ќе ја бараат онаа во која посакуваниот лек е најефтин, изјави првиот човек на Здружени Аптеки на Македонија, Нуцка Ристовска.

„Дискриминацијата на пациентот оди дотаму што мора да талка по аптеките барајќи го поевтиниот лек.“

Една од предностите од воведувањето на единствени цени на лековите е и можноста за поефиксно работење на инспекциските органи, посочува Ристевска. Тоа вели таа значи дека пациентот кој ќе примети дека во некоја аптека цената на лекот е поразлична од утврдената тоа веднаш ќе може тоа да го пријави на надлежните органи.
XS
SM
MD
LG