Достапни линкови

Вести

Лондон: Велика Британија ќе претседава со Г-8

Велика Британија денеска го презеде претседавањето со Групата осум индустриски земји (Г-8). Приоритети на британското претседателство со Г-8 ќе бидат проблемите на Африка и климатските промени. Британскиот премиер Тони Блер во својот натпис во "Економист" посочи дека двете теми, како и заканата од меѓународниот тероризам и ширењето на оружјето за масовно уништуивање се најважните проблеми со кои се соочува светот.

види ги сите денешни вести

Камиони со хуманитарна помош влегуваат во Газа

Илустрација, Газа
Илустрација, Газа

Камиони со хуманитарна помош влегоа во Газа од јужен Израел на 26 мај, според новиот договор за заобиколување на преминот Рафа со Египет, откако израелските сили ја зазедоа палестинската страна на преминот.

Сепак, не е јасно дали хуманитарните групи ќе можат да пристапат до камиооните поради тековните борби во областа.

Египет одбива повторно да ја отвори својата страна на преминот Рафа додека на Палестинците не им се врати контролата на страната Газа. Египет се согласи привремено да го пренасочи сообраќајот преку израелскиот премин Керем Шалом, главниот карго терминал во Газа, по разговорите меѓу американскиот претседател Џо Бајден и египетскиот претседател Абдел-Фатах ел-Сиси.

Но, тој премин беше главно недостапен поради борбите поврзани со израелската офанзива во блискиот град Рафа. Израел тврди дека дозволил да влезат стотици камиони, но хуманитарците од ОН тврдат дека е премногу опасно да се земе помош од другата страна.

Во осуммесечната војна меѓу Израел и палестинската група Хамас, која САД и Европската унија ја сметаат за терористичка, според податоците на Хамас, загинале повеќе од 35.900 Палестинци, без да се прецизира колку цивили и борци.

Околу 80 отсто од 2,3 милиони жители ги напуштиле своите домови, силна глад е широко распространета, а претставници на ОН велат дека делови од територијата доживува глад.

Хамас ја започна војната со нападот врз Израел на 7 октомври, во кој палестинските милитанти убија околу 1.200 луѓе, главно цивили, а земаа околу 250 заложници. Хамас сè уште држи околу 100 заложници и останките на околу 30 други, откако повеќето од другите беа ослободени за време на прекинот на огнот минатата година.

Доцна на 25 мај, Хамас тврдеше дека заробил израелски војник за време на борбите во северниот дел на Газа и објави видео на кое се гледа како ранетиот е влечен низ тунел. Израелската армија негираше дека некој од нејзините војници бил заробен, а Хамас не обезбеди други докази за да го поткрепи своето тврдење.

Европски фронт достави приговор за прегласувањето во Желино

Илустрација
Илустрација

Коалицијата „Европски фронт“ доставила приговор до Државната изборна комисија (ДИК) за прегласувањето на Изборното место 2101 во село Ларце во Општина Желино, велат од ДИК. Со прегласувањето на ова избирачко место, коалцијата „Европски фронт “ предводена од ДУИ изгуби едно пратеничко место, а едно повеќе доби нејзниот опонент коалицијата Влен.

Други приговори за прегласувањето на 22 мај во седум изборни места во петата и шестата изборна единица до ДИК нема пристигнато.

Според изборните правила ДИК за приговорот дали го прифаќа или не, треба да донесе одлука во рок од 72 часа по приемот на приговорот. На решението од ДИК кандидатите имаат право на тужба до Управниот суд кој, пак треба да одлучи во рок од 48 часа по приемот на тужбата.


Според првичните резултати по прегласувањето во седум избирачки места во изборните единици пет и шест на парламентарните избори коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ останува со 58 пратенички мандати, додека Коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ загуби еден пратеник и има 18 пратенички мандати, исто колку и Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ. Коалицијата „Вреди“ по прегласувањето доби еден пратеник повеќе и сега има 14, додека Движење ЗНАМи Левица остануваат со по шест пратенички мандати.

Режисерот кој избега од Иран доби 12-минутни овации на канскиот фестивал

Иранскиот филмски режисер Мохамад Расулоф,
Иранскиот филмски режисер Мохамад Расулоф,

Иранскиот филмски режисер Мохамад Расулоф, кој побегна од затвор и казна од камшик во својата земја, беше награден со специјална награда од жирито на Канскиот филмски фестивал за неговата приказна за судски истражител чиј семеен живот е растргнат за време на антивладините протести.

