Достапни линкови

Фактите не може да се релативизираат


Преиспитувањето на историјата во земјава требаше да се направи поодамна како што направија и другите држави од социјалистичкиот блок. Историјата е преоптоварена со идеологија, што значи со промена на политичкиот систем нормално е да дојде до измена на некои вредносни судови кои ги има во историографијата. Тоа значи поинаков пристап и вреднување на настаните, личностите, процесите, смета професорот Јован Донев од Филозофскиот факултет. Според него нема простор за дел од барањата на албанците во оваа насока:

„Балистите се националистичка организација која се залага за остварувањето на голема Албанија, тука немаме што да вреднуваме веќе. Тоа значи, во исто време, тоа го превреднуваме од ново, само во сегментот дека не се работи за фашистичка туку за екстремно националистичка организација, тоа е вештачко отворање на тие прашања,“

изјави Донев кој посочува кои настани и личности може да се превреднуваат

„Ние можеме да расправаме за улогата на ВМРО меѓу двете светски војни. Можеме да расправаме за улогата на Ванчо Михајов од македонски аспект, која е неговата улога за времето на втората светска војна, за десното крило во македонското револуционерно движење, кое е запоставено во корист на левото крило.“

За мегународно – правниот аспект при превреднување на историјата професорот Љубомир Фрчкоски од Правниот факултет вели

„Тоа превреднување оди, но не оди без правење вертикала, без правење разлика меѓу доборото и лошото. Превреднување да, меѓутоа, не и тотален морален релативизам. Од друга страна, европската култура и од меѓународно правен аспект ги штити тие вредности, со казнување на одредено однесување, како што е реставрација на фашистичките организации или негирање на холокаустот. Во случајов, Албанците кај нас упаѓаат во замката на тој нивни етно романтизам. Помирувањето национално, го мешаат со реставрација на фашистичките организации што е забрането и претставува европски проблем. Очекувам да се прошири прашалникот за ЕУ со прашања во таа насока.“

Според Али Пајазити од Универзитетот на Југоисточна Европа кога станува збор за историјата важно е толкувањето:

„Толкувањето во историјата често довело до проблеми и недоразбирања. Мислам дека историјата е тоа што е и е реалност, но толкувањата се различни и негативното толкување на историјата може да доведе до проблеми.“
XS
SM
MD
LG