Достапни линкови

Преоптимистички и со голема верба во себе


Преоптимистички и со голема верба во себе, ова се првичните коментари на експертите за вчерашното експозе на Мандатарот Владо Бучковски во кое тој вети препородување на Македонија. Ангажиран оптимизам и широка мобилизација на општествени сили во земјава за решавање на проблемите, покажа Бучковски во својот настап вели политикологот Хисен Рамадани:

„Таков приод можеби изгледа малку пренагласен со оглед на дубиозата во којашто се наоѓа Републиката во овој момент, на економски план. Но вреди да се има верба и да се направат сериозни напори да се излезе од оваа состојба, пред се на економско, но и на другите полиња.“

Очекувано значаен дел од излагањето беше посветено на економија, но пред се радува фактот што коалициониот партнер ДУИ се вклучува активно во решавањето на економските проблеми, а не се става акцент само на имплементацијата на Рамковниот договор, е ставот на професорот Трајко Славевски од Економскиот Факултет.

„ДУИ дава сигнал со назначување на еден способен економист во Министерството за економија, дека во иднина ќе пружа многу поголема поддршка и акцент ќе става на развојот на македонската економија, одошто на други прашања, као што беше исполнување на обврските од Рамковниот договор и тоа треба да се поздрави.“

Во спроведувањето на економските реформи според професорот Славевски потребно е опозицијата активно да соработува со идниот премиер и да ги подржува реформите бидејки тоа пред се е во интерес на граѓаните на Македонија

„Опозицијата треба да го поддржи премиерот да спроведе што повеќе реформи до крајот на мандатот на оваа влада, затоа што се е во интерес на граѓаните на Република Македонија. Сфаќањето на значењето на реформата на правосудниот систем на Република Македонија, тука треба да се држи мандатарот за збор, затоа што таму состојбите се дефинирани како инзвонредно лоши и го забавуваат растот, односно го попречуваат растот во македонската економија.“

Што се однесува до ветувањата на Бучковски дека во негиовиот мандат, Македонија ќе добие покана за членство во НАТО и дека Македонија ќе добие статус на земја кандидат за членство во ЕУ, политикологот Рамадани со став:

„Мандатарот тоа не го кажува како една сопствена процена, веројатно има индикации и ветувања дека тоа треба и може да се случи.“
XS
SM
MD
LG