При прифаќањето на наградата во францускиот туристички град, 51-годишниот Расулоф рече дека неговото срце е со неговата филмска екипа, која „се уште била под притисок на тајните служби во Иран“.

Специјалната награда на жирито му беше доделена на Расулоф за „привлекување внимание кон неодржлива неправда“ во Иран, соопштија организаторите по проекцијата на филмот „Семето на светата смоква“, што доведе до 12-минутни овации.


Главната награда на фестивалот, пак, отиде во рацете на филмот „Анора“, сензуална драма и комедија за егзотична танчерка која се вплеткува со син на руски олигарх.

Претходно на прес-конференција, Расулоф потсети како во рок од неколку часа морал да одлучи дали да оди во егзил или да одлежи затворска казна, велејќи дека сè уште е тешко да се зборува за тоа.

„Морав да си кажам, добро, дали сакам да бидам во затвор или да го напуштам Иран, географски Иран и да се приклучам на културниот Иран што постои надвор од неговите граници?“, рече Расулоф, кој е отворен критичар на репресијата во Иран и двапати одлежа затворски казни.

Иранското правосудство го осуди Расулоф на камшикување и осум години затвор, откако беше осуден за „дејствија против националната безбедност“, рече неговиот адвокат Бабак Пакнија на 8 мај.

Деталите за неговото бегство од Иран не се целосно познати. Тој рече дека акцијата била измислена со користење на контакти што ги остварил за време на неговиот престој во затвор.

„Колку повеќе поминувате време со испрашувачите, тајната полиција, толку повеќе учите како да ги спречите“, изјави тој за новинската агенција АФП во Кан.

„Тие ви ги покажуваат вашите мејлови, па учите како да ги пишувате.

Расулоф рече дека и дошол до идејата за „Семето на светата смоква“ додека бил во затвор.

Западните застапници за заштита на човековите права и луѓето од филмската индустрија ги осудија дејствијата на Иран против Расулоф и побараа негово ослободување.

Расулоф ја доби главната награда на Берлинскиот филмски фестивал во 2020 година за неговиот филм Нема зло, кој раскажува четири приказни слабо поврзани со темите на смртната казна во Иран и личните слободи под угнетување.

ОН: Најмалку 670 луѓе загинале при лизгање на земјиште во Папуа Нова Гвинеја

Илустрација, село во Папуа Нова Гвинеја
Илустрација, село во Папуа Нова Гвинеја

Се верува дека повеќе од 670 луѓе загинале по огромно лизгање на земјиштето во Папуа Нова Гвинеја, изјави претставникот на Обединетите Нации,Серхан Актопрак за новинската агенција Франс Прес. Првичните проценки се дека се затрупани најмалку 150 куќи и дека се загинати над 670 луѓе.

„Ситуацијата е ужасна затоа што сè уште се забележува лизгање на земјата. Водата тече и тоа создава огромен ризик за сите вклучени во спасувањето“, додаде Актопрак, кој е со седиште во Порт Морезби.

Некогаш раздвиженото село на ридот во провинцијата Енга беше речиси целосно уништено кога лизгањето на земјиштето се случи во раните утрински часови во петокот, затрупајќи голем број домови и луѓето што спиеја внатре.


„Луѓето користат лопати, но и големи земјоделски вилушки за да ги отстранат телата затрупани под надојдената почвата“, рече Актопрак.

Повеќе од 1.000 луѓе се раселени поради катастрофата, додаде тој, а градините со храна и залихите на вода се речиси целосно збришани.

Агенциите за помош и локалните лидери првично стравуваа дека меѓу 100 и 300 луѓе можеби загинале во катастрофата.

Бројот на жртвите беше ревидиран бидејќи спасувачите на терен сфатија дека во селото живеат повеќе луѓе отколку што беше првично проценето, рече Актопрак.

Станува збор за село кое е дом на повеќе од 4.000 рудари кои бараа злато во регионот на висорамнините.

