Достапни линкови

Вести

Кашмир: Најмалку 10 загинати во судири меѓу индиските безбедносни сили и исламските милитанти

Најмалку 10 лица загинале во судирите меѓу индиските безбедносни сили и исламските милитанти во разделениот Кашмир. Како што јавуваат агенциите, насилствата добиле на интензитет деновиве по двата напади врз камповите на индиските сили.

види ги сите денешни вести

Четворица уапсени во голема европска акција против сајбер криминалот

илустрација
илустрација

Четири лица се уапсени во Украина и Ерменија, а повеќе од 100 интернет сервери се тргнати или прекинати во големата операција насочена кон меѓународен сајбер криминал што зафати илјадници луѓе, соопшти во четвртокот Европол.

Агенцијата за спроведување на законот на Европската Унија ја нарече оваа операција, која беше спроведена на 27-29 мај, „најголемата операција до сега против бот-нетовите, кои играат голема улога во распоредувањето на откупниот софтвер“.

Операцијата „Крај на играта“, започната и предводена од Франција, Германија и Холандија, вклучи неколку други земји, вклучувајќи ги Велика Британија, САД и Украина, соопшти Европол.

„Со меѓународната операција „Крај на играта“ нашите истражни органи успеаја да го зададат најголемиот и најзначаен удар на сајбер криминалот досега“, изјави германската министерка за внатрешни работи, Ненси Фезер.

Долгата полициска истрага ја наруши инфраструктурата „од која потекнуваат масовните напади со откупни софтвери ширум светот, каде што податоците се заробуваат, шифрираат и потоа се уценуваат“, рече Фезер, додавајќи дека таквото злосторство и нанело значителна економска штета на Германија.

„Илјадници жртви (ќе бидат предупредени) за да можат да се заштитат од други напади со откупни софтвери“, соопштија француските обвинители.

Едно од апсењата е извршено во Ерменија, а другите три во Украина, објави Европол, додавајќи дека повеќе од 2000 домени сега се под полициска контрола.

Злонамерниот софтвер им дозволува на сајбер-криминалците тајно да се поврзат со компјутерите на луѓето за злонамерни цели.

Според инспекторите, еден од главните осомничени заработил најмалку 69 милиони евра во криптовалути со изнајмување локации на криминална инфраструктура за да постави откупен софтвер.

Германска влада тврди дека Украина ги исполнува условите да преговара за пристапување во ЕУ

илустрација
илустрација

Германската влада соопшти дека Украина ги исполнила условите за реформи неопходни за започнување на дискусии за пристапување во Европската унија, јави ДПА.

„Според германската влада, Украина ги исполнува сите услови за да може да ги започне преговорите за влез во ЕУ во јуни. Затоа бараме сите земји-членки брзо да постигнат договор за преговарачката рамка“, изјави за ДПА германската државна министерка за европски прашања, Ана Лирман.

Во декември, лидерите на ЕУ се согласија да ги отворат пристапните преговори за Украина и ја потврдија својата посветеност да продолжат да даваат силна поддршка за Киев и украинскиот народ онолку долго колку што е потребно.

Сепак, последниот извештај на Европската комисија покажа дека Украина не успева да спроведе некои реформи, особено во борбата со корупцијата и заштитата на малцинствата, па државите се согласија дека сите барања за реформи треба да се исполнат пред да започнат преговорите.

Амбасадорите на ЕУ планираат да се состанат следната недела за да разговараат за рамката за разговорите. Унгарија се смета за можна пречка.

Во Иран почна пријавувањето на кандидатите за претседателските избори

илустрација
илустрација

Во Иран денеска (30 мај) почнува петдневниот рок за кандидатура за предвремени претседателски избори, кои се одржуваат по загинувањето на Ебрахим Раиси во хеликоптерска несреќа.

Кандидати за изборите закажани за 28 јуни можат да бидат лица на возраст од 40 до 75 години и мора да имаат најмалку магистерски студии.

Сите потенцијални кандидатури мора да бидат одобрени од Советот на чувари на Револуцијата, 12-члено тело составено од адвокати и истакнати верски водачи надгледувано од иранскиот врховен водач, Али Хамнеи.

Советот никогаш не прифатил жена за кандидат или некој кој повикува на радикални промени во управувањето со државата, потсетуваат политичките аналитичари.

