Достапни линкови

И покрај постоењето на ризик, пресудна е брзата и лесна заработувачка велат и тргувачите и брокеритe


Берзата односно тргувањето со акции станува се поатрактивен бизнис за македонските граѓани, потврдуваат надлежните. Индивидуални лица се почесто се одлучуваат да купуваат акции, а најчесто добрата заработка од растот на акциите или примамливата дивидента од компаниите и покрај постоењето на ризик е главниот мотив да се вложат пари на берзата. За три пати го зголемив мојот влог од пред две години кога првпат на берзата вложив пет илјади евра, вели еден 27годишен скопјанец:

„Голем беше интересот меѓу моите другари да тргуваме со акции и од тогаш до денес мојата вредност на портфолиото се зголеми за три пати.“

Кој е успехот за да се оствари ваков профит? Овој тргувач на берзата, вели дека за тоа во која компанија ќе одлучи да купи акции зависи пред се од добрата информираност. Засега се води според сопствени анализи. Еве го советот:

„Постојано ја пратам македонската берза, читам разни форуми, гледам каде влегуваат инвестициони странски фондови и се обидувам и јас да влезам со нив, но претходно пред да ги вложам моите средства пак правам некои испитувања. Завршив економски факултет и гледам колку е книговодствената вредност и номиналната вредност.“

Поголема е добивката, раскажува овој трговец со акции, доколку се вложат поголеми средства, но и ризикот е исто така присутен. Но, со добри информации и анализи, ризикот се намалува. А дека во тргувањето со акции граѓаните стануваат се поголеми ,,играчи,, на македонската берза, потврдуваат и од брокерските куќи во државава:

„Секој ден се зголемува бројот, а тоа може да се види и по зголемениот обем на промет на берзата, значи ако се набљудува наназад ќе се види дека секоја година тој е се поголем и поголем, што значи дека се инволвирани се поголем број физички и правни лица.“

Истакнува брокерот Дарко Јовановски. Ваквата заинтересираност вели тој најчесто се должи на брзата и лесна заработувачка:

„Значи кога ќе се види пазарот наназад ќе се види дека е во постојан пораст, што значи дека цените постојано се зголемуваат што пак отвара можност за брза и лесна заработувачка.“

вели Јовановски.
XS
SM
MD
LG