Спасена група со седумгодишно дете која залутала во клисурата кај Пчиња

Директорот на ЦУК со извлечените луѓе кај Пчиња
Директорот на ЦУК со извлечените луѓе кај Пчиња

Спасени се залутани две жени, еден маж и едно седумгодишно момче, доцна синоќа откако заглавиле на исклучително стрмен терен, пред манастирот Мала Богородица по клисурата на реката Пчиња под автопатот Скопје Велес. Спасители со чамец по Пчиња од Катланово стигнале до локацијата каде што биле залутаните лица и безбедно ги извлекле од десниот на левиот брег, а потоа и до автопатот.

„Теренот таму е исклучително стрмен и опасен за движење“, информираа од Центарот за управување со кризи.

Оттаму велат дека тројцата планинари со детето биле спасени доцна во ноќта, после полноќ, со помош на тим на спасители на вода од доброволно друштво од Велес со кое ЦУК соработува за вакви ситуации.

„За жал, водејќи се по џи-пи-ес ја промашиле патеката и се заглавиле на стрмните падини и побараа помош на бројот 112. Спасителите не можеа да дојдат до нив, една карпа не дозволуваше да се пристапи до нив. Но, тие се пробија до десната страна на брегот на реката Пчиња“, вели директорот на ЦУК Стојанчо Ангелов кој синоќа бил дел од спасувачката акција.

Во 2 часот по полноќ лицата беа безбедно префрлени преку реката Пчиња и извлечени горе на автопатот, од каде што со возила се превезоа во нивните домови во Скопје соопштија од Центарот за управување со кризи.

Втор круг претседателски избори во Литванија

Претседателски избори во Литванија, гласа литванската премиерка која е и претседателски кандидат
Претседателски избори во Литванија, гласа литванската премиерка која е и претседателски кандидат

Граѓаните на Литванија денеска избираат нов претседател на државата. Во тек е вториот круг од претседателските избори, во кои се влезени двајца кандидати.

И двајцата кандидати се согласуваат дека членката на НАТО и ЕУ од 2,8 милиони треба да ги зголеми трошоците за одбрана за да се спротивстави на Русија. Актуелниот претседател Гитанас Наузеда (60) е фаворит за освојување на уште еден петгодишен мандат, откако во првиот круг освои 44 од гласачките ливчиња.


Неговата противкандидатка, 49-годишната премиерка Ингрида Симоните, која доби 20 проценти во првиот круг, загуби од Наузеда на последното претседателско гласање.

Обвинител ќе го истражува проблемот со хируршките сали

Илустрација
Илустрација

Обвинителство ќе истражува дали има кривично дело во неработењето на хируршките сали во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Според првичните информации кои беа објавени изминатава недела, дел од причините поради кои не работат салите е непријатниот мириси кој што се ширел низ вентилацискиот систем, како и проблемот со доводот на кислород.

Од Министерството за здравство една недела не коментираат за причините нити дали се преземени мерки за надминување на проблемот поради кој се затворени хируршките сали во најголемиот медицински комплекс во земјава „Мајка Тереза“. Оттаму известија дека испратиле допис до Обвинителството за затворените хируршки сали.

„Ќе се преземат дејствија за да се провери дали во настанот воопшто има елементи на кривично дело,“ велат од ОЈО.

Ни од раководството на Клиничкиот центар во јавноста не споделија информација дали дефектот поради кој со денови веќе не се вршат операции е решен и кога ќе бидат ставени во функција.

За состојбите на клинички центар вчера на прес-конференција реагираше портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, обвини дека цела недела никој не испитал во што е проблемот, од каде доаѓа непријатната миризба и дали станува збор за загадување кое може сериозно да им наштети на пациентите.

Променливо облачно време со можност за пороен дожд

Облачно време
Облачно време

Денеска не очекува променливо облачно време, наместа нестабилно со пороен дожд и грмежи, а локално и со услови за краткотрајно невреме. Се очекува да дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 16, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.

Во Скопје променливо облачно, попладне во делови од котлината нестабилно со пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 26 степени.


Од УХМР информираат дека во следните денови ќе има честа појава на пороен дожд и грмежи, особено во попладневните часови. Локално процесите ќе бидат во форма на краткотрајно невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и изолирана појава на град.