Фаворит би можел да биде вршителот на должноста претседател на земјата, Мохамед Мокбер. Како можни кандидати се и поранешниот тврдокорен претседател Мохамад Ахмадинеџад и поранешниот реформски претседател Мохамед Катами, но прашање е дали ќе им биде дозволено да се кандидираат.

Инаку Раиси е вториот ирански претседател кој починал додека бил на функција.

Во 1981 година, во хаотичните денови по Исламската револуција, тогашниот претседател Мохамед Али Раџаи беше убиен во експлозија на бомба.

Украина одбила голем руски воздушен напад

Украинската противвоздушна одбрана соборила 32 беспилотни летала и седум од 19 крстаречки ракети лансирани од Русија кон воени и инфраструктурни цели во девет украински региони на 30 мај, објави военото воздухопловство на земјата на Телеграм.

Ракети и беспилотни летала беа соборени над регионите Хмелницки, Дњепропетровск, Чернихив, Кировохрад, Запорожжја, Одеса, Керсон, Киев и Виница.

Во исто време, градоначалникот на Харкив, Ихор Терехов, објави дека критичната инфраструктура, вклучително и гасовод, била оштетена во текот на ноќта во руското гранатирање на овој град на североистокот на земјата, кој е на само 35 километри од руската граница.

Словенија ќе ја признае палестинската држава

Словенечкиот премиер, Роберт Голоб
Словенечкиот премиер, Роберт Голоб

Словенечкиот премиер, Роберт Голоб најави дека неговата земја денеска(30 мај) ќе ја признае палестинската држава.

Шпанија, Ирска и Норвешка го направија тоа во вторникот, на 28 мај и се приклучија на групата од 140 земји кои ја признаа палестинската држава.

„Поради грозоморните настани и масакрот во Рафа, словенечката влада одлучи да не чека до јули. В четврток ќе ја признаеме бидејќи сме згрозени од настаните во Рафа. Сакаме ова да биде јасна порака до целиот свет. Мора да направиме се што можеме за да најдеме трајно решение и мир на Блискиот Исток“, рече Голоб.

Словенечката влада денеска ќе го испрати предлогот за признавање до парламентот кој треба да ја донесе одлуката.

Израелски медиуми: Граничната област Газа под контрола на Израел

илустрација
илустрација

Според извештаите на израелските медиуми, израелската армија ја презела контролата врз целиот Појас Газа долж границата со Египет, јави ДПА.

Израелските војници се стационирани во поголемиот дел од областа позната како Коридор Филаделфија, област долга 14 километри долж границата со Египет и Појасот Газа, објавија неколку медиуми синоќа, повикувајќи се на армијата.

Извештаите наведуваат дека во областа има околу 20 тунели кои водат кон Египет. Меѓу другото, Хамас, која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка организација, ги користел тунелите за шверц на оружје во Појасот Газа.

Се додава дека некои од тунелите се уништени. Наводно, на целиот тој простор има вкупно 82 тунели, јави ДПА.

На почетокот на мај израелските трупи почнаа да напредуваат во делови од градот Рафа на југот на Појасот Газа. Тие го окупираа единствениот граничен премин кон Египет на палестинска страна.

Израелските напади врз Рафа беа жестоко критикувани од Меѓународната заедница бидејќи градот е дом на стотици илјади внатрешно раселени палестински лица.

Војната на Израел и Хамас, беше предизвикана од нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври во кој загинаа повеќе од 1200 луѓе, главно цивили.

Иранските активисти ги критикуваат ОН поради планираното оддавање почит на Раиси

Иранскиот претседател Ебрахим Раиси на сесијата на Генералното собрание на Обединетите нации, 19 септември 2023 година.
Иранскиот претседател Ебрахим Раиси на сесијата на Генералното собрание на Обединетите нации, 19 септември 2023 година.

Обединетите нации (ОН) најавија церемонија во чест на загинатиот ирански претседател Ебрахим Раиси, што наиде на критики од активистите за човекови права кои го нарекуваат Раиси „месарот од Техеран“, пишува Радио Слободна Европа на англиски јазик.

Претседателот на Генералното собрание на ОН, Денис Френсис оддавање на почит на Раиси на 30 мај, кој заедно со иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахијан и неколку ирански претставници загинаа во хеликоптерска несреќа на 19 мај.

