Достапни линкови

Минатата година бројот на бегалците на најниско ниво во изминатата декада


Во пресрет на утрешниот Ден на бегалците Обединетите Нации соопштија дека во минатата година бројот на бегалците во светот паднал на најниско ниво во изминатото десетлетие. Сепак, Високиот комесаријат за бегалци предупредува дека постојат кризни жаришта, како во Судан, кои постојано предизвикуваат вакви хуманитарни катастрофи.

Ахмед Адам Ахмед е еден од сто триесете илјади луѓе кои се сместени во бегалскиот камп во Чад, кои, поради борбите во суданскиот регион Дафур ги напуштиле своите домови.

„Нашиот живот е многу тежок, бидејќи некогаш не наоѓаме доволно храна и вода.“

Вели Ахмед. Но, тоа не е единствениот камп за суданските бегалци кои ги има околу два милиона. Во минатата година во регионот Дафур од нападите на арапски вооружени групи биле убиени над триесет илјади луѓе. Организациите за човекови права велат дека станува збор за етничко чистење, поддржано од суданската влада, на локалното африканско црнечко население. УНЦХР оцени дека нивниот случај претставува најголема хуманитарна катастрофа во светот. Џејн Бесли од британската добротворна агенција Оксфем деновиве беше во посета на некои од нив.

„Видов групи деца позади камион цистерна кои во рацете ги собираа капките вода. Видов деца кои гладуваат и кои страдаат од разни инфективни заболувања. Додека бев таму единаесет од нив починаа од диареа. Тоа беше страшно.“

Изјави Џејн Бесли за страдањата на луѓето од Дафур кои фрлија сенка на новите охрабрувачки бројки за опаѓањето на бегалците во светот. Имено, во минатата година, според податоците на УНХЦР, ги имало девет милиони и седумстотини илјади што е најмал број во изминатата декада. Високиот комесар за бегалци Руд Луберс соопшти дека во изминативе неколку години скоро пет милиони се вратиле во своите домови или пак нашле нови места за живеење.

„Бегалците никогаш не се откажуваат од нивниот сон за дома, место кое можат да го наречат свое. Фактот што тие ја чуваат таа надеж не инспирира сите нас.“

Изјави Луберс. Но, по се изгледа, ваквата надеж е се уште далечна за бегалците од Судан

„Сигурна сум дека сите се надеваме оти би можело луѓето да се вратат во нивните села, но јас не сретнав ниту еден од нив кој има намера да го стори тоа, бидејќи се плашат од она што може да им се случи таму.“

вели шефот на УНИЦЕФ Керол Белами која деновиве ги посети суданските бегалци.
XS
SM
MD
LG