Достапни линкови

Специјално обучен кадар од јавното обвинителство


До крајот на месецов ќе се екипира шестчлениот тим, на одделението за борба против организираниот криминал, во рамки на јавното обвинителство, што како проект произлегува од владиниот акционен план, откако неодамна на сила стапи најновиот Закон за јавното обвинителство што ја даде правната рамка, вели заменикот јавен обвинител Коста Петровски:

„Ние ќе соработуваме со пандански формираните одделенија итн, во финансиската полиција, царината, бидејќи ова одделение ќе функционира на територијата на цела Македонија. Исклучиво четири суда ќе судат такви предмети, коишто ќе бидат лоцирани во Скопје, во двата основни суда и по еден специјализиран суд во Битола и Штип.“

Со ова специјализирано одделение, обвинителите очекуваат многу поефикасна борба против организираниот криминал, затоа што на располагање ќе ги имаат сите софистицирани методи, вели скопскиот обвинител Стерјо Зиков:

„И ќе бидат посебно обучени за примена на специјалните истражни мерки. Без примена на специјалните истражни мерки не може да се постигнат посериозни успеси во борбата против организираниот криминал, којшто секогаш знаете е чекор понапред, пред полицијата и органите на прогонот. Во оваа смисла, сметам дека со добра обука и соработка на соодветното одделение од МВР, ќе се оспособат и ќе се добие едно способно одделение на обвинители коишто ќе може да се борат против организираниот криминал, со тоа што ќе се снабдуваат докази, коишто ќе бидат профатливи и силни во евентуалните судски постапки.“

Според Зиков, овој оддел ќе соработува и во регионални и европски рамки:

„Со размена на податоци од оваа материја. Веќе постојат иницијативи за формирање регионални мрежи на обвинители, коишто во непосреден контакт, со заобиколување на до сега многу спорите процедури за размена на податоци, ќе може да комуницираат, да разменуваат податоци и да си помагаат еден на друг, затоа што знаеме дека организираниот криминал, никогаш не останува само во рамките на една држава.“

Одделението, според очекувањата, би можело да почне со работа најдоцна за два месеци, откако државата, вели Петровски, ќе ги обезбеди просторните и други услови за работа:

„Од аспект на опрема, од аспект на просторно сместување, од аспект на обезбедување средства за транспорт итн.“
XS
SM
MD
LG