Највата за оддавање почит наиде на критики од активистите кои потсетуваат на наводната улога на Раиси во масовна егзекуција на политички затвореници во 1988 година, кога тој беше заменик обвинител на Техеран.

Тие исто така тврдат дека како претседател го надгледувал бруталното задушување на протестите во Иран, одржани по смртта на Махса Амини - девојката која почина во притвор поради наводно прекршување на обврската да ја покрие главата со шамија.

„Кога светските влади издигнуваат флагрантен прекршувач на човековите права на почесна позиција, како да тагуваат за мирољубива и демократска личност, тоа поставува опасен преседан“, напиша лауреатот на Нобеловата награда за мир Наргес Мохамади, кој е во затвор во Техеран.

Моника Грејли, портпаролката на Френсис, рече дека оддавањето почит на починатиот шеф на државата е дипломатска практика.

Но, иранскиот нобеловец, Ширин Ебади, тврди дека одлуката на ОН е во спротивност со сопствените протоколи, бидејќи Раиси не бил највисокиот ирански функционер, истовремено истакнувајќи дека мисијата на ОН неодамна изјавиле дека се извршени „злосторства против човештвото“ од страна на иранскиот режим за време на задушувањето на демонстрантите во 2022 година.

„[Врховниот водач ајатолахот] Али Хамнеи е највисокиот политички и воен функционер во исламската република. Секогаш кога ќе умрат, Обединетите нации можат да одржат четирикратна меморијална церемонија за нив заедно со Садам Хусеин, Моамер Гадафи и Хитлер“, рече Ебади во објава на Инстаграм.

„Сакам почитуваниот генерален секретар и претседател на Генералното собрание да го признаат Ебрахим Раиси како што народот на Иран го нарече, „месарот на Иран“ и „касап на Техеран“ по неговата смрт“.

ОН, исто така, ги вмешаа иранските власти во „физичкото насилство“ што доведе до смртта на Амини, покренувајќи дополнителни прашања за оддавањето почит на Раиси во Обединетите нации.

Украина одби напади со руски дронови врз три региони

Архивска фотографија - Во уништената зграда во Миколајев. Октомври 2023 година.
Архивска фотографија - Во уништената зграда во Миколајев. Октомври 2023 година.

Украинската воздушна одбрана соборила 13 од 14 беспилотни летала кои биле лансирани од Русија рано на 29 мај во три нејзини региони, објавија украинските воздухопловни сили на Телеграм.

„Како резултат на противвоздушна борба, 13 Шахед [дронови] беа соборени во регионите Миколајев, Кировохрад и Ривне“, се вели во пораката.

Нема информации за жртви или материјална штета.

Во меѓувреме, Венјамин Кондратиев, гувернер на јужниот руски регион Краснодар, во порака на Телеграм наведе дека украинско беспилотно летало е соборено од руската противвоздушна одбрана над градот Армавир.

Нема жртви или материјална штета, напиша Кондратиев.

Блинкен го пофали напредокот на Молдавија и подготовките за пристап во ЕУ

Американскиот државен секретар Антони Блинкен и претседателката на Молдавија Маја Санду. 29.05.2024.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен и претседателката на Молдавија Маја Санду. 29.05.2024.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен на 29 мај вети 135 милиони долари помош за Молдавија за енергетска безбедност и за спротивставување на руските дезинформации, потврдувајќи ја поддршката на Вашингтон за европската интеграција на Молдавија и нејзиниот суверенитет против руските закани, во услови на војната врз Украина.

Блинкен ја најави помошта и го изрази своето воодушевување од раководството на претседателката Маја Санду на заедничката прес-конференција со Санду во Кишињев, каде што тој е на станица пред да отпатува за Прага на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО.

Тој го пофали неодамнешниот напредок постигнат во Кишињев, вклучително и борбата против корупцијата и подготовките за пристап во ЕУ.

„Пред две години, кога бев тука, разговаравме за тоа како ќе можеме да изградиме динамична Молдавија, закотвена во Европа, која живее во мир. И покрај сите тешкотии со кои се соочувате, презедовте конкретни чекори за исполнување на оваа визија, која ќе создаде силна иднина, преку напредок на европскиот пат“, рече Блинкен.

Блинкен, исто така, повторно се заблагодари на Молдавија за помошта што им ја пружи на украинските бегалци.