Најмалку едно лице загина, четири се повредени при падот на мал авион во близина на Загреб

Илустрација, Спортски авион во авионска несреќа
Илустрација, Спортски авион во авионска несреќа

Едно лице загина, а четворица се повредени при пад на спортски авион недалеку од Загреб, соопшти денеска хрватската полиција на социјалната мрежата Икс (Х) порано позната како Твитер.

На летот биле регистрирани пет патници. Во соопштението е наведена куса информација дека во тек е организација за итна помош на повредените и организирање на нивниот транспорт до болниците.

На местото на несреќата пристигна и премиерот Андреј Пленковиќ кој рече дека сите во авионот се хрватски државјани, објавина својот интернет портал Н1.

Пленковиќ изјавил дека четирите лица кои ја преживеале авионската несреќа не се во животна опасност.

Полицијата нешто пред 16 часот добила информација за пад на авион „Цесна 182“ на подрачјето на Ступник, а во областа веднаш била испратена итна помош.

Израел го бомбардира Појасот Газа и покрај наредбата да сопре од меѓународниот суд

Илустрација
Илустрација

Израел продолжи со бомбардирањето врз Појасот Газа, вклучувајќи го и градот Рафа, на 25 мај, еден ден откако највисокиот суд на Обединетите Нации (ОН) му нареди да ги запре воените операции.

Израел не даде никакви индикации дека пресудата на Меѓународниот суд на правдата (МСП) влијаела на неговото планирање.

„Израел нема да спроведе воени операции во областа Рафа каде што се „создаваат услови за живот што би можеле да предизвикаат уништување на палестинското цивилно население, целосно или делумно“, изјави израелскиот советник за национална безбедност Цачи Ханегби, повторувајќи ја формулацијата најдена во пресудата на МСП.

Исто така, по состанокот меѓу американските и израелските официјални лица во Париз на 25 мај, израелски официјален претставник рече дека Тел Авив се обидува да ги обнови разговорите во наредните денови во обид да постигне договор за ослободување на заложниците во Газа.

„Има намера да се обноват разговорите оваа недела и има договор“, изјави функционерот за новинската агенција Франс прес под услов да остане анонимен.

Рано на 25 мај, неколку часа по одлуката на судот, Израел изврши напади врз Појасот Газа додека борбите меѓу израелските трупи и борците на Хамас, кој беше прогласен за терористичка организација од страна на Соединетите држави и Европската унија, продолжија.

Воздушни напади беа пријавени во Рафа и централниот град Деир ал Балах.

Шефот за европска надворешна политика, Жозеп Борел, напиша на социјалната платформа X, порано позната како Твитер, дека „наредбите на Меѓународниот суд за правда се обврзувачки за страните и тие треба да бидат целосно и ефективно вградени“.

Во својата пресуда од 24 мај, МСП рече дека Израел мора „веднаш да ја прекине“ својата офанзива против Рафах и да преземе итни мерки за решавање на хуманитарната криза во целиот регион. Мерките треба да вклучуваат повторно отворање на граничниот премин Рафа со Египет за да се овозможи проток на помош во Газа.

Во пресудата од 26 јануари, 15-члената комисија одлучи дека Израел мора да стори сé за да спречи геноцид за време на неговата офанзива како одговор на нападот во октомври од страна на Хамас, кој беше прогласен за терористичка организација од Соединетите Држави и ЕУ, но не нареди прекин на огнот.

На 28 март, таа му нареди на Израел да ги преземе сите неопходни и ефективни активности за да обезбеди основни резерви на храна за палестинското население во Газа.

Сепак, гласовите 13-2 со кои се наредува на Израел да ја запре офанзивата во Рафа и да известува за својот напредок во олеснувањето на хуманитарната криза во рок од еден месец, го зголемува притисокот врз Израел и дополнително го изолира.

Пресудата го засили притисокот врз Израел само неколку дена откако Норвешка, Ирска и Шпанија објавија дека ќе ја признаат палестинската држава и откако главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд објави дека ќе бара налози за апсење по обвиненијата за воени злосторства за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант и неколку врвни лидери на Хамас.

Израел и Хамас се борат од 7 октомври 2023 година, кога борците на Хамас започнаа масовен прекуграничен напад врз Израел. Во нападот загинаа околу 1.200 израелски граѓани, додека други 240 беа земени како заложници, од кои некои се уште ги држи Хамас во Газа.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG