Достапни линкови

Скопје под силно полициско обезбедување


Во очи на најавениот митинг на опозицијата, закажан за вечерва во 20 часот од синоќа и изутрината, Скопје е под силно полициско обезбедување. Припадниците на безбедносните сили во голем број се присутни околу Собранието и под должината на трасата што води кон него, додека улиците околу објектот се исклучени од сообраќај:

„Што се однесува до бројот на полицајци што ќе бидат ангажирани, ќе бидат ангажирани, онолку колку што ќе биде потребно. Целта ни е митингот да помине без нарушување на јавниот ред и мир и да докажеме дека може да се организира протест без да има интервенција на полицијата и да биде помине мирно.“

изјави Горан Павловски, портпарол на МВР. Во меѓувреме не е најавено каква било блокада на Собранието во утринските часови пред почетокот на собраниската седница, како што првично планираа некои опозициски партии. Под впечаток на таквиот полициски режим и сопствените подготовки, организаторите на митингот во Скопје, велат:

„Досега сите подготовски течат, нема никакви проблеми, меѓутоа она што го прави власта манифестира сила, Парламентот е ограден со жици и тоа на неколку стотина метри околу Парламентот се протега таа забранета зона за движење и затоа ние она што го подготвувавме како симболична блокада на Парламентот, e симболично да ги предупредиме пратениците дека не треба да го прифатат овој предлог на закон, тоа го направи самата Влада.“

изјави Павле Трајанов од Коалицијата која е вклучена во блокот опозициски партии, кои незадоволни од договорот на власта за децентрализација застанаа како организатори на народниот протест. Тој е најавен како мирен, демократски и масовен:

„Се работи за сосема легитимно право, граѓаните на мирен, достоинствен, цивилизациски начин да протестираат пред Парламентот да кажат не на делбите на Македонија и тоа право очекувам вечерва масовно да го искористат граѓаните на Република Македонија.“

На протесот според најавите се планира да пристигнат голем број автобуси со внатрешноста кои кон Скопје треба да се упатат во попладневните часови. Инаку во градот освен трасите по кои ќе минуваат оние што ќе митингуваат, под полициско обезбедување од превентивни причини се наоѓа и штабот на СДСМ. Барање за обезбедување од други политички партии засега не е побарано, вели портпаролот на МВР, Горан Павловски.
XS
SM
MD
LG