Достапни линкови

Седницата тече во напната атмосфера


Жешката тема, децентрализација конечно и пред парламентарците. Започна собраниската расправа по пакетот закони за децентрализација, кои предизвикаа огромен револт кај опозициските партии и дел од македонските граѓани. Како што се очекуваше, седницата започна со остри реакции од опозицијата, прво за редоследот и начинот на кој Министерот за локална самоуправа Александар Гештаковски ги образложи 29-те закони од пакетот за децентрализација:

„Расправата која денес започнува во една вжештена атмосфера, не обврзува сите нас да бидеме крајно внимателни, затоа низ расправа со аргументи и одговорно, со цел навремено да бидат превземени потребните дејствија заради распишување и одржување на локалните избори, Владата му предлага на Собранието, предлог законите да бидат ставени на дневен ред, разгледани и усвоени во согласност со Деловникот на Собранието.“

По што следеа реакции од опозициските пратеници:

„Ќе биде доблесно да се поништи гласањето и секоја од точките на дневниот ред поединечно да се гласа. Која е итноста и кое е соодветно, дали ќе биде тоа претседателот на Владата или соодветното ресорно министерство.“

„Немојте да правите од почеток нервозна атмосфера, бидејќи не ви е тоа намера, верувам, меѓутоа тоа ќе биде плодот и ќе се поремети една расправа, за многу одговорна, за многу важна тема, а тоа е децентрализацијата.“

„Се започнува на срамен начин. Неможе да се игнорира мислењето во Македонија.“

Инаку опозицијата амадмански ќе реагира на пакетот закони за децентрализација. Се најавува дека ќе бидат поднесени дури над 100 амандмани:

„Фокусирани сме на Струга, на Кичево, на Скопје и на сите општини кои што се укинуваат.“

вели Координаторот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ, Коце Трајановски.
Што се однесува пак, до владеачката СДСМ оттаму со став дека потребни се само мали технички интервенции на предлог законите за децентрализација и дека не планираат поднесување амандмани.

„Се работи за неколку технички случаи каде што се потребни исправки, меѓутоа концептот на законот во основа останува ист.“

изјави портпаролот на СДСМ, Борис Кондарко. Пратениците инаку, до 7-ми август треба да ја завршат расправата и да ги усвојат пакетот закони за децентрализација кога и истекува законски предвидениот рок за закажување на локалните избори кои треба да се одржат кон втората половина од месец октомври.
XS
SM
MD
LG