„Вие навистина сте мала земја со големо срце“, рече Блинкен.

Од почетокот на целосната инвазија на Русија, Соединетите Држави и обезбедија на Молдавија финансиска помош од 774 милиони долари. Речиси половина од таа сума, 300 милиони долари, беа наменети за енергетска безбедност.

Санду рече дека помошта од САД е искористена за поттикнување на енергетската безбедност, модернизација на земјоделството и борба против корупцијата.

„Всушност, на овој начин не поддржувате во остварувањето на нашиот сон Молдавија да стане земја на загарантиран мир, слобода и благосостојба“, рече Санду.

Блинкен ја посети Молдавија поради загриженоста од обновените закани од Русија и за Молдавија и за Грузија.

Русија сè уште има 1.500 војници стационирани на спорната територија Трансдњестар, а во Грузија ги поддржува антизападните потези на владејачката партија кои се спротивни на нејзините аспирации за пристап во Европската унија.

И двете земји имаат кандидатски статус за приклучување во ЕУ.

Блинкен, исто така, одговори на прашањата дали западните поддржувачи на Украина ќе му дозволат на Киев да го користи оружјето што го обезбедиле за да напаѓа цели во Русија. Одговорот на Блинкен беше дека сојузниците на Украина ќе ги „прилагодат и приспособат“ своите испораки на оружје за да го обезбедат нејзиниот успех.

„Бидејќи она што го прави Русија се промени во однос на тоа како ја продолжува својата агресија, ние се приспособивме на тоа и убеден сум дека ќе продолжиме да го правиме тоа“, рече Блинкен.

Џејмс О'Брајан, највисокиот американски дипломат за Европа, минатата недела рече дека во овој момент нема директна воена закана за Молдавија од Русија, но рече дека има „тековни операции за руско влијание и дека тоа е загрижувачко“.

Молдавија постојано ја обвинува Русија дека се меша во локалните избори и води кампањи за дезинформации во обид да ја собори владата и да го попречи нејзиниот пат кон пристапување во ЕУ. Санду рече дека очекува руската дезинформации да се зголемат во наредните месеци. Русија ги отфрли обвинувањата.

Во Грузија, тие стравови се интензивираа на 28 мај, кога парламентот на земјата го отфрли претседателското вето на нацрт-законот за „странски агент“ што предизвика неколкунеделни улични протести против законот. Демонстрантите велат дека тоа ќе ја ограничи слободата на медиумите и ќе ги попречи аспирациите на Грузија за ЕУ.

Макрон - на Украина треба да и се дозволи да гаѓа цели во Русија

Францускиот претседател Емануел Макрон.
Францускиот претседател Емануел Макрон.

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека се залага да ѝ се дозволи на Украина да ги напаѓа воените бази внатре во Русија со оружје со долг дострел обезбедено од западните партнери.

На 29 мај Макрон се приклучи на претходните изјави на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, кој исто така повика на промена на таа позиција поради сложеноста на војната во Украина.

Прашањето дали да ѝ се дозволи на Украина да гаѓа цели на руска територија со оружје испорачано од Запад е деликатно откако Москва ја започна својата инвазија врз Украина на 24 февруари 2022 година, пишува АП.

Украина ги притиска своите западни поддржувачи да ѝ дозволат да гаѓа цели во Русија користејќи оружје со поголем дострел што Киев го добива од Западот.

Клучните поддржувачи на Украина, вклучително и САД и Германија, не сакаа да дозволат Киев да изврши напади преку границата поради стравот дека би можело да ги доближи до директен конфликт со Москва.

Макрон рече дека позицијата на Франција е дека на Украина мора да ѝ се дозволи да ги неутрализира руските воени локации од кои истрелува проектили.

„Ако им кажеме на Украинците дека немаат право да ги таргетираат местата од кои се испукани проектили кон нив, ние всушност им кажуваме дека ќе ве снабдуваме со оружје, но дека не можете да се браните со него“, рече Макрон на прес-конференци за време на неговата официјалната посета на Германија.

И шефот за надворешна политика и безбедност на Европската унија, Жозеп Борел, ги повика земјите да ги балансираат стравувањата од ескалација со потребата на Украина да се брани, велејќи дека Киев има право да користи западно оружје за да нападне внатре во Русија.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG